Пораката што ја испрати ЕУ е повеќе од јасна, дека времето на партиска узурпација на државните институции измина и дека состојбите можат да се средат единствено ако на раководни места се наоѓаат луѓе што имаат квалитет и знаење за ресорот со кој раководат

Брисел со јасна препорака за Македонија: Воведување и практикување „систем на квалитет и заслуги“!

Практиката на занемарување на стручноста и квалитетот на сметка на етничката и партиската подобност очигледно го достигна своето крешчендо на последните случувања во М-НАВ, кога стана јасно дека дури и онаму каде што се потребни најголема професионалност и способност, всушност се вработуваат кадри што ниту приближно немаат капацитет да одговорат на предизвиците на функцијата што им е доверена.
Примерот во М-НАВ е само еден во низата за непочитување на мерит-системот при вработувањата, што очигледно ја прелеа чашата и Европската Унија мораше и директно да интервенира и јасно да каже дека ако земјава сака да стане дел од европското семејство, мора да игра и по европските правила и да ги спроведува европските закони што и самата ги прифатила.
– Делегацијата на ЕУ смета дека императив е именувањата во националниот давател на услуги за воздухопловна навигација и поврзаните услуги, исто како и за другите институции, да се засноваат на заслуги, квалификација и искуство. Потсетуваме на фактот дека С. Македонија се обврза да го имплементира законодавството на ЕУ што се однесува на давателите на услуги за воздушна навигација (ANSPs) – истакнуваат од Делегацијата на ЕУ, притоа појаснувајќи дека нема место за клиентелизам и непрофесионалност во државните институции.
Пораката што ја испрати ЕУ е повеќе од јасна, дека времето на партиска узурпација на државните институции измина и дека состојбите можат да се средат единствено ако на раководни места се наоѓаат луѓе што имаат квалитет и знаење за ресорот со кој раководат.

Истовремено, државата е исправена и пред сериозен предизвик како да го воспостави мерит-системот како единствен критериум за раководна функција, имајќи предвид дека најголем дел од именуваните функционери на разни позиции се нашле таму исклучиво поради партиски пазарења, а не поради нивната стручност и квалитет.
Универзитетскиот професор во пензија Борче Давитковски смета дека мерит-системот во Македонија е одамна воспоставен, но никој не го почитува оти тоа не им одговара на политичките партии.
– Повеќе од 40 години зборувам дека треба да се напредува врз основа на квалитет и заслуги, а не партиски лепачи на плакати да ги пополнуваат функциите. За жал, никој во нашата држава не слуша. Секој што ќе дојде на власт гледа да ги напика своите на работа без да се води сметка дали се стручни и тоа стана дел од нашиот фолклор. Затоа толку ни е напумпан јавниот сектор, а граѓаните не ја добиваат соодветната услуга – вели Давитковски.
Според него, за да почне да функционира мерит-системот, најпрво треба да се договорат политичките партии.
– Првенствено, мора да си поставиме цел. Целта треба да е компромис меѓу партиите за обезбедување благосостојба на граѓаните. За да има благосостојба, односно за да бидат ефикасни извршните органи, тие не треба да бидат партизирани. Тие треба да бидат во функција на остварување на човековите права, да бидат сервис на граѓаните, а не да бидат сервис на власта – истакнува Давитковски.
Тој уште еднаш ја потенцира важноста од политички консензус при спроведувањето на мерит-системот, користејќи го примерот на Словенија и Естонија.

– Ова се две мали држави слични како нашата, но тие постигнаа политички консензус меѓу сите политички чинители дека ќе ја реформираат администрацијата. Англија од почетокот на 1900 година до 1915 година направи таква реформа и подоцна 70 години немаше никакви интервенции. Зборот ми е дека е потребно да се воспостават правила што ќе значат почитување на квалитетот и знаењето на луѓето и тие правила ќе важат и ќе се почитуваат со децении, наместо секоја власт да си поставува свои правила, да го занемарува мерит-системот и да ги полни институциите со партиски нестручни послушници. Ако се има политичка волја, тогаш може да се воспостави мерит-системот. За жал, тие не мислат за државата, мислат како да вработат повеќе роднини, пријатели, поддржувачи. И што е најстрашно, тие нема да дозволат на некоја позиција да дојде некој способен, туку тоа си го третираат како „нивно место“ врз основа на некаков политички договор и само назначуваат луѓе, без оглед дали тој што го назначиле е стручен за позицијата. Ако продолжат ваквите практики, нема да воспоставиме ефикасен вредносен систем во државата – категоричен е професорот Давитковски.