Деновиве на Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола, кој работи во составот на Универзитетот ,,Св. Климент Охридски“ во Битола, се одржа промоција на новонабавена опрема за виртуелна реалност. Опремата, која е во вредност од стотина илјади евра, вклучува повеќе компоненти: компјутери, дронови, сензори, но, секако, најатрактивна и уникатна е куполата за виртуелна реалност, која на средношколците и на студентите може да им понуди поквалитетна обука и настава преку користење на технологиите од виртуелната реалност

НА БИТОЛСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ВИРТУЕЛНАТА РЕАЛНОСТ СТАНУВА СТВАРНОСТ

Проектот за виртуелна реалност е реализиран откако управата и сенатот на Битолскиот универзитет донесоа одлука за основање универзитетски центар за виртуелнo инженерство (ЦВИ), со седиште на Факултетот за информатички и комуникациски технологии.
Според зборовите на ректорот на битолскиот универзитет, проф. д-р Игор Неделковски, опремата за виртуелна реалност ќе овозможи нова димензија во наставата и истражувачката работа на универзитетот. Од УКЛО велат дека Центарот за виртуелно инженерство на ФИКТ ќе биде отворен за сите заинтересирани – факултети, универзитети, средношколци, компании.
– Очекуваме дека студентите, но и сите други, ќе можат да добијат поквалитетна обука и настава, поблиска до реалноста, преку користење технологија во виртуелната реалност – вели ректорот на УКЛО, Игор Неделковски.
Деканот на факултетот, проф. д-р Благој Ристевски, со задоволство истакнува дека куполите претставуваат извонредна платформа за едукативни презентации на различни теми, кои наедно ќе се користат и за ангажирање на студентите во интерактивни искуства за учење, за симулациски тренинг и други напредни мултисензорни искуства. Куполата, која има големи апликативни можности, покрај во редовната настава и истражувањата, ќе се користи и во активностите на алијансата „Колорс“ и ќе помага во трасирањето позитивни промени, каков што е впрочем и Центарот за виртуелнo инженерство.
Ова е прва купола за виртуелна реалност не само на универзитетите во Македонија туку и пошироко на Балканот.
Опремата ќе овозможи нова димензија во наставата и истражувачката работа на битолскиот универзитет. Неа ќе можат да ја користат сите други факултети на битолскиот универзитет, да реализираат практична настава и проекти.
Од УКЛО велат дека суштината на оваа купола е секој да се најде во околина многу блиска до реалната и да се изведуваат разни истражувања, и научни и едукативни.
– На Факултетот за информатички и комуникациски технологии ќе се развиваат апликации и мултимедиумски содржини со кои ќе се овозможи присутните да потонат во виртуелната реалност и да ја доживеат на ист начин како да биле присутни таму. Виртуелната купола исто така ќе овозможи популаризација на техничките науки, инженерските и компјутерските науки, бидејќи наоѓа примена во сите области од образованието, за научни истражувања итн. Виртуелната купола и содржините што ги имаме на располагање предизвикаа големо внимание кај студентите на Факултетот за информатички и комуникациски технологии – рече на промоцијата деканот на ФИКТ проф. д-р Благој Ристевски.
Според него, ова ќе значи и поголема соработка на битолскиот универзитет со ИТ-компаниите, бидејќи оваа опрема ја нема на другите универзитети во Македонија, и ќе може заедно со студентите да работат на апликации и да креираат содржини соодветни за одредена тема.
Студентите од битолскиот универзитет ќе може виртуелно да патуваат со првата купола за виртуелна реалност, која е единствена во регионот. Сепак, оваа најнова опрема инсталирана во Центарот за виртуелно инженерство на Факултетот за информатички и комуникациски технологии ќе даде нови димензии во наставата и истражувачката работа на УКЛО.
– Ќе се овозможи користење на виртуелната купола на инверзивен и семиинверзивен начин, со што присутните ќе може да потонат во виртуелната реалност и да ја доживеат ист начин како да биле присутни таму – изјави деканот на ФИКТ, Благој Ристевски.
Куполата ќе овозможи популаризација на техничките, инженерските и компјутерските науки, а ќе најде примена и во сите области од образованието, обуки, научни истражувања.
– Дефинитивно сакаме да ја пробаме виртуелната реалност, да почувствуваме дека сме на друго место, во други држави, но и да ги искористиме најновите системи за да направиме интересни содржини – вели Томислав Анчевски, студент на ФИКТ.
Инаку, основа на функционирање на Центарот за виртуелнo инженерство (ЦВИ) е опремата што е обезбедена од Ректоратот на УКЛО, како придобивка од проектот СОЛВЕ, финансиран од Европската Унија.