Фото: Игор Бансколиев

Им даваме ли (не)свесно материјал на соседите да ни ја ремоделираат историјата? И дали продажбата на артефакти од Македонија во Грција и Бугарија е дел од нечиј стратегиски план? Ако одговорот на тие прашања се бара во пакетот на индиферентниот и незаинтересиран однос на македонската дипломатија кон прашањата што се однесуваат на поблиската или подалечната историја, потоа за преговорите на мешаната историска македонско-бугарска комисија, како и откажувањето од дел на античката историја со Преспанскиот договор, тогаш повеќе од јасно е дека Македонија не само што ја губи битката со Грција и Бугарија на маса туку го разнебитува и она што останало закопано на оваа територија, како сведоштво дека и таа има (право на градење) сопствена историја, независно од грчката и бугарската

Еден друг агол во врска со пљачкосувањето артефакти и опустошувањето на културното наследство

Во време кога Македонија се наоѓа пред тежок предизвик да се одбрани од обидите на соседите целосно да ја ремоделираат нејзината историја, нашите соговорници, професори по историја и археологија, детектирале низа активности во врска со кои ни презентираа интересен отрезнувачки став, при што тврдат дека „внатрешна петта колона работи со полна пареа уште повеќе да го разнебити македонското културно наследство, продавајќи им разни артефакти ископани на македонска територија на лица од соседна Грција и Бугарија“?! Штетата на македонското културно наследство и македонската историја била огромна и ненадоместлива. Монети, ќупови, орудија, икони се само мал дел од палетата откопана сиве овие години од страна на дивите копачи низ земјата што се нашле на црниот пазар, каде што најчести муштерии се лица од соседните земји.
Станува збор за исклучително доходовен бизнис, во кој се вртат огромни пари, но штетата што му се нанесува на македонското културно наследство е бесценета. Згора на тоа, во сето ова се крие и добрa стратегија финансирана од држави во соседството, кои не штедат пари кога станува збор за археолошки артефакти од Македонија, со единствeна цел тие потоа да се употребат за градење поинаков историски наратив.
Пред десетина години се случи кражбата на векот во Македонија, кога од депото на Археолошкиот музеј во Скопје мистериозно исчезнаа над 170 артефакти, што упатува на фактот дека во земјава постои добро организирана „петта колона“, која е подготвена за добри пари да го продаде македонското национално богатство. Во полициските билтени неодамна осамна кратка информација дека 11 лица се уапсени, а по едно сè уште се трага, под сомнение за извршени повеќе кривични дела поврзани со незаконско ископување и препродажба во странство на артефакти од непроценлива вредност.
Сето ова говори дека трговијата со артефакти ѝ нанесува огромна штета на државата, бидејќи на соседите им се даваат вредни материјали во рака, кои утре ќе можат да ги приложат како доказ за нивното толкување на историјата. Впрочем, тоа го прават и сега, без никакви научни издржани аргументи, обвинувајќи ја Македонија дека е фалсификатор на историјата, а всушност токму Грција и Бугарија се вистинските фалсификатори на историјата.

Со свој камен по своја глава

Дивите копачи во земјава нанесуваат огромна штета врз археолошкото богатство, кое во Македонија го има буквално на секоја педа, но државата, свесно или несвесно, не прави ништо и продолжува да не прави ништо за да го спречи тоа.
Пред извесно време албанскиот премиер Еди Рама симболично врати една украдена икона од Македонија, која по некои тајни патишта случајно стигнала во Албанија, но прашање е колку вакви непроценливи богатства и артефакти се трајно изнесени од земјава и завршиле во нечии приватни колекции.
Врз основа на она што е изнесено од земјава некој си гради сопствена историска приказна, притоа обвинувајќи ја Македонија за фалсификување на историјата и наложувајќи низ македонските археолошки наоѓалишта да се додаваат плочки на кои ќе се наведува дека „сето тоа ѝ припаѓало на хеленската цивилизација“?!
Затоа е и целата оваа офанзива од страна на Грција и Бугарија да продолжат да собираат артефакти од Македонија од различни периоди, за да покажат пред Европа дека историјата е на нивна страна. Кога на сето тоа ќе се додаде и индиферентниот и незаинтересиран однос на македонската дипломатија кон прашања што се однесуваат на поблиската или подалечната историја, преговорите на мешаната историска македонско-бугарска комисија, како и откажувањето од дел на античката историја со Преспанскиот договор, тогаш повеќе од јасно е дека Македонија не само што ја губи битката со Грција и Бугарија на маса туку го разнебитува и она што останало закопано на оваа територија, како сведоштво дека и таа има право на градење сопствена историја, независно од грчката и бугарската.
Професорката Наде Проева смета дека ѝ се прави огромна штета на државата, бидејќи сите артефакти што завршиле надвор од земјава, подоцна се прикажуваат како да се најдени таму и тоа кај меѓународната јавност се восприема како некаков историски факт, што всушност не е точно.
– Грците купуваат артефакти од нашиот дел, па потоа ги прикажуваат како да се најдени во Грција. Најдобар пример како тоа подоцна може да се искористи е периодот додека траеше спорот за името. Во тоа време грчкиот наратив беше дека северно од Битола нема никакви археолошки пронајдоци од античко време, што е смешно – вели Проева.
Според неа, Бугарите и Грците и без нашите артефакти прават сè што можат да ја ремоделираат нашата историја, но археолошкото богатство продадено од наша страна им помага да продолжат со нивната теза, дека артефактите се пронајдени на нивна територија, градејќи така сопствен историски наратив за одреден период.
– Тие трговци со артефакти немаат никаква милост. Нив ги интересираат само парите и не се свесни колкава штета ѝ прават на државата и колку тоа оди во прилог на ова што сега ни го прават соседите – истакнува професорката Проева.

Фото: Игор Бансколиев

Дали уништувањето и продажбата на артефакти се нечиј мастерплан

„Нова Македонија“, истражувајќи на оваа тема, контактираше со лице што од разбирливи причини сакаше да остане анонимно и кое е исклучително добро запознаено со случувањата на црниот пазар со артефакти и како тие завршуваат во Грција и Бугарија, но и со состојбите околу грижата, односно негрижата за македонското културно наследство.
– Точно е дека постои интерес за нашето културно наследство, и тоа од два аспекта. Прво, присвојување по пат на погрешно/тенденциозно толкување на културниот идентитет на артефактите/појавите на етничките носители на тие процеси. Второто е токму интенцијата овие артефакти да се искористат подоцна како аргумент за градење поинаков историски наратив. Македонија е ограбувана низ целата своја историја, и тоа не само од своите најблиски соседи. Што се однесува до археолошкото културно наследство, не е непознато дека многу уникатни и ретки примероци биле ископани во првата половина од 20 век и истите тие биле пренесени во народните музеи на одделни држави, а таму се толкувани како нивно национално богатство. Работата е многу комплексна – наведува изворот.
Според него, причините за ваквите состојби треба да се бараат во негрижата на државата за сопственото културно наследство.
– Ако ние на соседите им покажеме дека знаеме и можеме да се грижиме за сопственото културно наследство, тогаш и нивните обиди за ремоделирање на нашата историја ќе бидат многу поминуциозни и периферни. Постоењето на дивите копачи како социјална и криминална категорија во едно општество е препознаено во границите на цел Балкан и пошироко. Тоа што соседите ни го поткопуваат интегритетот не е ништо ново, ама кога сами (свесно или несвесно) им помагаме во тоа, е тоа е голем проблем – истакнува изворот.
Тој понатаму објаснува дека дивото копање и продажбата на ископаните артефакти може да се спречат само ако се заштитат археолошките локалитети, наведувајќи неколку препораки што може да преземе државата.
– Неопходно е да ги утврдиме границите на локалитетите, да ги заградиме или воведеме постојана чуварска служба. Не знам за таков локалитет, освен Стоби и Хераклеја. За жал, помеѓу нив не е ниту Вардарски Рид. Едноставен одговор е дека недостигаат средства за тоа – појаснува изворот.
Тој понатаму обелоденува многу состојби што доведуваат до тоа и она што е пронајдено да се уништува поради нестручниот пристап.

– Дали со претходниот бран на ископувања (петнаесетина години наназад), сè што ископавме и го заштитивме? Дали движните наоди се конзервирани, реставрирани итн.? Дали археолошките локалитети, како недвижно културно наследство ,и инфраструктурата врз нив се заштитени? Дали знаете дека кај нас повеќе години е практика за конзервација на недвижно културно наследство (разновидни објекти и структури), кое автентично е ѕидано од кал и камен во античкиот период, денес нашите конзерватори и надлежни установи да одобруваат употреба на армиран и натур-бетон за негова конзервација или реконструкција. Впрочем, Р Македонија е потписник на голем број конвенции на УНЕСКО за употреба на автентични материјали во процесот на конзервација. Овој начин на уништување на нашето културно наследство за мене е погубен, повеќе од она што го прават дивите копачи. Зошто? Па, тоа се прави со знаење на целата стручна јавност и надлежните установи – алармира изворот на „Нова Македонија“.
Тој посебен акцент става и на големиот притисок на приватни инфраструктурни инвестиции врз културното наследство, што, според него, е толку силен што почнува да се распаѓа и интегритетот на институциите што треба да го одбранат од таквите појави.
– Само споменете си (ако паметите) колкав дел од Вардарски Рид се уништи за да се трасира втората лента на меѓународниот пат Е-75. Постојат многу примери на вакво самоуништување, мислам дека е поголемо по обем од дивите копачи и дека има стратегиски карактер – посочува нашиот извор, кој поради чувствителноста на темата посака да остане анонимен.