Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Сосиедад – нов клуб што од четвртиот барабан се пласира во осминафиналето

По четвртото коло на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), шест тима обезбедија пласман во осминафиналето, од нив два клуба од првиот барабан формиран пред ждрепката на групите, три од вториот и еден тим од четвртиот барабан.
Од најслабиот барабан, Сосиедад обезбеди место меѓу 16-те најдобри тима сезонава. Минатата сезона од четвртиот барабан во осминафинале на Лигата на шампионите се пласира Клуб Бриж (Белгија), во сезоната 2020/2021 тоа го оствари Борусија Менхенгладбах (Германија), во сезоната 2019/2020 имаше два тима меѓу осминафиналистите, и тоа Лајпциг (Германија) и Аталанта (Италија), од кои Лајпциг играше во полуфиналето, а Аталанта во четврт-финалето…
Сосиедад настапува во групата Д, од која понатаму се пласира и италијанскиот Интер, актуелен европски вицешампион, кој беше во вториот барабан пред ждрепката.
Од најсилниот барабан во осминафиналето сезонава досега се пласираа европскиот шампион Манчестер сити (Англија) и Баерн (Германија), а од вториот уште и Реал Мадрид (Шпанија) и Лајпциг (Германија). Во петтото коло уште неколку тима сами ќе одлучуваат за пласман понатаму во Лигата на шампионите. Н.М.


Кејн учествува во повеќе од половина од головите на Баерн сезонава во ЛШ

Хари Кејн постигна два гола за Баерн, во четвртото коло во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) и сега има вкупно четири сезонава, 25 во кариерата во ЛШ. Англискиот центарфор има и две асистенции сезонава во најсилното клупско натпреварување во Европа, со што Кејн по четири кола во Лигата на шампионите има учество во повеќе од половина од вкупниот број голови на Баерн (11).
На листата на стрелците со по пет погодока водат Расмус Хојлунд од Манчестер јунајтед и Алваро Мората од Атлетико Мадрид. По четири пати мрежата ја затресоа и Ерлинг Холанд (Манчестер сити), Еванилсон (Порто) и Антоан Гризман (Атлетико Мадрид). Најефикасни тимови досега, со по 12 гола, се Манчестер сити и Атлетико Мадрид (Мората и Гризман заедно постигнаа девет) и Баерн со 11. Н.М.


КОШАРКА – ПО ШЕСТ КОЛА
Шортс води во две статистички категории во Еврокупот

По шест кола, македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс (Париз) е најдобар асистент и е прв на листата за украдени топки во кошаркарскиот Еврокуп.
Париз е осамен на првото место во групата А со шест победи, а без пораз сезонава е само уште актуелниот победник во ова натпреварување, Гран Канарија, во групата Б. Финалистите на Еврокупот во оваа сезона ќе стекнат право да се натпреваруваат во Евролигата во идната сезона.
Шортс во шесте кола сезонава оствари 7,7 асистенции по натпревар (по дуелите неделава второпласираниот во оваа категорија има просек од 6,5) и има 2,5 украдени топки по меч (колку што има и Исиаха Мајк од Бург баскет од Франција). Македонскиот плејмејкер е втор според просекот на погодени удари за два поена, четврти според индексот на перформанс…
Македонскиот репрезентативец минатата сезона со германскиот Бон ја освои титулата во Лигата на шампионите на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) и беше прогласен за најкорисен кошаркар (МВП) на регуларната сезона и на фајналфор-турнирот на тоа натпреварување. Н.М.