Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривична пријава против Државниот секретар во Министерството за култура, Валмир Азири, објавуваат повеќе медиуми. Ваквиот чекор уследи откако Азири на социјалните мрежи напиша „Антиалбанец како Милошоски заслужува и повеќе, времето на продавачите на магла заврши, новите генерации Албанци ќе им ги скршат рацете и нозете на сите што ќе се обидат да ги понижат Албанците“, и додаде емотикон со тупаница. Објавата подоцна беше избришана.

Станува збор за кривично дело за ширење на расистички и кснеофобичен материјал по пат на компјутерски систем.

– Тој што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички или ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на пол, раса, боја на кожа, пол, припадност – стои во дел од објаснувањето на кривичното дело.

Азири сподели видео од инцидентот во Собранието во кој координаторот на ДУИ, Арбр Адеми фрла предмети кон Антонио Милошоски и други пратеници од опозицијата и му даде поддршка на Адеми.

ВМРО-ДПМНЕ преку Дафина Стојаноска го повика Јавното обвинителство да реагира, истовремено барајќи да биде симнат пратеничкиот имунитет на Арбер Адеми и тој да одговара за насилството во законодавниот дом.