Американската дипломатска офанзива на Балканот и предлозите на Белата куќа до Сенатот за нови амбасадори во повеќе земји во регионов
Одлуката на администрацијата на Доналд Трамп да испрати во Сенатот нов пакет номинации за американски амбасадори во Југоисточна Европа претставува нешто повеќе од обичен рутински дипломатски потег. Прво, тоа е еден синхронизиран потег и нов аргумент дека Балканот повторно се враќа на геополитичката мапа на Вашингтон, но овој пат низ поинаква призма – економска, енергетска, инфраструктурна и безбедносна. Меѓу предложените кандидати се наоѓаат Даглас Холдер за Бугарија, Роналд Џонсон за БиХ, Питер Мекој за Црна Гора и Мајкл Јанг за Србија. Номинациите беа официјално испратени до Сенатот на 1 јуни и сега влегуваат во процедура за потврда.
Но она што предизвикува најголемо внимание во дипломатските кругови не е тоа кој е предложен, туку кој недостига на списокот. Во пакетот нема кандидат за амбасадор на САД за Македонија, држава што веќе неколку години има исклучително блиски односи со Вашингтон и која е една од ретките држави во регионот со формализирано стратешко партнерство со САД.
Новата американска логика за Балканот
Последните потези на администрацијата на Трамп укажуваат дека Балканот повеќе не се гледа исклучиво како безбедносно прашање туку како простор за геоекономско натпреварување. Во услови на присуство и на други влијанија во регионов, Вашингтон очигледно настојува повторно да воспостави посилно присуство.
Не е случајно што новите номинации се концентрирани токму во држави што се наоѓаат во различни фази на евроатлантска интеграција и политичка стабилизација. Србија останува централна точка поради односите со Косово и нејзината политика на балансирање и воена неутралност. Босна и Херцеговина и натаму е најчувствителната институционална конструкција на Балканот. Црна Гора е во напредна фаза на европска интеграција, додека Бугарија би требало да биде клучна членка на НАТО и ЕУ во источниот дел на Балканот.
Второ, изборот на личности исто така испраќа порака. Наместо класични кариерни дипломати, дел од номинираните доаѓаат од политички, безбедносни или од бизнис-структури блиски до актуелната администрација. Тоа е модел што Трамп го применува и во други делови од светот, што значи дека именува амбасадори што не се само дипломати туку и политички доверливи луѓе со директен пристап до Белата куќа.
Дали Македонија е парадоксот на стратешкиот партнер?
Отсуството на кандидат за Скопје отвора серија прашања. На прв поглед изгледа нелогично држава што е членка на НАТО, има потпишано стратешко партнерство со САД и важи за еден од најпроамериканските актери во регионот да не биде меѓу првите дипломатски приоритети.
Сепак, во дипломатијата често најважно е да се разбере што не се случува. Според извори што се странски дипломати од кариера од европските земји во Македонија, добивме интересни одговори, врз основа на нивното долгогодишно дипломатско искуство.
– Првата можна причина е чисто административна. Американската практика покажува дека амбасадорските номинации не секогаш се испраќаат во пакет според регионална логика. Дел од позициите поминуваат низ подолги безбедносни проверки, политички консултации или внатрешни кадровски усогласувања. Можно е кандидатот за Скопје веќе да е избран, но процесот сѐ уште да не е завршен. Натаму, втората причина може да биде поврзана со процената дека Македонија моментално не претставува „кризна точка“! Ако се погледне картата на регионот, Вашингтон во моментов има поголема потреба од високо политичко присуство во Белград, Сараево и во Подгорица, каде што постојат отворени геополитички и институционални предизвици. Македонија, од американска перспектива, е стабилен НАТО-сојузник со предвидлива надворешна политика и затоа може привремено да функционира и со вршител на должност или со дипломат од понизок ранг. Третата можност е многу поинтересна. Вашингтон можеби подготвува кандидат со посебна политичка тежина. Во дипломатската практика постојат случаи кога за држави со специфично значење се бараат личности со поголем политички профил, поради што процесот на селекција трае подолго – велат нашите соговорници, дипломати со високо познавање на американската надворешна политика.
Дали Македонија е жртва на сопствениот успех?
Постои и уште едно објаснување што често се занемарува. Македонија можеби не е изоставена затоа што е помалку важна, туку токму затоа што односите со САД во моментов се оценуваат како стабилни и предвидливи.
– За американската дипломатија, ресурсите секогаш се насочуваат таму каде што ризикот е поголем. Во Босна и Херцеговина постојат сериозни предизвици околу функционирањето на државата. Во Србија остануваат нерешени прашањата поврзани со Косово и влијанието на Москва и Пекинг. Во Црна Гора продолжува борбата меѓу евроатлантските и проруски политички струи. Во Бугарија, пак, енергетската безбедност и регионалната инфраструктурна поврзаност имаат поширока стратешка димензија. Македонија, напротив, во најголем дел од овие параметри веќе е позиционирана во западниот безбедносен систем. Тоа не значи дека е помалку значајна, туку дека не бара итна дипломатска интервенција – тврдат нашите соговорници, дипломати од кариера, со голема доза самоувереност на тезите.
Сигнал до Скопје
Сепак, би било погрешно македонските институции целосно да го игнорираат овој сигнал, додаваат соговорниците.
– Отсуството на номинација во ваков регионален пакет неизбежно создава перцепција дека Скопје во моментов не е меѓу првите дипломатски приоритети на администрацијата на Трамп. Во меѓународната политика, перцепцијата често е исто толку важна колку и реалноста. Токму затоа, во наредните недели ќе биде важно да се следат не само идните номинации туку и пошироките пораки што ќе доаѓаат од Белата куќа и Стејт департментот. Доколку Македонија добие кандидат во следниот бран именувања, сегашното отсуство ќе се покаже како техничко прашање. Но ако ваквата состојба потрае, тогаш ќе се отвори простор за подлабока дебата околу местото на земјата во новата американска стратегија за Балканот – тврдат нашите соговорници.
На крајот на разговорот, тие сепак додаваат дека едно е сигурно – оти последните номинации покажуваат дека Вашингтон повторно сериозно го разгледува Балканот.
– Прашањето повеќе не е дали регионот е важен за САД туку каква улога ќе има секоја држава во новата американска архитектура на влијание, инвестиции и безбедност во Југоисточна Европа. А токму одговорот на тоа прашање ќе покаже дали Македонија е привремено прескокната или се подготвува за поинаков и можеби повисок дипломатски третман – велат соговорниците. П.Р.
Македонија како ново стратешко јадро на јужното крило на НАТО со развиена раскрсница на коридорите 8 и 10
Македонија поседува предности што Вашингтон одамна ги има предвид
Во сенката на војната во Украина, растечката нестабилност на Блискиот Исток и сè поизразеното глобално геополитичко натпреварување, Балканот повторно добива значење во стратегиските пресметки на големите сили. Она што до пред неколку години изгледаше како периферен регион во безбедносните планови на Западот, денес повторно се позиционира како важна алка во европската безбедносна архитектура. Во тој контекст, Македонија постепено се појавува како држава со потенцијал да стане еден од клучните столбови на јужното крило на НАТО.
На прв поглед, ваквата оцена може да изгледа претерана. Македонија е мала држава со ограничени воени капацитети и релативно скромна економска моќ. Но современата геополитика одамна не се мери само преку големината на армијата. Денес пресудно значење имаат географската позиција, инфраструктурната поврзаност, политичката стабилност и способноста една држава да обезбеди логистичка поддршка за пошироки регионални операции. Токму тука Македонија поседува предности што во Вашингтон внимателно се анализираат веќе неколку години.
Конкурентските предности на Македонија во анализите на Вашингтон
Со членството во НАТО, земјата стана дел од колективниот безбедносен систем на Алијансата. За разлика од дел од соседите, Македонија нема отворени територијални спорови, не претставува извор на регионални тензии и има јасно дефинирана евроатлантска ориентација. Од аспект на американските стратези, тоа ја прави предвидлив и сигурен партнер во регион што и натаму останува чувствителен на политички и безбедносни потреси.
Дополнително значење има и географската поставеност на државата. Македонија се наоѓа на пресечната точка меѓу Јадранско, Егејско и Црно Море, односно меѓу централниот Балкан и источниот Медитеран. Во услови кога НАТО сè повеќе го насочува вниманието кон безбедноста на Југоисточна Европа, ваквата позиција станува значаен стратешки ресурс.
Во последните години неколку американски воени и дипломатски документи укажуваат дека логистичката мобилност станува една од клучните компоненти на современата одбрана. Способноста за брзо движење на луѓето, опремата, енергентите и стоките денес има речиси исто значење како и класичната воена сила.
Во таа смисла Македонија би можела да стане она што во стратешките кругови се нарекува „логистичко сидро“ на јужното крило на НАТО. Не како фронтовска држава, туку како безбедна платформа за поврзување различни правци на движење во регионот.
Ова особено добива тежина ако се земат предвид промените што се случуваат во поширокото европско опкружување. Од Балтикот до Црно Море се создава нов безбедносен појас на НАТО. Паралелно со тоа, Алијансата сè повеќе инвестира во капацитетите на државите што ги поврзуваат Централна Европа, Балканот и источниот Медитеран. Токму затоа не е случајно што американските анализи сè почесто ја споменуваат инфраструктурата како дел од безбедносната политика.
Инфраструктурниот момент на американската нова доктрина за регионов
А тука се отвора втората, можеби уште поважна димензија на приказната – коридорите 8 и 10. Доколку првиот дел од новата американска стратегија е безбедносен, вториот е несомнено економски и инфраструктурен.
Коридорот 10 веќе со децении претставува главна северно-јужна артерија на Балканот. Тој ги поврзува Централна Европа и Дунавскиот Регион со Солун и Егејско Море. Преку Македонија минува најкратката копнена врска меѓу Средна Европа и источниот Медитеран. Но уште поинтересен е коридорот 8. Овој проект има потенцијал да го поврзе Јадранско со Црното Море преку Албанија, Македонија и Бугарија, создавајќи нова транспортна и економска оска на Балканот. Во време кога Европа бара алтернативни правци за транспорт на енергенти и стоки, коридорот 8 добива значење што далеку ги надминува националните интереси на трите држави низ кои поминува.
Од американска перспектива, ваквиот проект има неколку стратешки предности. Прво, ја намалува зависноста од традиционалните транспортни рути што во услови на криза може да бидат ранливи. Второ, создава нова инфраструктурна мрежа што ги поврзува западната и источната страна на Балканот. Трето, овозможува побрзо движење на стоките, енергентите и, доколку е потребно, воените капацитети на НАТО.
На пресекот на овие два коридора се наоѓа токму Македонија. Ниту една друга држава во регионот нема таква позиција. Затоа, во стратешките проекции на идниот развој на Балканот, Македонија сè почесто се појавува како инфраструктурен центар, а не само како транзитна територија.
За Вашингтон, ваквата позиција отвора можност за поддршка на големи проекти во железничката, патната, енергетската и дигиталната инфраструктура. Тоа не би било класична политика на помош, туку инвестиција во создавање долгорочно стабилен и функционален партнер во срцето на Балканот.
Токму затоа некои западни аналитичари веќе зборуваат за Македонија како за „невидливото стратешко јазолче“ на Југоисточна Европа – држава што ретко е во центарот на вниманието, но која може да стане неопходна за функционирањето на целиот регионален систем.
Доколку оваа логика навистина стане дел од новата американска политика кон Балканот, тогаш иднината на Македонија нема да се определува само преку политичките дебати за европските интеграции. Таа сè повеќе ќе зависи од способноста државата да ја искористи својата географија како стратешка предност. А во светот на современата геополитика, понекогаш токму географијата е најголемиот капитал што една држава може да го поседува. П.Р.
Некои поенти од неофицијалниот брифинг со американски експерт за Југоисточна Европа и поранешен американски дипломат
„Македонија повеќе не се гледа како периферија, туку како порта кон Балканот“
Во дипломатските кругови во Вашингтон ретко кога директно се кажува она што навистина се мисли. Особено кога станува збор за Балканот. Затоа внимателните набљудувачи често повеќе внимание обрнуваат на неформалните брифинзи, експертските дискусии и разговорите зад затворени врати отколку на официјалните соопштенија.
Токму во тој контекст, според соговорници од американските дипломатски и аналитички кругови што со години го следат Балканот, во последните месеци постепено се менува начинот на кој Вашингтон ја гледа Македонија.
– Пред десетина години Македонија најчесто се разгледуваше низ призмата на внатрешната стабилност, меѓуетничките односи и спорот со Грција. Денес таа се анализира како дел од многу поширока стратешка равенка – објаснува американски експерт за Југоисточна Европа на неформален брифинг со новинар од нашиот весник.
Според него, во новите геополитички околности Македонија добива тежина што не произлегува од нејзината големина туку од нејзината положба.
– Ако ја погледнете картата на Европа од перспектива на НАТО, а не од перспектива на националните граници, ќе видите дека Македонија се наоѓа на многу интересно место. Таа претставува точка на поврзување меѓу Јадранскиот Басен, Егејот, централниот Балкан и Црно Море – посочува експертот.
Во американските безбедносни кругови, според соговорникот, сè повеќе се користи терминот „стратешка мобилност“. Тоа подразбира способност луѓе, опрема, енергенти и стоки брзо да се движат низ сојузничките територии во услови на криза.
– Во дваесет и првиот век не е доволно само да имате силна армија. Еднакво е важно колку брзо можете да ја придвижите. Затоа инфраструктурата станува дел од безбедносната политика – нагласува нашиот соговорник.
Токму тука, според американските процени, започнува новото значење на Македонија.
Поранешниот американски дипломат, кој долго работел во регионот, на неформалниот брифинг забележа дека „Балканот веќе не се гледа само како простор за управување со кризи“, додавајќи дека „во 1990-тите години Балканот беше безбедносен проблем. Денес Вашингтон сака Балканот да стане безбедносно решение“.
Во таа равенка Македонија има специфична улога.
– Земјата е членка на НАТО, има стабилни односи со соседите, нема отворени територијални спорови и покажува високо ниво на усогласеност со западните безбедносни политики. Таквите држави се многу вредни за секоја алијанса. Американските аналитичари сметаат дека токму поради тоа Македонија постепено се трансформира од политички проект во стратешки ресурс – тврди нашиот соговорник.
Особено внимание привлекува развојот на транспортната и енергетската инфраструктура. Поголемиот дел од јавноста ги гледа патиштата и железниците како економски прашања. Во Вашингтон, според соговорникот, тие одамна се третираат како дел од националната безбедност. Најчесто споменуван пример во тие разговори е пресекот на коридорите 8 и 10.
– Малку луѓе сфаќаат колкаво значење има фактот што двата најважни балкански коридори се сечат токму во Македонија – вели нашиот брифер.
Според неговите зборови, коридорот 10 претставува традиционална вертикална оска што ја поврзува Централна Европа со Егејско Море. Но уште поинтересен за американските стратези е коридорот 8!
– Коридорот 8 има потенцијал да стане една од најважните трансбалкански врски во следните две децении. Тој не е само транспортен проект. Тој е геополитички проект – вели тој.
Во Вашингтон, според соговорникот, постои растечко уверување дека иднината на Европа ќе зависи од создавањето алтернативни транспортни и енергетски правци што нема да зависат од геополитички ранливи точки.
Токму затоа се вложуваат значителни напори за поврзување на Јадранско, Егејско и Црно Море преку нови патни, железнички и енергетски мрежи.
– Кога ќе ги погледнете сите тие линии на картата, Македонија престанува да биде мала балканска држава. Таа станува раскрсница – кажа соговорникот на брифингот.
Особено е интересна оцената дека во американските кругови сè почесто се зборува за Македонија како за потенцијален логистички центар на јужното крило на НАТО.
– Не зборуваме за големи воени бази од типот на Студената војна. Зборуваме за логистички капацитети, транспортни коридори, дигитални мрежи, енергетска безбедност и брза оперативна поврзаност – додава тој.
Според соговорникот, токму затоа американскиот интерес за Македонија во следните години може повеќе да се мери преку инфраструктурни и енергетски инвестиции отколку преку класични дипломатски гестови.
Во тој контекст беше изнесена една особено впечатлива оцена: „Ако пред дваесет години најважното прашање за Македонија беше дали ќе стане членка на НАТО, денес прашањето е каква улога ќе игра внатре во НАТО“.
На крајот од брифингот, американскиот аналитичар ја сумира дискусијата со реченица што можеби најдобро ја отсликува промената на перспективата во Вашингтон: „Во минатото САД ја поддржуваа Македонија затоа што сакаа стабилен Балкан. Денес сè повеќе размислуваат како преку стабилна Македонија да изградат посилен Балкан“.
Дали ова размислување навистина ќе се претвори во конкретна американска стратегија, останува да се види. Исклучително мотивирачки, брифингот беше заклучен со констатацијата на соговорникот дека „во новата геополитичка математика на Југоисточна Европа, Македонија повеќе не се третира како периферија и дека сè почесто се третира како крстосница“. А во свет во кој логистиката, енергијата и поврзаноста стануваат нова форма на моќ, понекогаш токму крстосниците се поважни од центрите, поентира нашиот соговорник. П.Р.

































