Печалбарските патишта на Македонците во Австралија

  • Иако многумина од првите печалбари од 1919 година се вратиле назад, тие ги поставиле темелите за подоцнежните бранови на македонската миграција во Австралија. Нивната издржливост во суровата австралиска пустелија (outback) е сведоштво за македонската мака, но и за нескршливиот дух да се преживее и да се успее и на крајот на светот

Историјата на македонската дијаспора всушност е историја на болка и надеж, на разделби и повторни средби, на тишината на празните огништа и на гласот на новите заедници што никнуваат далеку од татковината. Феноменот на печалбарството е сржта на таа приказна – тој е мостот што ги поврзува селата на Македонија со рударските градови на Австралија, со фабриките во Америка, со лозјата во Канада. Кон крајот на 19 век и почетокот на 20 век, илјадници Македонци, главно мажи, тргнале на пат што не бил само географски туку и егзистенцијален. Зад себе оставале распарчена Македонија, сиромаштија и умор од војни, а пред себе ги чекал непознат свет. Еден од најсуровите и најсимболични пунктови на оваа миграција бил рударскиот град Броукен Хил во далечната пустелија на Нов Јужен Велс.
Пристигнати со бродови, без познавање на англискиот јазик и со неколку фунти во џебот, овие рани македонски доселеници се соочиле со пејзаж што изгледал како од друга планета – пустош, црвена земја, камен и прашина. Во рудниците за сребро и олово, тие ги вложувале својата сила и младост, често по цена на здравјето и животот. „Секој ден беше борба – борба со каменот, со јазикот, со осаменоста“, сведочел еден од печалбарите во мемоарите што денес се чуваат во архивите. Но од таа сурова реалност никнала и нова заедница. Македонците во Броукен Хил не останале само рудари – тие станале градители на културни мостови. Организирале собири, пееле народни песни, граделе мали цркви и клубови каде што се чувала меморијата на татковината. Печалбарството, иако болка, станало и семе на дијаспората – семе што никнало во далечни земји, но секогаш со корен во Македонија.
Оваа приказна за Броукен Хил е само една нишка во големата ткаенина на македонската дијаспора. Таа покажува дека егзистенцијата во туѓина не била само економска нужност туку и културна мисија – да се преживее, но и да се зачува македонскиот идентитетот.

Наместо зелените ридови на Леринско, Костурско или Битолско, печалбарите ги пречекале неподнослива пустинска жештина, сув ветер и црвена прашина што се лепела за кожата, влегувала во очите и градите, оставајќи чувство дека секој здив е борба. Тоа била првата лекција на далечната пустелија – дека природата е суров противник, а човекот мора да ја совлада за да преживее. Во 1919 година, Броукен Хил бил центар на тешка индустрија и силно синдикално движење. Историската година останала запаметена по Големиот штрајк, кој траел од 1919 до 1920 година, кога рударите се кренале против суровите услови и неправедните плати. Во тие бурни времиња, македонските печалбари биле меѓу оние што ја носеле најтешката физичка работа – копале длабоко под земјата, во рудниците за сребро и олово, каде што секој удар со пиокот бил како борба со сопствената судбина.
Иако дојдени како странци, без јазик и без права, Македонците постепено станале дел од синдикалната борба. Тие ја делеле судбината со Ирците, Италијанците и со другите доселеници, создавајќи братство во подземјето. Штрајкот од 1919 година до 1920 година не бил само економска битка туку и чин на достоинство – доказ дека дури и најсиромашниот печалбар има право на глас. Рудникот бил повеќе од работно место – тој бил метафора за печалбарскиот живот. Длабочината на земјата ја симболизирала длабочината на разделбата од татковината, а секој излез на површина бил како краток здив на слобода. Во тие услови, македонските печалбари не само што заработувале за семејствата дома туку и ја ковеле својата нова историја – историја на дијаспората што никнала во најсуровите услови.
Работата на македонските печалбари во Броукен Хил била сурова и опасна. Во рудниците за сребро и олово тие секојдневно биле изложени на повреди, труење со олово и постојан ризик за животот. Секој ден бил како борба со каменот и со сопствената издржливост. „Рудникот не простуваше – секој здив беше со вкус на прашина“, запишал еден печалбар во своите белешки.

Над земјата, нивниот живот бил еднакво тежок. Живееле скромно, по неколку мажи во мали дрвени колиби или шатори, штедејќи го секој заработен шилинг. Секој шилинг бил симбол на надеж дека дома, во Македонија, нивните деца ќе имаат подобар живот. Секоја испратена фунта преку пошта била како невидлив мост меѓу пустината на Австралија и зелените ридови на Леринско, Костурско или на Битолско. Но најтешка била осаменоста. Во градот речиси и да немало македонски жени во тоа време; тоа бил машки свет на тешка работа и тишина. Недостигот од семејна топлина и блискост ја засилувал болката на печалбарството. Навечер, околу огнот во пустината, тие пееле тажни печалбарски песни – за мајките, за невестите, за притиснатото срце што чезнее за домот. Песните биле нивниот единствен начин да ја скршат тишината и да ја одржат врската со татковината.
Тие песни не биле само израз на носталгија туку и сведоштво за идентитетот. Во нив се слушала болката на разделбата, но и силата на заедништвото. „Кога пеевме, беше како да сме дома“, сведочел еден печалбар. Песната станала нивниот духовен штит, нивната татковина во изгнанство.


Писма од „црвената земја“

Драга моја Стојанка, Ти пишувам од оваа пустина каде што сонцето ја гори и кожата и душата. Овде земјата е црвена како крв, а лебот го заработуваме длабоко под неа, во темнината каде што сонцето никогаш не изгрева. Среброто што го копаме за туѓинците има сјај, но нашиот живот овде нема. Во Брокен Хил сме неколкумина од нашиот крај. Се држиме еден за друг. Кога ќе заспијам, не го слушам татнежот на машините, туку шумот на изворите во нашето село. Чувај ги децата и нивата. Овде штедам секој шилинг. Уште малку, Стојанко, уште некоја фунта, па ќе ги спакувам куферите и ќе се вратам таму каде што припаѓам. Овој впечатлив извадок од писмо на македонски печалбар во Австралија упатено до неговата сопруга дава приказ за напорната работа на Македонците што отишле во Австралија во потрага по заработка.

Автор: Душко Апостолоски, дописник на „Нова Македонија“ од Австралија