Крајно време е да се свртиме кон децата

Крвавиот масакр што се случи деновиве во Белград, во кој малолетник на возраст од неполни 14 години во училиштето „Владислав Рибникар“ уби 10 свои другарчиња и еден вработен во обезбедувањето на училиштето, ги потресе не само Белград и Србија туку и целиот регион, па дури и пошироко. Луѓето во Белград и Србија се шокирани, исплашени и вџашени од крвавиот настан и сѐ уште не можат да се соземат од монструозното злосторство.
На ТВ-каналите по 24 часа на ден се емитуваат специјализирани емисии, во кои познати личности, политичари, аналитичари, психолози, педагози, лекари… се прашуваат што ги снајде и како можеше ова и да им се случи ним. Во дебатните емисии за крвавиот настан се анализираат многу детали од тоа што му претходело на масакрот и дали можел да се предвиди и спречи, па сѐ до тоа кој покрај малолетниот убиец е виновен за оваа невидено злосторство, кое не само што ја потресе Србија туку предизвика појавување на серија обожувачи и имитатори за повредување и убиства на деца во голем број градови во Србија.
Но, за жал, засега вистинскиот одговор на овие и на сите други отворени прашања нема. И, да бидеме искрени, во овој момент кога над разумот надвладуваат тагата, болката, емоциите, омразата… тешко може да се даде одговорот на прашањето како сите се најдовме во оваа ситуација, затоа што иако беше далеку од нас, никогаш не е исклучено да ни се случи нам на овие простори.
Овој масакр треба и нас во Македонија сите да нѐ отрезни и со најсериозно внимание и трезвени глави да го анализираме ова крваво злосторство за, не дај боже, и нам да не ни се случи истото. По овој крвав настан повеќе не треба да се лажеме дека кај нас не може да се случи тоа. Може и тоа како.
Затоа е потребно, родителите, надлежните воспитно-образовни и други институции, полицијата, да ги преземат сите неопходни превентивни мерки за спречување какви било ситуации што можат да доведат до такви злосторства.
Пред неколку години во Битола, во неколку основни училишта бевме сведоци на „детски игри“, во кои малолетни ученици на одморите самите крваво се самоповредуваа. „Игрите“ што ги гледаа на своите „паметни телефони“ тие пробаа да ги применат врз себе.
Длабоко внесени во игрите, тие ниту ги чувствуваа болките од самоповредувањето со „ножињата“.
Родителите беа во шок, а беа затечени и наставниците, кои никако не можеа да најдат одговор на прашањето што беше тоа што ги тераше учениците самите да се самоповредуваат по телото. Учителите и наставниците дури подоцна разбраа дека таквите крвави игри децата ги виделе и ги научиле од телефоните.
Денес наместо на такви игри на самоповредување, сведоци сме дека малолетни деца убиваат свои школски другарчиња. И тоа ладнокрвно, без воопшто око да им трепне.
Деновиве еден пријател ми раскажа една несекојдневна и бизарна случка. Имено, неговото малолетно дете, кога се возеле од училиште за дома, откако западнале во густ сообраќај, го посоветувало родителот да го удри возилото пред нив и да си „отвори пат“.

Кога родителот му рекол дека ако го направи, возачот од другото возило може да загине од ударот, детето му одговорило: „Што е важно. Има уште девет животи“!? Кога го запрашал родителот каде го научил тоа, детето му одговорило – од видеоигрите.
По ваквото размислување, си велам, можеби така размислувал и малолетникот од Врачар кога ги убивал своите другарчиња, дека тие имаат уште девет животи и дека по убиството тие ќе оживеат? Но, за жал, децата немаат девет животи. Од истрелите на малиот Коста девет млади деца, негови соученици засекогаш го напуштија овој свет, оставајќи ги во тага и болка најблиските на неговите соученици и неговите родители, кои од крвавиот масакр на нивниот син никако не можат да се освестат, па дури таткото проба и да се самоубие.
Иако можеби сега не, но нешто подоцна и малолетниот убиец Коста, кој постојано ги прашувал психијатрите што се грижат за неговото здравје кога ќе го пуштат дома, ќе стане свесен што направи и дека тоа не беше игра и дека неговите соученици немале уште девет животи.
Затоа не од денес, туку уште од вчера, сите поединечно и заедно треба да си го ставиме прстот на умот и да се запрашаме како да им помогнеме на децата и младите да се ослободат од оние видеоигри што ги играат, не само на јаве туку дури и во сонот, и кои почнуваат со насилство и најчесто завршуваат со многу крв и голем број жртви. Конечно е време родителите да се свртат кон децата, кои со своите „паметни телефони“ се изгубени во просторот и времето, отуѓени не само од туѓите туку и од своите најблиски и талкаат во виртуелниот свет без да знаат ни каде одат ни кога и каде ќе стигнат.

Психолозите одамна предупредуваат дека ги испуштивме и препуштивме децата на сајбер-просторот, социјалните мрежи, видеоигрите и виртуелната реалност за да ни ги воспитуваат и за тоа сите како општество и воопшто како цивилизација сносиме одговорност. За жал, денес живееме во реалност што другите ни ја креираат, која главно е насилна, така што насилството што е застапено насекаде, практично ни стана образец на однесување и општествено прифатлив начин на решавање на проблемите и нашите фрустрации. Насилството стана општествена парадигма.
Но ова веќе не е крими-сценарио од грд американски филм, туку ужасна реалност креирана од секој од нас без исклучок. Сите ние го создадовме мозаикот на распадот, на сеопштиот распад. Зашто сите немо или активно учествува(в)ме во разнебитувањето на сѐ што беше убаво, вредно и добро во минатото.
Време е да ги (пре)воспитаме децата и да ги свртиме кон традиционалните вредности и игри од минатото. Време е во договор со нив да ги освестиме од виртуелната реалност во која живеат и да ги научиме да играат други игри. Последен момент е да најдеме време да ги прашаме што им се случува во нивните мали мозочиња и каква тајна кријат, дали можеби се жртви на разни предатори од сајбер-просторот или жртви на насилство од своите врсници или нешто друго им се случува. Време е и ние да се свртиме кон себеси и семејството, кон домот.