Најновиот извештај на „Евростат“ за минималните
плати во Европа во втората половина од 2026 година
Најновата анализа на „Евростат“ за минималните плати во Европа во втората половина од 2026 година покажува дека номиналниот износ на платата не ја открива докрај целата слика по таа основа. Имено, додека Луксембург и натаму убедливо води според висината на минималната плата, рангирањето драматично се менува кога ќе се пресмета реалната куповна моќ, поточно, колку навистина може да се купи со тие пари во секоја земја.
За нас во Македонија ова е еден од најинтересните заклучоци од извештајот на „Евростат“. Иако според номиналната минимална плата ние сме во долниот дел на европската листа, сепак, според куповната моќ, Македонија бележи еден од најголемите скокови во Европа.
Само осум европски земји ги зголемиле минималните плати
Периодот од јануари до јули 2026 година беше релативно мирен кога станува збор за минималните плати. Од вкупно 29 европски земји опфатени со анализата, само осум ги зголемиле законски утврдените минимални плати, иако инфлацијата во еврозоната во истиот период достигнала 3,2 проценти.
Најголемо номинално зголемување е регистрирано кај нас во Македонија – 6,9 проценти. Веднаш зад неа се Романија и Естонија со по 6,8 проценти, потоа Белгија со 5,8 проценти, Грција со 4,5 проценти, Луксембург со 2,5 проценти, Франција со 2,4 проценти и Холандија со 1,9 процент.
Во сите други земји минималните плати останале непроменети.
„Евростат“ ја дели Европа во три групи
Во јули 2026 година, највисока минимална бруто-плата има Луксембург – 2.771 евро месечно. По него следуваат Република Ирска со 2.391 евро, Германија со 2.343 евра, Холандија со 2.338 евра и Белгија со 2.234 евра. Овие пет држави ја формираат елитната европска група со минимална плата повисока од 2.000 евра месечно. Франција е веднаш зад нив со 1.867 евра.
Средната група ја сочинуваат девет држави со минимална плата меѓу 1.000 и 2.000 евра. Во неа се Словенија со 1.482 евра, Шпанија со 1.425 евра, Литванија со 1.153 евра, Полска со 1.119 евра, Кипар со 1.088 евра, Грција и Португалија со по 1.073 евра, како и Хрватска со 1.050 евра.
Во третата група, со минимална плата под 1.000 евра, се наоѓаат повеќе од половина од анализираните земји – вкупно 15. Најниските минимални плати се забележани во Украина – 169 евра и во Молдавија – 313 евра.
Во рамките на Европската Унија најниска минимална плата има Бугарија – 620 евра. Интересно е што четири земји кандидатки имаат повисок минимален износ: Турција со 621 евро, Македонија со 624 евра, Црна Гора со 670 евра и Србија со 743 евра.
Параметарот (стандардот за пресметка) наречен „куповна моќ“ ја менува целата слика
Вистинската слика се добива кога платите ќе се пресметаат во стандарди на куповна моќ (ППС), показател што ги елиминира разликите во цените меѓу државите и покажува што навистина можат да си дозволат граѓаните со својата плата. Токму тука доаѓа до најголемите промени.
Според оваа методологија, Германија е прва во Европа со 2.164 ППС, пред Луксембург со 2.108, Холандија со 2.023, Белгија со 1.922 и Ирска со 1.756 ППС. Над 1.500 ППС имаат и Франција, Словенија, Шпанија и Полска.
На другата страна од листата, меѓу земјите членки на Европската Унија, најниско се рангирани Естонија со 935 ППС и Летонија со 938 ППС.
Македонија престигнува седум земји од Европската Унија
Најинтересниот дел од анализата е позицијата на земјите кандидатки. Имено, Македонија достигнува 1.142 ППС, додека Србија има 1.094 ППС. Тоа значи дека според реалната куповна моќ минималната плата во овие две земји е повредна отколку во седум земји членки на Европската Унија, меѓу кои се Малта, Словачка, Унгарија и Чешка.
Ова не значи дека македонските работници заработуваат повеќе од работниците во овие држави, туку дека пониските трошоци за живот прават минималната плата да има поголема реална вредност.
Македонија меѓу најголемите добитници во Европа
Разликата меѓу номиналното рангирање и рангирањето според куповната моќ покажува колку може да биде различна економската реалност. Најголем напредок бележи Романија, која се искачува за осум позиции – од 20-то на 12-то место.
Ист таков скок има и Македонија, која од 24-то место според номиналната минимална плата се искачува на 16-то место според куповната моќ. Србија напредува за пет места, додека Хрватска и Бугарија се подобруваат за по три позиции. Најголем пад има Естонија, која се спушта од 16-то на 26-то место. Летонија, Чешка и Кипар губат по четири позиции.
Не сите европски земји имаат законска минимална плата
„Евростат“ потсетува дека пет земји членки на Европската Унија и натаму немаат законски утврдена национална минимална плата. Тоа се Италија, Данска, Шведска, Австрија и Финска, каде што висината на најниската плата најчесто се определува преку колективни договори меѓу синдикатите и работодавците.
Податоците покажуваат дека високата номинална плата сама по себе не е доволна за да се оцени животниот стандард. Разликите во цените, трошоците за домување и животните расходи можат значително да ја променат реалната вредност на заработката.
За Македонија, извештајот носи двојна порака. Земјата и натаму е меѓу државите со ниски номинални минимални плати во Европа, но истовремено е меѓу најголемите добитници кога критериумот е реалната куповна моќ. Дополнително, Македонија е земјата со најголемо зголемување на минималната плата во Европа во првите шест месеци од 2026 година, што е податок што ја издвојува меѓу сите анализирани држави. Е.Р.


































