Сергеј Лавров/Фото: Архива

Без преседан е одлуката да се забрани прелетот на авионот, поради што е откажана посетата на Србија, истакна рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на вонредна прес-конференција, нагласувајќи дека станува збор за „политика на двојни аршини“.

Балканот ја зацврсти „железната завеса“ за Русија што го попречи Лавров

Лавров ги обвини НАТО и ЕУ за забраната за прелетот, порачувајќи дека Македонија, Бугарија и Црна Гора „ќе кажат оти тоа им го рекле ЕУ и НАТО, а НАТО и ЕУ ќе кажат дека тие земји сами одлучиле“ при затворањето на воздушниот простор за рускиот авион.

– Јасно ви е колку членството во НАТО ги чини Црна Гора и Северна Македонија и зошто на НАТО му требаат такви држави – да ја одржуваат антируската политика и закана, за да им бидат бази за таквата политика – заклучува рускиот министер за надворешни работи.

МНР: Го одбивме руското барање за користење на воздушниот простор за лет до Белград

Лавров смета дека на Србија ѝ е одземено правото на остварување на надворешната политика.

– Се случи нешто незамисливо. На суверена држава и е одземено правото на остварување на надворешната политика. Блокирана е меѓународната дејност на Србија на рускиот правец. Да ви биде јасно, нашите односи со Србија, никој, повторувам никој, нема да ги уништи – посочи Лавров, соопштувајќи дека во Москва е повикан министерот за надворешни работи на Србија Никола Селаковиќ.

Според Лавров, разговорите во Србија требало да бидат од поширок спектар, а требало да се зборува и за Косово и БиХ.