Фото: ЕПА

Европа меѓу дипломатијата и војната: Кој навистина го кочи мирот во Украина?

  • По повеќе од три години војна, сè погласни стануваат процените дека и Москва и Киев, секој од свои причини, бараат пат кон политичко
    решение на конфликтот. Додека Русија настојува да обезбеди мировен договор што нема да изгледа како повлекување од своите принципи
    поради кои почна судирот, а Украина се обидува да ги капитализира своите преостанати преговарачки позиции, дел од европските политички елити продолжуваат да инсистираат на стратегија на долгорочна конфронтација. Во услови кога САД сè повеќе се преокупирани со кризите на Блискиот Исток, Европа се соочува со историска дилема, дали ќе биде двигател на мирот или ќе остане заложник на амбицијата да се наметне како нов самостоен воен и геополитички центар на моќ. Токму во оваа противречност се наоѓа клучот за разбирање на денешната украинска криза и неизвесната иднина на европската безбедност

Додека војната во Украина влегува во нова фаза на исцрпување, а фронтовите сè потешко носат одлучувачки воени резултати, се наметнува прашањето дали најголемата пречка за мирот денес навистина се наоѓа на линијата Москва–Киев или, пак, во политичките центри на моќ во Брисел.

Во духот на Енкориџ

Последните масовни руски напади врз Киев повторно ја отворија дебатата за вистинските цели на Кремљ. Според дел од воените и геополитичките аналитичари, Москва со ваквите операции не испраќа порака само до Украина туку пред сè до Европа. Пораката е едноставна, а тоа е дека „војната не може да заврши без компромис што ќе ги земе предвид и руските безбедносни интереси“. Во таа смисла, во дипломатските кругови сè почесто се споменува т.н. дух на Енкориџ, односно неформалната рамка што произлегла од разговорите меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп на Алјаска минатата година. Иако таков договор никогаш не бил официјално потпишан, според тврдењето на голем број извори, „Москва продолжува да се повикува на него како на минимална основа за идни преговори“.

На кој начин Москва настојува да создаде услови за политичко решение?

Од руска перспектива, продолжувањето на војната носи огромни финансиски, воени и демографски трошоци. И покрај воените успеси на одредени делови од фронтот, Кремљ е свесен дека долгорочната конфронтација со Западот навистина претставува сериозен товар за руската држава. Токму затоа, според ова гледиште, Москва настојува да создаде услови за политичко решение, кое би можела да го претстави како стратегиска победа пред домашната јавност. Откажувањето од целосното заземање на Запорожје и Херсон, доколку навистина тоа било предмет на разговори, би можело да се толкува како сигнал дека Кремљ бара договор, а не бесконечна војна. Затоа нападот од пред две ноќи врз Киев може да се чита не само како воена операција туку и како психолошки инструмент за зголемување на притисокот врз украинското раководство и неговите западни сојузници. Во тој контекст не поминува незабележано ниту присуството на поранешниот германски канцелар Герхард Шредер во Москва. Иако официјалната причина за посетата е учеството на Петербуршкиот меѓународен економски форум, нејзината симболика е значајна. За потсетување, неодамна Владимир Путин изјави дека лично би преферирал токму Шредер да биде еден од соговорниците во евентуален дијалог меѓу Русија и Европа. Со тоа Кремљ испраќа порака дека и натаму бара канали за комуникација со европски политичари што не ја градат својата политика врз исклучива конфронтација.

Киев помеѓу отпорот и реалноста

Ниту Украина повеќе не изгледа како земја што верува во целосно воено решение. Изјавите на високи украински функционери дека „завршување на војната пред зимата е реална можност“, покажуваат дека и во Киев се отвора простор за дипломатски сценарија. По повеќе од три години конфликт, украинското општество се соочува со замор, економски предизвици и неизвесност околу идната западна поддршка. Во такви услови, идејата за преговори повеќе не е политичко табу како што беше во првите години од конфликтот. Сепак, украинското раководство се обидува во евентуалните разговори да влезе од позиција на сила, убедено дека сегашната состојба на фронтот му овозможува подобри преговарачки позиции отколку што би имало во случај на понатамошни руски напредувања.

Новите европски „јастреби“

Додека Москва и Киев, секој од свои причини и секој на свој начин, постепено се приближуваат кон логиката на преговорите, дел од европските политички елити продолжуваат да инсистираат на стратегија на долгорочна конфронтација со Русија. Имено, во последните две години ЕУ забрзано инвестира во сопствени одбранбени капацитети, развива нови воени фондови и сè почесто зборува за потребата Европа да стане самостоен безбедносен и воен центар на моќ. За критичарите на оваа политика, токму тука лежи суштинскиот проблем. Наместо да дејствува како посредник и гарант на мирот, Брисел постепено сака да се трансформира во активен геополитички актер што гледа можност за сопствена стратешка еманципација (стратегиска автономија) преку продолжување на конфронтацијата со Москва и повремени, но суштински несогласувања со Вашингтон. Во ова толкување, војната во Украина станува и средство за редефинирање на улогата на Европа, замислена од либералните елити во Брисел, за да биде Унијата чинител во светскиот поредок.

Америка има други приоритети

Дополнителен фактор претставува и промената на американските приоритети. Вашингтон останува ангажиран во украинската криза, но неговото внимание сè повеќе е насочено кон Блискиот Исток, Индопацификот и во диоптријата на САД кон Кина. За разлика од европските престолнини, кои непосредно ги чувствуваат безбедносните и економските последици од војната, САД имаат поширок глобален хоризонт на интереси. Токму затоа дел од аналитичарите сметаат дека Вашингтон би можел да биде многу поподготвен за компромисно решение отколку што тоа во моментов се подготвени да го прифатат одредени европски центри на моќ.

Европа пред избор

Но суштинското прашање не е дали Москва сака мир, ниту дали Киев сака мир. Речиси сите страни денес јавно зборуваат за мир. Прашањето е под какви услови и по која цена. Русија бара решение, Украина исто така. САД бараат стабилизација на конфликтот без дополнително трошење ресурси. Но она што се издвојува е дека делови од европскиот политички естаблишмент сè уште веруваат дека „преку продолжување на конфликтот можат да изградат посилна и повлијателна Европа“. Доколку оваа логика надвладее, континентот би можел да влезе во уште подлабока и поопасна фаза на ескалација. Доколку, пак, преовлада реалполитиката, тогаш следните месеци би можеле да го означат почетокот на најтешкиот, но и најважен процес – преговорите за мир. Историјата ретко ги памети војните што завршиле со апсолутна победа на едната страна. Многу почесто, тие завршуваат кога најмоќните актери ќе заклучат дека цената на продолжувањето станала повисока од цената на компромисот. Денес, додека Москва и Киев испраќаат сè повеќе сигнали дека воениот судир има свои граници, во Европа расте уверувањето дека континентот се милитаризира сакајќи да стане нова стратешка и воена сила. Токму судирот меѓу логиката на мирот и логиката на неолибералната матрица за геополитичкото позиционирање ќе одлучи дали Украина ќе стане почеток на нов европски безбедносен поредок или вовед во многу поширока конфронтација чиј исход никој не може да го предвиди. Р.С.


Со удар на дронови кон Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург се саботира и мировниот процес

Санкт Петербург, родниот град на рускиот претседател Владимир Путин и град домаќин на клучниот Меѓународен економски форум закажан за вчера, се разбуди со експлозии, оган и густ чад, но и прекини во воздушниот сообраќај. Руските власти потврдија „масовен напад со беспилотни летала врз Ленинградската Област“, велејќи дека воздушната одбрана соборила 50 дрона во текот на ноќта и вчераутро. Во исто време, слики од силен пожар и густ црн чад почнаа да се шират од јужните делови на градот и областа на големото пристаниште. Според руската страна, „борбената активност“ на воздушната одбрана продолжила и по првите истрели, додека властите во Санкт Петербург воведоа безбедносни мерки поради воздушната закана. Аеродромот „Пулково“ привремено го ограничи сообраќајот, а медиумите потврдија за десетици одложени или откажани летови. Ваквиот факт брзо го претвори нападот со дронови врз Санкт Петербург од воен инцидент, во политичка и логистичка непријатност, поради одржувањето на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, на кој е најавено присуство на Герхард Шредер, потенцијалниот мировен посредник меѓу Украина и Русија, кој веројатно на маргините на економскиот форум би имал разговори и за мировното посредништво. Би било многу интересно да се види кој е центарот од каде што се испланирал и организирал масовниот напад со дронови, кој го одобрил и наредил нападот и кој точно учествувал во неговото реализирање, со оглед на тоа дека станува збор за високософистицирана опрема, а украинските вооружени сили сѐ уште немаат обучени човечки ресурси за организација на вакви сложени процеси и за управување со вакви системи. Р.С.