Фото: Маја Јаневска-Илиева

Mакедонија како матична држава на македонскиот народ мора сериозно да ги сфати барањата на македонската дијаспора за поедноставување на процедурата за добивање државјанство. Аналитичарите и познавачите на оваа проблематика предупредуваат дека доколку Македонија како држава не преземе позитивни чекори за ова прашање, може засекогаш да ја изгуби македонската дијаспора, која има капацитет и можности да придонесе за развојот и напредокот на Македонија

Иселениците од Македонија мака мачат со добивање државјанства и патни исправи од својата матична држава

Македонците што живеат во соседните држави, но и низ Европа и светот, нагласуваат дека постапката за одобрување и доделување македонско државјанство е премногу сложена и честопати со години чекаат одговор од надлежните институции. Нашите соговорници прашуваат дали е можно одредени структури да го кочат процесот или државните институциите немаат капацитет за реализирање на барањата за државјанство или, пак, можеби станува збор и за државна политика, односно е одлучено да не се одобруваат државјанства.
Претставниците на повеќе македонски здруженија и организации во соседните држави, но и од Германија, Турција, Австралија, Канада и САД, посочуваат дека постапката за доделување македонско државјанство за оние што се родени и живеат во други држави, но имаат македонски корени, е апсурдна. Нашите соговорници велат дека Македонија како матична држава на македонскиот народ мора сериозно да ги сфати барањата на македонската дијаспора за поедноставување на процедурата за добивање државјанство. Аналитичарите и познавачите на оваа проблематика предупредуваат дека доколку Македонија како држава не преземе позитивни чекори за ова прашање, може засекогаш да ја изгуби македонската дијаспора, која има капацитет и можности да придонесе за развојот и напредокот на Македонија.
Според информациите што ги добивме од повеќе македонски здруженија и организации, бројката на поднесени барања за добивање државјанства е голема, но постапката е бавна и честопати чекаат со години за да добијат одговор од институциите. Горан Илијевски, претседател на Партијата на Македонците во Србија и политички аналитичар за состојбите во балканските држави, вели дека постојат одредени пречки во системот и институциите. Според него, одредени структури го кочат целиот процес за одобрување македонски државјанства, особено доколку станува збор за лица што имаат македонско етничко потекло.
– Дека ситуацијата е апсурдна покажува и примерот со Република Србија. Имено, тука живеат околу 200.000 Македонци, но оваа година се одобрени само девет државјанства. Од друга страна, за оние што живеат во Словенија и побарале државјанство, одобрени се дваесет државјанства. Имаме примери кога баратели на македонско државјанство од Србија чекаат повеќе од три години за одговор, надлежните институции ниту даваат позитивен одговор ниту негативен, што е спротивно на правилата во Македонија – вели Горан Илијевски.

Нашите соговорници исто така го посочуваат и проблемот со барателите на македонско државјанство од Република Албанија. Според информациите што ги добивме, триесет лица со македонско потекло од Албанија чекаат за македонско државјанство, а некои од нив дури и десет години, имено, едно од барањата е поднесено во 2012 година. Претставниците на македонското малцинство од Република Албанија сметаат дека сосема е природно да им се доделат државјанства бидејќи Македонија е матична држава на македонскиот народ.
Повеќемина баратели на македонско државјанство имаат етничко македонско потекло или македонски корени. Поради одредени политички и економски причини нивните предци биле принудени да ја напуштат Македонија. Многумина од нив во новите средини успеале да создадат успешни бизниси и компании, а честопати сакаат да инвестираат и во Македонија. Истовремено, многумина од постарите генерации сакаат да се вратат во своите родни огништа, а таков е примерот и со старите врановчани, кои во 50-тите години на 20 век се преселија во Република Турција.
За оваа состојба, Мустафа Кемал Узункаја, претседател на здружението на македонските иселеници ЕГЕ од Измир, вели дека врановчани, особено постарите генерации, сакаат да се вратат во Македонија и настојуваат да се стекнат со одреден имот, односно да купат куќа или плац за градба. Но оваа нивна желба е попречена поради постоењето на визниот режим помеѓу Македонија и Турција.
– Сметам дека најдоброто решение за оваа пречка е доделување македонско државјанство за врановчани и нивните потомци. Неколку од нас имаат поднесено барање за државјанство, но постапката е бавна. Доколку ни се овозможат македонски државјанства, ќе се олесни остварувањето на желбата на врановчани да се вратат во родниот крај, но и ќе се олесни начинот за инвестирање во Македонија – вели Мустафа Кемал Узункаја.

Нашите соговорници велат дека надлежните институции треба сериозно да ги сфатат барањата и потребите на македонската дијаспора, но и на македонското малцинство во соседните држави, бидејќи низ светот постојат многу успешни македонски бизнисмени и претприемачи, кои можат да инвестираат во Македонија и да придонесат во економскиот развој. Од друга страна, не смееме да заборавиме дека Македонија како матична држава на македонскиот народ мора да одржува позитивни врски со Македонците низ светот, а олеснувањето при доделувањето македонско државјанство ќе биде позитивен чекор, кој дополнително ќе ги зацврсти врските помеѓу македонската држава и македонската дијаспора, велат нашите соговорници

Виктор Бивел, познат новинар, издавач, уредник и публицист, вели дека Македонците во Австралија силно поддржуваат подобри контакти и односи со Македонија, а тоа вклучува охрабрување на дијаспората да земе македонско државјанство и олеснување на процесот на државјанство за дијаспората. Многу земји, вклучувајќи ја и Австралија, дозволуваат двојно државјанство, така што треба да има минимални пречки.
– Двојното државјанство треба да биде отворено за сите луѓе со македонско потекло што живеат надвор од Македонија. Кога Македонија стана независна, имаше одредби во законот што им олеснија на луѓето со македонско потекло да станат нејзини граѓани. Но тие одредби веќе ги нема во сегашниот закон. Тоа ја ослабува Македонија политички, економски и културолошки – рече Бивел.
Тој исто така рече дека би требало да биде полесно за секој етнички Македонец со барем еден дедо и баба етнички Македонец да стане државјанин на Македонија. Македонија може да биде и модел за успешна мултикултурна земја, која им дава целосно признание и права на своите малцинства, а во исто време е земја што е татковина на сите етнички Македонци и место каде што македонската култура е безбедна. Како што повеќе етнички Македонци стануваат граѓани, Македонија ќе станува политички постабилна и економски попросперитетна – нагласува Виктор Бивел.
Во однос на оваа проблематика, Драги Стојковски, претседател на организацијата „Обединети Македонци“ од Канада, вели дека македонската заедница со години го поставува ова прашање пред надлежните македонски институции. Стојковски му го посочил лично овој проблем на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски и првично добил позитивен одговор, но од непознати причини ништо не било реализирано од ветувањата.

– Сите Македонци ја гледаат Македонија како татковина, вклучувајќи ги и оние што се родени или живеат надвор од републиката. Македонските закони за државјанство треба да ги охрабрат сите етнички Македонци да ги зголемат своите врски со републиката. Добар пример за тоа е Израел, кој го гледаат како татковина од сите Евреи и кој го поттикнува државјанството кај еврејската дијаспора ширум низ светот. Израелскиот закон за враќање значи дека сите Евреи што ќе одат во Израел можат да станат државјани веднаш или во рок од три месеци – рече Драги Стојковски.
Нашите соговорници велат дека надлежните институции треба сериозно да ги сфатат барањата и потребите на македонската дијаспора, но и на македонското малцинство од соседните држави, бидејќи низ светот постојат многу успешни македонски бизнисмени и претприемачи, кои можат да инвестираат во Македонија и да придонесат во економскиот развој. Од друга страна, не смееме да заборавиме дека Македонија како матична држава на македонскиот народ мора да одржува позитивни врски со Македонците низ светот, а олеснувањето при доделувањето македонско државјанство ќе биде позитивен чекор, кој дополнително ќе ги зацврсти врските помеѓу македонската држава и македонската дијаспора, велат нашите соговорници. Д.Ст.