Поетскиот филм „Летна соната за мојот град“ во режија на Марија Шаклева, според песна на Андреј Ал-Асади, се закити со награда за најдобра режија и влезе во најтесниот избор од седум наративни филмови во конкуренција на филмови од целиот свет на интернационалниот „Поетски филмски фестивал ‒ Лос Анџелес“ во САД. Филмот, односно композиторот Јован Јовановски, беше издвоен и помеѓу десетте филма со оригинална музика за филм.
– Исклучителен филм чии пораки се пренесуваат и преку стихови и преку уметничка слика. Содејството помеѓу уметностите е клучна! Како за филм што трае помалку од две минути, содржи сѐ што се бара во раскажувањето приказни преку друга уметност, во случајов, базиран на песна. Филмот успеа да ѝ го задржи вниманието на публиката и со стиховите и со визуелното. Беше особено вешто режиран – се вели во образложението на организаторите.
Поетскиот филм „Летна соната за мојот град“ во режија на Марија Шаклева е снимен според истоимената песна на македонскиот поет Андреј Ал-Асади. Музиката е на Јован Јовановски, а снимател е Илија Жоговски. Уметничката слика што како мотив се појавува во филмот е дело на сликарот Владимир Илиевски. Продуцентка на филмот е Јулијана Величковска, а режисерката Сандра Ѓоргиева беше стручна консултантка.
Филмот е избран и во специјалната селекција „Светско огледало на поезијата“ на интернационалниот турингиски филмски фестивал „Поетри филм таге“ во Вајмар, Германија, кој ќе се одржи на 19 и 20 мај.