Бујар Османи Фото: Фејсбук

Македонија е лакмус тестот за кредибилитетот на Европската Унија. Ова е мислење на министерот за надворешни работи Бујар Османи, што тој го истакна на министерска конференција посветена на ЕУ проширувањето во Берлин.

– Од ставовите на Јункер до оние на фон дер Лајен од пред неколку дена, можам емпириски да посведочам дека Европа денес е соочена со геополитичко будење, кое треба да обезбеди геостратешка инвестиција во безбедноста на ЕУ – порача Османи.

Во своето обраќање, министерот се осврна на концептот „Повеќе интеграција пред членство во ЕУ”, како еден од модалитетите како ефективно да фатиме чекор со економиите на земјите членки на ЕУ и да го премостиме јазот што моментално се зголемува наместо да се стеснува.

Воедно, шефот на македонската дипломатија го поздрави уште еднаш Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, претставен од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кој се дополнува со овој концепт.

Што се однесува до дебатата за потребата од внатрешни реформи со цел земјите да бидат подготвени за прием како нови членки во догледна иднина, Османи рече дека истите треба да се третираат како комплементарни со проширувањето, а не како едната да ја исклучува другата или да биде предуслов.

-По 20 години од Солунската агенда, потребно е да се смени сегашниот бинарен пристап на сѐ или ништо, каде една земја се додека не е членка на Унијата не е вклучена во политиките или институциите на ЕУ или нема пристап до фондовите на ЕУ. Наместо тоа, секој кандидат, преку успешно спроведување на реформите и усогласувањето на своите политики со оние на ЕУ, треба да напредува со сопствено темпо преку постепена интеграција – истакна Османи.

Министерот, како што соопшти МНР, се обрати на првиот дел од конференцијата, заедно со министрите за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, на Словенија, Тања Фајон и на Украина, Дмитро Кулеба.

Министерската конференција, чија цел е размена на мислења во однос на подготовеноста на Унијата за проширување и на идните земји членки за членство во ЕУ, се одржа непосредно пред Европската комисија да го објави својот пакет за проширување заедно со извештаите за земјите, кои ќе дадат препораки за конкретни чекори за кои ќе одлучува Европскиот совет во декември.

На маргини на конференцијата, Османи ќе оствари и билатерални средби со свои колеги од земјите членки на ЕУ и од регионот.