Фото: Изет Меџити принтскрин/фејсбук Сител ТВ

Изет Меџити, претседател на Демократското движење денеска изјави дека Законот за амнестија не е во интерес на граѓаните или на ЕУ интеграциите, туку е амнестија на криминалот што е направен во тоа време и сегашно време.

-Тоа што не успејаа целосно да ја завршат работава, во однос на Груевски и другите да ги затворат делата, сега ќе се обидат со Законот за амнестија. Значи, ова не е во интерес на граѓаните, не е во интерес на процесите или на ЕУ интеграциите, туку напротив сакаат амнестија на криминалот што е направен во тоа време и сегашно време. И мислат кога ќе преминат во опозиција да ја поминат покомотно и со помалку последици. Ние се спротивставуваме целосно на овие потези, зашто факт е дека и меѓународниот фактор и меѓународната заедница даде јасни забелешки дека ова не оди напред, туку назад ја влече земјата во однос на интеграциите – рече Меџити, кој беше придружуван од претседателите на Движењето Беса и Алтернатива, Биљал Касами и Африм Гаши.

На новинарско прашање дали има информации што содржи УСБ-то што вчера потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 сподели материјали за кои тврдеше дека се дел од тајна комуникација меѓу поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, лидерот на ДУИ Али Ахмети, претседателот на Собранието Талат Џафери, и уште едно лице, Меџити рече дека во УСБ-то се содржани измените на Кривичниот законик, кои кривични дела да се избришат, Законот за амнестија.

Меџити изјави дека оваа власт е во спој со Никола Груевски, но не, како што рече, за интеграции и за стратешки прашања, туку да ги затворат овие нивни кривични дела, да бидат слободни и да трае колку што може оваа власт повеќе.

-Веќе јавна тајна е дека на оваа власт единствена надеж е преку Будимпешта да влеземе во ЕУ. Значи, ако има слаба точка тоа е Орбан и Унгарија, а ние напротив сакаме преку Унгарија, значи тоа ни е единствена надеж да претендираме и одиме кон ЕУ. Самиот факт кажува дека оваа власт е во спој со Никола Груевски и неговите, но не за интеграции, не за стратешки прашања, туку да ги затворат овие нивни кривични дела, да бидат слободни и да трае колку што може оваа власт повеќе, мислам во месеци – рече тој.

Прашан дали тој видел докази за соработка на Груевски до ДУИ, со Ахмети, Меџити потенцира дека за скоро време се ќе излезат во јавноста посочувајќи дека и Законот за амнестија оди во прилог на тоа.

-Ние само поставивме прашање. Мислам дека за скоро време ќе испаднат во јавноста, бидејќи и овие чекори што се преземени – Законот за амнестија, се во прилог на тоа. Значи, ако овие му вршат работа, сигурно ќе видиме зошто му вршат работа, ќе има ефект. Ќе ги гледаме во јавноста – рече Меџити.