Она што е исклучително важно во следниот период, според препораките на познавачите на уставните состојби, тоа е работното тело за уставни измени да не се стеснува пред кого било во подготвувањето предлози со кои македонскиот народ би се ставил како носечки пред сите. Тоа се однесува и на комисијата за уставни прашања и на републичкото собрание, кои мора јасно и недвосмислено да ги издвојат македонскиот народ и македонскиот јазик како главни носители на македонската државност
Работната група за уставни измени да не заборава на народот што ја создаде државата
Дополнително расте притисокот врз земјава што поскоро да ги направи уставните измени и да ги внесе Бугарите во Уставот како услов за отворање на преговарачките поглавја со Европската Унија, па затоа и наративите што деновиве можат да се слушнат во јавноста се дека процесот веќе тече и дека измените мора да се направат за да не се случи земјава „да остане без европска перспектива на подолг рок“.
Работната група за уставни измени не сака да зборува за временски рок во кој би требало да го испорача првичниот текст на иницијативата, а уште помалку во која насока се идеите за тоа како би требало да изгледаат измените на Уставот и што би опфаќале тие. Она што го најавуваат досега првите луѓе на ова работно тело е дека сакаат што е можно побрзо да завршат со работа и топката да ја префрлат во собраниската комисија за уставни прашања.
– Не би калкулирала со време, факт е дека ние сакаме што е можно побрзо да се заврши оваа работа, но тоа не зависи само од нас. Можам да ви гарантирам дека ќе работиме крајно транспарентно и дека ќе бидете известени апсолутно за сè што работиме и како работиме – изјави неодамна Маргарита Цаца Николовска, претседателка на работната група за уставни измени.
Токму од оваа група, составена од 23 правни експерти, претставници на политички партии и институции, зависи врз каква основа ќе бидат поставени идните нацрт-амандмани што понатаму треба да се најдат во собраниската комисија за уставни прашања, а потоа и пред пратениците.
Имајќи го предвид ставот на уставните експерти, дека актуелната преамбула сега е нејасна поради тоа што е оптоварена со многу интервенции, не се исклучува можноста да се подготви нова преамбула, која ќе го одрази вистинскиот карактер на државата.
Повеќе од извесно е дека работната група мора да најде „модус вивенди“, со кој во исто време ќе мора да се унапреди статусот на македонскиот народ така што тој ќе биде дополнително зајакнат и издигнат на едно повисоко ниво, но, од друга страна, ќе мора да се најде решение за постојаните инсистирања на албанската етничка заедница во земјава, која бара бришење на формулацијата „20 отсто“ и рамноправен статус на албанскиот народ со македонскиот народ, почнувајќи од преамбулата, па понатаму и во целиот текст на Уставот.
Како да се зачува националниот карактер на Македонија и да не се претвори во административна територија на етнички заедници
Несомнено, во целиот овој галиматијас што се направи со избрзаното прифаќање на францускиот предлог, во кој е посочено внесувањето на Бугарите во Уставот, сега Македонија како држава е исправена пред сериозен предизвик како да го зачува националниот карактер и да не се претвори во административна територија на етнички заедници, токму поради уценувачките практики на една малцинска заедница во земјава.
Јасно е дека претставниците на политичките партии и на институциите што се дел од работната група за уставни измени ќе притискаат за решенија што се во насока на одредена партиска и етничка агенда, но истовремено јасно е дека ова работно тело не смее да го занемари фактот дека македонскиот народ, како најброен, е тој што е најзаслужен за формирање на македонската држава уште од АСНОМ и кому Македонија му е единствена матична држава.
– Уставна категорија во државата Македонија е само македонскиот народ како етнос. Бугарите не се народ во Македонија. Сите други се припадници на етнички заедници, кои, според меѓународното право, се малцински заедници и затоа зборуваме за национални малцинства. Сите се еднакви пред Уставот и законите, независно од етничкото потекло, верското уверување, социјалниот статус, општествената положба или партиската припадност – смета Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.
Она што е исклучително важно во следниот период, според препораките на познавачите на уставните состојби, тоа е работното тело за уставни измени да не се стеснува пред кого било и да не потпаѓа под никакви притисоци во подготвувањето предлози со кои македонскиот народ би се ставил како носечки пред сите. Тоа се однесува и на комисијата за уставни прашања, како и на републичкото собрание, кои мора јасно и недвосмислено да ги издвојат македонскиот народ и македонскиот јазик како главни носители на македонската државност.
Зајакнувањето на статусот на македонскиот народ и јазик е повеќе од потребно во време кога се прават засилени идентитетски напади од соседството
– Актуелниот устав се претвори во кармакаша од која не може да се утврди карактерот на Македонија како држава. Досега со некои „граѓански флоскули“, амандмански интервенции што се правеа во Уставот, се одземаше прерогативот на македонскиот народ како носител на државноста, а со тоа намерно се уништува концептот на Македонија како матична држава на македонскиот народ. Тоа мора да се смени и нема зошто кој било да се чувствува навредено од тоа ако македонскиот народ е носечки во сопствената матична држава. Сите се еднакви и пред Уставот и пред законите, а тоа е најважно – сметаат познавачите на уставните состојби.
Според нив, зајакнувањето на статусот на македонскиот народ и јазик е повеќе од потребно во време кога се прават засилени идентитетски напади од соседството, така што ако Македонците широко го отвориле својот дом за сите други малцинства, заслужуваат барем малку почит од нив.
– Ако заложбите се искрени, дека со измените на Уставот се направи исчекор кон ЕУ, тогаш внесувањето на Бугарите не треба да биде главната причина за нова интервенција во највисокиот правно-политички акт во државата, туку тоа да се направи заради зајакнување на статусот на македонскиот народ. Во една таква констелација, можеби внесувањето на Бугарите ќе помине со поширок и политички, но и граѓански консензус. Нема никаква причина зошто овие интервенции да не бидат во полза на македонскиот народ и неговиот државотворен статус. Тезите дека нешто е депласирано и дека по 2001 година нема враќање назад, едноставно не држат, бидејќи тогаш би биле депласирани и актуелната територијална поделба и законот за употреба на јазиците, балансерот, правичната застапеност и слично. Ништо не е депласирано кога станува збор за издржани решенија со кои ќе се унапреди статусот на македонскиот народ во сопствената држава, а не само постојано да се инсистира за статусите и интересите на преостанатите делови од народи и малцински заедници – истакнуваат соговорниците, за кои терминот „малцинство“ никаде во светот не е навреда, туку категорија што подразбира одредени права и обврски во согласност со меѓународните конвенции.