Фото: Принт-скрин

Наводниот документ за промена на балканските граници повторно се актуелизира

Нонпејперот за промена на балканските граници, што минатата година го разбранува регионот, повторно се актуелизира со неговото спомнување од страна на поранешниот висок претставник на ЕУ за БиХ, Валентин Инцко, кој тврди дека контроверзниот нонпејпер и натаму постои, наведувајќи во интервју за словенечките медиуми дека ваквиот неформален документ стои во неговата фиока речиси четири години. Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета дека Македонија не треба да се осврнува на нонпејперот, што го окарактеризира како смешна шпекулација, туку да се интересира за случувањата во глобални рамки, односно за ситуацијата во Украина, како и во ЕУ, кои, според него, суштински ја засегаат државата.

– Балканот е широк простор. Тука постојат разни интереси и секој може преку медиуми и преку разни иницијативи да се обиде да ги застапува. Милорад Додик заговара поделба на Босна, а камоли Јанез Јанша кој е премиер на една помала европска држава. Сепак, станува збор за смешна шпекулација. Во однос на Балканот, ЕУ и САД имаат јасни ставови и линии кои не се менуваат. Ние сме НАТО-држава и никој не може да ги смени нашите граници освен ако самите не го сакаме тоа – истакнува Муслиу.

Македонија како држава-аспирант за членство во ЕУ, според Муслиу, би требало да биде подобро информирана за процесите во Унијата, а како НАТО-членка да покаже и поголем интерес за случувањата во Украина, кои се во фокусот на светската јавност.

– Нас треба да нѐ интересира што се случува во глобални рамки, односно можните импликации од состојбата во Украина. Тие ќе ги почувствува и Зимбабве кое е оддалечено илјадници километри, а камоли Македонија која е членка на НАТО. Ние најмалку знаеме што се случува во ЕУ, кон која имаме игнорантски однос, не само на политички, туку и на општествен план, а таму имаме стандарден процес што нѐ засега и ние сакаме да влеземе во Унијата – вели Муслиу.

Словенечките медиуми први го објавија нонпејперот во април минатата година, чиј автор наводно е словенечкиот премиер Јанез Јанша (на Твитер објави факсимил од интервјуто на Инцко), со што се тврдеше дека неофицијалниот документ бил упатен на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, за време на словенечкото претседателство со ЕУ.

Според известувањето во регионот, спорниот нонпејпер, наводно, ја истакнува можноста за прецртување на границата меѓу Србија и Косово, а се предвидува и можност за отцепување на Република Српска од БиХ, припојување на делови од Црна Гора и Македонија со албанско мнозинство кон Албанија и припојување на делови од БиХ, односно западна Херцеговина, кон Хрватска.

Постоењето на ваквиот документ тогаш го демантираа Јанша, како и членовите на Европскиот совет, но нонпејперот повторно се спомнува во регионалните медиуми, одново покренувајќи ги шпекулациите за неговата веродостојност.