Пред два дена, Европскиот парламент (ЕП) го усвои извештајот во кој се залага за „поширока примена на гласањето со квалификувано мнозинство во процесот на проширување на Европската Унија“! Извештајот за продлабочување на интеграцијата во ЕУ во однос на идното проширување беше усвоен со 305 гласа за, 157 против и 71 воздржан.Во извештајот на Европскиот парламент (ЕП) се наведува дека „Европските институционални реформи треба да ја зголемат способноста на ЕУ за дејствување и да вклучат поедноставени и поефикасни процедури за донесување одлуки, притоа оддалечувајќи се од едногласното одлучување“ и дека процесите за подготовка за проширувањето треба да се одвиваат паралелно и во ЕУ и во земјите членки
Поефикасни процедури за донесување одлуки и оддалечување од едногласното одлучување!
Пред два дена, Европскиот парламент (ЕП) го усвои извештајот во кој се залага за „поширока примена на гласањето со квалификувано мнозинство во процесот на проширување на Европската Унија“! Во извештајот на Европскиот парламент (ЕП) се наведува дека „Европските институционални реформи треба да ја зголемат способноста на ЕУ за дејствување и да вклучат поедноставени и поефикасни процедури за донесување одлуки, притоа оддалечувајќи се од едногласното одлучување“ и дека процесите за подготовка за проширувањето треба да се одвиваат паралелно и во ЕУ и во земјите членки. Извештајот за продлабочување на интеграцијата во ЕУ во однос на идното проширување беше усвоен со 305 гласа за, 157 против и 71 воздржан
Ќе го започнам овој текст со една приказна што ми ја раскажуваше мојот прадедо Велјан, додека ги плетеше врбовите кошници, а прабаба ми Донка ткаеше на разбојот. Тој често ми ја раскажуваше приказната за Лисицата и Бравот, која се надевала дека „нешто“ ќе падне и ќе има што да јаде. Не кажувам намерно што очекувала да падне, ама тоа не паѓа. Така таа одејќи по Бравот останала гладна.
Така и нашата Македонија веќе 33 години оди по патот на голготата, надевајќи се дека набрзо ќе ѝ се отворат вратите прво на ЕЕЗ, а сега на Европската Унија. Многу брзо заборавивме, не ние во Македонија, туку во Европската Унија дека таа со Словенија беше единствената што ги исполни условите за меѓународно признавање, утврдени од самата ЕЕЗ, потврдени од комисијата Бадентер. Но истите тие што ги утврдија правилата не ги испочитуваа, па дури и донесоа декларација во Лисабон дека „нема никогаш да признаат држава што во името го има терминот Македонија“. Нема да ја повторувам нашата најнова историја, која за нашата земја се покажа болна и полна со отстапки и неисполнети ветувања. Прифативме најпрво референца за членство во ООН, наспроти самата Повелба на организацијата, се откажавме од вековниот симбол – сонцето на првото знаме, за да го замениме со ново исто така со сонце, но тие што ќе го развијат старото – се гонат дека предизвикувале „нарушување на јавниот ред и мир“! Прифативме Охридски договор, нова територијална поделба, потоа договорот од Преспа, па договорот со Бугарија, отстапки што директно го погодија нашиот бит, нашето ткиво. Секогаш кога се прифаќаше нешто се велеше дека тоа се прави за да одиме на патот кон евроатлантските интеграции. Да, влеговме во НАТО, односно НАТО беше кај нас уште од нашата независност, само ние не знаевме да ја искористиме војната во Косово за да станеме членка порано и да го фатиме процесот на интеграции во ЕУ. Бугарија и Романија влегоа во ЕУ, и пред сѐ Бугарија поради опасностите од империјалистичките намери на Русија, кои дојдоа до израз со инвазијата на Украина. Значи одлуката за влез на Бугарија не беше дека таа ги исполни политичките и економските услови за членство, туку дека таа му беше потребна на западниот блок за да се заштити на источното крило. А ние и покрај отстапките не мрднавме од место, напротив, тоа стоење на место ги разниша солидната држава и втемелениот македонски идентитет развиен и зацврстен во толку многу критикуваниот „социјалистичко-комунистички режим“. Соседна Бугарија и соседна Грција го искористија своето членство во ЕУ за да нѐ блокираат на нашиот пат, користејќи го правото на вето.
И токму сега доаѓаме на тоа едногласно одлучување во ЕУ, по мојот краток вовед во текстот, кој се однесува на извештајот на Европскиот парламент донесен на последната сесија во Стразбур на 29 февруари.
Европскиот парламент се заложи за „оддалечување од едногласното одлучување“ во процесот на проширување на ЕУ
Европскиот парламент го усвои извештајот во кој се залага за поширока примена на гласањето со квалификувано мнозинство во процесот на проширување на Европската Унија. Извештајот за продлабочување на интеграцијата во ЕУ во однос на идното проширување беше усвоен со 305 гласа за, 157 против и 71 воздржан и во него се наведува дека „Европските институционални реформи треба да ја зголемат способноста на ЕУ за дејствување и да вклучат поедноставени и поефикасни процедури за донесување одлуки, притоа оддалечувајќи се од едногласното одлучување“ и дека процесите за подготовка за проширувањето треба да се одвиваат паралелно и во ЕУ и во земјите членки.
На ЕУ ѝ требаат долгорочна политичка визија и институционални и финансиски реформи за да се обезбеди нејзиниот капацитет да апсорбира нови членки, велат европратениците во извештајот усвоен во четвртокот
Европратениците повикуваат на посилна заштита на владеењето на правото и демократските вредности на ЕУ од назадување и во постојните и во идните земји членки, обезбедувајќи со тоа проширувањето да ја зајакне Унијата.
Во однос на европските институционални реформи, европратениците велат дека ЕУ треба да се реформира за да дејствува поефективно, вклучувајќи и во нејзините процедури за донесување одлуки, и да се оддалечи од едногласноста. Европратениците нагласуваат дека употребата на механизми за флексибилност, како што се клаузули за мостови, пред подлабока реформа во контекст на можна ревизија на договорите на ЕУ, не треба да ги спречи конструктивните дискусии за ревизија на договорите. Пресметката на праговите за гласање со квалификувано мнозинство треба исто така да се преиспита за да се подобри рамнотежата помеѓу поголемите и помалите држави и да се постават повисоки прагови за најважните одлуки.
Реформите пред проширувањето мора да ги решат и импликациите од проширувањето за составот на парламентот според европратениците.
Пристап со повеќе нивоа
ЕУ треба да постави конкретни поединечни реформски цели, патокази и средни временски рокови за секоја земја пристапник, без брзи или фиксни однапред дефинирани рокови за членство, според европратениците.
Земјите што постигнуваат значителен напредок во реформите поврзани со ЕУ треба да бидат способни постепено да се интегрираат во заедничките политики на ЕУ, како што е единствениот пазар. Тие наведуваат дека диференцираната интеграција е дел од решението за ефикасна и продлабочена проширена ЕУ, но не може да доведе до никакво слабеење на нејзините вредности.
Проширувањето е и голем финансиски предизвик за ЕУ, особено во однос на кохезивните и земјоделските политики, и можност за реформа на овие политики, велат европратениците, додавајќи дека правилно финансираната Повеќегодишна финансиска рамка (ПФР) и поефективниот буџет на ЕУ се потребни.
Коизвестувачот Петрас АУШТРЕВИЧИУС (Рењув (Обнова, ЛТ) вели дека „Проширувањето на ЕУ е историска можност да се постигне обединета, безбедна и мирна Европа. Крајно време е да се унапредат преговорите за пристапување во ЕУ со земјите кандидати. Препорачуваме заеднички пристап со кој проширувањето и реформите на ЕУ и институционалните и донесувањето одлуки мора да одат рака под рака и да ја зајакнат ЕУ и да го исполнат ветувањето дадено на земјите кандидати“.
Од своја страна другиот коизвестувачот Педро СИЛВА ПЕРЕИРА (Социјалисти и демократи, ПT) додава: „Политичката порака на Европскиот парламент во овој извештај е јасна: за да биде можно проширување, покрај важните реформи во земјите кандидати, потребни ни се и институционални и финансиски реформи во Европската Унија, во спротивно ЕУ нема да биде подготвена да апсорбира нови членки. Проширена ЕУ, со 35 или повеќе земји членки, не може да функционира со сегашните правила наменети за 27. Ако сакаме да бидеме сериозни во врска со проширувањето, мораме да признаеме дека се потребни европски реформи и креативни решенија, бидејќи диференцираната интеграција мора да биде дел на институционалната архитектура на ЕУ“.
Имено, европратениците во извештајот посочуваат дека „гласањето со квалификувано мнозинство треба да се спроведе во области како што се заштитата на демократијата, човековите права и владеењето на правото, санкциите и другите релевантни надворешнополитички одлуки, како што е почетокот на преговорите за пристапување во ЕУ, отворање и затворање на поединечни преговарачки кластери и санкционирање на неуспеси, со исклучок на одлуките со кои се овластуваат воени мисии или операции со извршен мандат“. Исто така, се додава дека е важно земјите кандидати да се усогласат со заедничката надворешна политика на ЕУ, по последнава точка Македонија е поусогласена со политиките на ЕУ и од некои земји членки на истата таа.
Тони Гламчевски, дописник на „Нова Македонија“ од Стразбур