Фото:„Нова Македонија“

Ако шефот на дипломатијата веќе забележал прекршување на Повелбата на ОН и меѓународното право, тогаш најдобро е при претседавањето тоа да го посочи на македонскиот пример! Тој треба да побара исправање на „неоправданите и погрешни потези“ на нејзините соседи, со кои беа прекршени основите на меѓународното право. Тоа не само што е во најголем интерес токму на Македонија туку има длабок интерес и за меѓународната заедница воопшто, за да се обележат и да останат во историјата примерите за прекршување на меѓународниот поредок и право и да не се повторуваат. Претседавањето треба да се искористи за да се направи еден вид бела книга за недоследностите на меѓународната заедница кон Македонија, со порака дека темелните принципи на демократскиот поредок и правила треба да важат еднакво за сите, без оглед дали станува збор за големи или мали држави

Османи како претседавач со ОБСЕ ги најави приоритетите за време на претседавањето

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи неодамна во Виена ги претстави приоритетите на македонското претседавање со Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ), кое започнува на 1 јануари следната година, а како главни ги наведе конфликтот во Украина, намалување на последиците од кризата, енергетската безбедност, како и безбедноста на храната и на водата.
За Османи, Русија со нападот врз Украина ги прекршила Повелбата на ОН, меѓународното право, но и сите хумани вредности, истите елементи со кои Македонија се соочи во изминатите три децении и продолжува да се соочува.
– Агресијата на Руската Федерација против Украина е неоправдана и погрешна. Тоа е флагрантно прекршување на Повелбата на ОН, основните премиси на меѓународното право, а пред сè вредностите на хуманоста. Оваа војна ги нагризува и темелите на ОБСЕ, чија визија како центар на меѓуконтинентална безбедносна соработка е сериозно тестирана. Како претседавач со организацијата во 2023 година, конфликтот во Украина и намалување на далекосежните последиците од кризата ќе бидат наш висок приоритет – нагласи Османи.

Сите прекршувања на меѓународното право врз Македонија, собрани на едно место, како учебник на недоследности – во белата книга

Ако шефот на дипломатијата веќе забележал прекршување на Повелбата на ОН и меѓународното право, тогаш најдобро е при претседавањето тоа да го посочи на македонскиот пример! Тој треба да побара исправање на „неоправданите и погрешни потези“ на нејзините соседи, со кои беа прекршени основите на меѓународното право. Тоа не само што е во најголем интерес токму на Македонија туку има длабок интерес и за меѓународната заедница воопшто, за да се обележат и да останат во историјата примерите за прекршување на меѓународниот поредок и право и да не се повторуваат. Претседавањето треба да се искористи за да направи еден вид бела книга за недоследностите на меѓународната заедница кон Македонија, со порака дека темелните принципи на демократскиот поредок и правила треба да важат еднакво за сите, без оглед дали станува збор за големи или мали држави.
Во таа насока треба да се спомене и потребата од спроведување на сите пресуди на Судот за човекови права од Стразбур што ги добија Македонците од Пиринска Македонија, а кои Бугарија упорно одбива да ги спроведе.
Универзитетскиот професор Живко Андревски се согласува дека претседавањето со ОБСЕ е одлична шанса да се поработи малку на заштитата и на македонските интереси.
– Македонија треба да „профитира“ од претседавањето со ОБСЕ, и како држава и како претседавач, со застапување на универзалните европски и меѓународни вредности и критериуми што во долгорочна смисла би биле во полза на Македонија. Ако земјава претседава со ОБСЕ и ги потврдува историските достигнувања на Организацијата, кога детантот победи, односно кога Студената војна се ублажи и кога сега се повторуваат нејзини елементи на Балканот и во Македонија, нормално дека добива голема шанса таму да се покаже дека е застапник на тоа најголемо историско достигнување – мирољубива коегзистенција, мирно решавање на конфликтите, без закани со сила, без територијални претензии, со почитување на сечии права – вели Андревски.
Според него, ако во рамките на претседавањето земјата се држи до општите вредности, тогаш може да го спомене и македонскиот пример на погазување на овие вредности по сите основи.
– Ова претседавање, Македонија треба да го искористи во принцип за општи вредности и во принцип за сопствените интереси, така што поддржувајќи ги и практикувајќи ги принципите на меѓународното право и постулатите содржани во Повелбата на ОН, сака истовремено да ја чува и да ја заштити својата државност, територијално, политички, историски, економски, културно итн. и така да покаже дека ние во нашата историја никогаш не сме биле агресивни, туку сме биле мирољубиви, демократски, европски и светски. Македонија не нарушила ниту еден модерен, современ меѓународен принцип – изјави Андревски.

Извонредна шанса како претседавач со ОБСЕ да го истакне сопствениот пример за прекршу вање на Повелбата на ОН и меѓународното право

Многу негативни и непринципиелни работи од областа на меѓународното право Македонија почувствува врз својот грб. Штета е што истото тоа ОБСЕ претходно прифатило еден дел од македонските соседи да бидат непринципиелни и агресивни, додека од Македонија се бара сè да прифати, дури и тогаш кога е спротивно на меѓународните правни принципи – истакнува Андревски.
Тој изрази надеж дека Македонија ќе ја искористи шансата како претседавач со ОБСЕ да спомне за сите овие работи, наместо само да се фокусира на проблемите во другите делови од светот.
– Треба да се истакнат овие работи што ни се наметнаа. Не можевме да влеземе во ОН според критериумите на организацијата, не можевме да влеземе во НАТО според истите правила, а сега и за влез во ЕУ ни се наметнуваат неевропски критериуми. Додека ние цело време се однесувавме плодотворно, сите други субјекти околу нас не го прават тоа. Сега е голема шанса и индивидуално да го потврдиме тоа – заклучува Андревски.
И професорот по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград, Игор Јанев, препознава шанса како претседавач со ОБСЕ, Македонија да го истакне сопствениот пример за прекршување на Повелбата на ОН и меѓународното право, но се сомнева дека овдешните политичари ќе имаат храброст да направат такво нешто.
– Македонија како претседавач со ОБСЕ може да ги истакне прекршувањето на меѓународното право и вршењето на ентноцидот, но за тоа се потребни храбри и патриотски настроени политичари – вели Јанев.
Тој прецизно посочува во кои сегменти е нарушена Повелбата на ОН во случајот со Македонија и се надева дека во заложбите за враќање кон меѓународното право, земјава нема да биде изоставена.
– Кога министерот Османи говори за прекршување на Повелбата на ОН, може слободно да истакне и дека таа во македонскиот случај е прекршена во членот 1. во врска со самоопределување, во чл. 2 став 1: суверена еднаквост, во чл. 2 став 4: политичка независност: во чл. 2 став 7. немешање во внатрешните работи на државата-членка на ООН. Потоа, прекршени се и сите одредби што се однесуваат на почитување на човековите права, како и одредбите со кои се забранува дискриминацијата на една држава – прецизира професорот Јанев.
Тој уште појаснува дека Повелбата на ООН е уставен акт на меѓународното право и сите други договори мора да се во согласност со овој највисок акт.