Фото: Маја Јаневска - Илиева

Не постои реална закана по безбедноста, изјави вечерва министерката за одбрана Славјанка Петровска, при гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ21, додавајќи дека институциите успешно си ја работат својата работа.

– Апсолутно проценките, анализите и информациите со кои располагаме велат дека до овој момент не постои реална закана за безбедноста во Северна Македонија – нагласи министерката за одбрана.

Во врска со случајот за наводно сексуално вознемирување во Армијата што денеска од собраниската говорница го актуелизира пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки, таа кажа дека за таков случај досега не била информирана.

– Ако нешто до мене стигне како информација, секогаш без двоумење и притоа без да водам јас истрага, веднаш го повикувам шефот на военото разузнавање и информирам за сите информации кои стигнале до мене – изјави Петровска.