Емануел Макрон/Фото: Фејсбук-страница на францускиот претседател

Претседателот на Франција, Емануел Макрон го поздрави гласањето во бугарскиот Парламент за францускиот предлог и рече дека процесот продолжува, јави дописничката на МИА од Брисел.

– Сакам да го поздравам гласањето во бугарскиот Парламент кој отвора пат за укинување на ветото и отворање на преговорите за пристапување на Северна Македонија и со тоа напредок на албанското досие – рече Макрон попладнево на прес-конференцијата во Брисел.

Тој додаде дека по ова гласање во следните денови ќе продолжат размените на мислења со партнерите во Бугарија и Македонија.

– Машината е подготвена за да се одобри тоа што ќе биде одлучено, ова е многу добар сигнал, сакам да му честитам на бугарскиот премиер и опозициските сили кои се здружија околу ова гласање, но и да им се заблагодарам на „Северномакедонците“ за нивниот напредок – рече францускиот претседател, кој додаде дека „има уште работа“.