Проф. д-р Ратко Дуев / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најстариот универзитет во Македонија на 30 мај избира ректор. За лидерската позиција се пријавени шестмина професори. „Нова Македонија“ ви ги претставува кандидатите за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во овој број разговараме со проф. д-р Ратко Дуев, кој е актуелен декан на Филозофскиот факултет

Проф. д-р Ратко Дуев, кандидат за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“

Кој е вашиот мотив да се кандидирате за водечката позиција на УКИМ?
– Како декан на Филозофскиот факултет, во изминатиот период можев да ги согледам сите проблеми во функционирањето на Универзитетот, но и начинот на решавање на голем дел од нив. Можев да го согледам и севкупниот човечки потенцијал што има големи можности за развој на Универзитетот. Одлуката да се кандидирам за ректор е заснована врз вербата во способностите на вработените на Универзитетот. Програмата е резултат на моето досегашно искуство. Околностите во кои живееме и работиме бараат голем напор и големи залагања за да се надминат проблемите, особено да се реализираат решенијата предложени во програмата што ќе доведат до подобрувања во повеќе сфери за непречен развој и функционирање на Универзитетот. Ректоратот да не биде независна и одвоена единица од факултетите и институтите, туку нивен помагател и поддржувач во сите нивни научни, наставни и проектни активности.
Верувам дека работната атмосфера и енергијата што ја создадов на Филозофскиот факултет може да се пренесе на целиот Универзитет. Нема друга единица што за пет години стана шеста на Универзитетот по број на научни проекти, што организирала над 130 научни настани, трибини, јавни предавања, меѓународни конференции, и покрај пандемијата и кризата итн. (само во последната година Филозофскиот факултет беше организатор или коорганизатор на 8 меѓународни конференции). Во изминатите пет години на научни настани, проектни активности и јавни предавања, на факултетот престојувале над 700 светски професори. Решивме големи инфраструктурни проблеми (греење, електрична мрежа, водовод, покривна покривка), создадовме солидна научна инфраструктура (електронски библиотеки на публикации, нова веб-страница, дигитализација на сите научни списанија и одбранети магистерски и докторски дисертации итн.), со што нашиот факултет стана пример за добро и организирано работење во нашата држава.
Мојот главен мотив е, по долги години, да избереме ректор на УКИМ, а не ректор на Ректоратот!

Во каков универзитет реално може да прерасне УКИМ под ваше водство?
– Во изминатите три децении Универзитетот постепено ја губеше финансиската и кадровската автономија. Честите измени на Законот за високо образование го парализираа работењето на Универзитетот. Најголем дел активности на единиците на УКИМ беа насочени кон анализи, расправи, измени и донесување правни акти неопходни за нивното секојдневно работење. Остварени беа голем број средби со претставници на министерствата за да се решат големиот број недоречености и противречности во начинот на финансирање на Универзитетот и застарениот модел на распределба на буџетските средства за плати на вработените. Но состојбите во високото образование не се променија. Ниските примања на наставниците, соработниците и вработените во администрацијата ги направија работните места непожелни за младите лица. Дотраените згради, застарената научна инфраструктура, условите за студентите придонесоа голем број матуранти да бараат своето студирање да го започнат на странски универзитети. Иако УКИМ е најголемиот универзитет во државата, тој процентуално добива најмалку капитални инвестиции за градежни работи и опрема.
Премногу е да ветам дека за мандат од три години може на волшебен начин да се решат сите проблеми таложени во последните децении. Но верувам дека доколку се започне со решавање на клучните проблеми наведени во мојата програма, ќе започнеме процес на постепено враќање на Универзитетот на местото што некогаш го имаше во регионот и во светот. Развојот на образованието во нашата држава во изминатите 74 години е најдиректно поврзан со развојот и работењето на УКИМ.

Со какви проблеми очекувате да се соочите?
– Без финансиска автономија нема вистинска автономија на универзитетите. За жал, секоја година доделувањето средства од буџетот не се заснова врз објективни и транспаренти критериуми за распределба на ресурсите на јавните универзитети. Висината на јавните пари што секој универзитет ги добива зависи од способноста на секој универзитет и способноста на ректорот да преговара со министерствата за образование и финансии. Така, во буџетот за 2023 г. за УКИМ се предвидени 27,3 милиони денари за капитални инвестиции (1,5 отсто од вкупниот буџет што Универзитетот го добива од МОН), а на пример дури 170 милиони за Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје (што претставува 57 отсто од вкупниот буџет што Универзитетот го добива од МОН). Ако ги споредиме двата универзитета, во учебната 2021/2022 г. на УКИМ студирале 22.189 активни студенти, а на Универзитетот „Мајка Тереза“ вкупно 1.295 студенти. Со оглед на староста на објектите и инфраструктурните проблеми на единиците на УКИМ, потребата од современа научна инфраструктура наспроти бројот на вработени и бројот на активни студенти, заклучокот е јасен. Ректоратот мора да настојува ваквиот сооднос да се промени!
Приливот на средства на единиците на УКИМ главно доаѓа од студентите на сите три циклуси, што е околу 85 отсто од вкупните финансии, со одредена разлика во зависност од нивната дејност. Поради падот на наталитетот и засилената миграција на населението, во наредните години ќе следува намалување на финансиите од партиципација и школарина. Главен проблем околу обезбедувањето финансии и напорите на единиците на Универзитетот во преговорите со ресорните министерства да обезбедат дополнителни средства е управувањето со приходите на Ректоратот по сите основи. Увидот на сметките од сопствените средства на единиците и Ректоратот од Министерството за финансии на единиците, покажува голем износ, особено во февруари, кога е најголемиот прилив од партиципација и школарина, без да се направи споредба со крајот на aвгуст, кога започнува наредниот прилив на средства. Забуната се должи на непознавање на функционирањето на УКИМ, бројот на вработени и активни студенти, бидејќи тие средства единиците ги користат за плати, исплати по договори на дело, набавка на опрема, тековно одржување на опремата и објектите, канцелариски материјали, мобилност на наставниците и студентите, организација на меѓународни конференции, јубилеи итн., до крајот на август. Затоа примарно мора да се работи на обезбедување капитални инвестиции за современа опрема и реновирање на зградите, инвестиции во современа научна инфраструктура, на кампања за подигање на општествената одговорност и донации, решавање на проблемот на недостигот од млад научен кадар и администрација, зголемување на примањата на вработените, со еден збор да се обезбедат нормални услови за вршење наставно-образовна и научна дејност, со што резултатите ќе си дојдат сами по себе.

Државата издвојува недоволно пари за наука и истражување. Како би го решавале овој сериозен проблем?
– Парадоксално, дури 80 отсто од вкупниот буџет за наука во државата (скромни 0,1 отсто) се издвојуваат за стипендии за студирање на престижни светски универзитети. Наместо тие средства да се вложат во сопствените научни институции, ние финансираме високо образование на други развиени држави. Мора да разбереме дека без наука и образование нема ниту држава. Но и нереално е да се очекува дека во ова ново време во кое живееме, кога државата едваj се справува со последиците од пандемијата, војната во Украина и големата економска криза, нешто радикално може да се промени. Затоа мора интензивно да се работи на меѓународни научноистражувачки проекти, кои се многу важен сегмент за обезбедување финансии за единиците. Особено е важно што во голем дел од проектите се вклучени опремување лаборатории, училници со информатичка опрема и други наставни помагала што ќе придонесат за осовременување на научните и наставните единици. Затоа мора да се обезбеди административна поддршка за аплицирање на проекти и да се обучуваат и подготвуваат наставниците самостојно да можат да аплицираат на разни програми. По пример на најдобро рангираните универзитети во светот, мора да се води и засилена кампања за подигање на општествената одговорност и обезбедување донации. Триаголникот држава – високо образование – заедница е симбол за успешен развој и напредок. Одговорните компании инвестираат огромни финансиски средства во универзитетите за згради, современа опрема за лабoратории, истражувачки центри, хабови, паркови за висока технологија и сл. Правилното користење на средствата се контролира преку Одборот за соработка и доверба со јавноста. Особено улога во оваа кампања ќе има Центарот за дијаспора, за поврзување со компании и фондации основани или раководени од наши иселеници и преку базата на алумни за привлекување донатори.

Проблем за високото образование е и ниското рангирање на меѓународните листи. Како може да се подобри тоа?
– Во изминатите години главните напади врз Универзитетот се за неговото рангирање на светските листи. Подемот или падот директно е поврзан со научната инфраструктура со која располагаат единиците на УКИМ. Потребно е зголемување на бројот на научноистражувачки проекти, поголема достапност до електронски библиотеки на научни публикации, научни списанија со импакт-фактор, современи лабoратории, алатки за онлајн истражување, што им овозможува на студентите, истражувачите и наставниците да создадат комплексни истражувања, кои исполнуваат различни потреби. Тоа е сложен процес, во кој најголем број поени носат добиените Нобелови награди. Главното прашање што никој не го поставува е дали нашите универзитети имаат научна инфраструктура за да добиеме нобеловец. Колку ќе успееме да ги решиме проблемите што ги наведов, толку Универзитетот ќе биде повисоко рангиран на меѓународните листи. Н.Б.З.