Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пратениците на Левица до претседателот на Собранието поднесоа предлог-декларација за солидарност со палестинскиот народ и осуда на израелската окупација. Во декларацијата составена од девет точки, која се темели на неколку меѓународни акти и резолуции на Обединетите нации (ОН), меѓу другото, се бара осуда на воените злосторства врз палестинските цивили извршени од страна на безбедносните сили на Израел и осуда на политиките на апартхејд имплементирани врз палестинскиот народ.

Се бара од Владата да ја признае независната држава Палестина и да воспостави дипломатски односи на ниво на амбасади, а од претседателот  Стево Пендаровски се бара веднаш да го отповика македонскиот амбасадор во ОН, кој, како што велат, гласаше воздржано за резолуцијата на Генералното собрание на ОН за заштита на палестинските цивили, како и вклучување на припадници на АРМ во мировните мисии на ОН за давање хуманитарна помош на Појасот Газа.

– Со оваа декларација, пратениците на Левица, му предлагаат на Собранието на РМ, како уставен носител на законодавната власт и средиште на парламентарниот плурализам, да го изрази својот политички став за неприфатливите, нечовечки и стравотни сцени на масакри и колективна траума, кои секојдневно доаѓаат од разурнатата Газа, осудувајќи ја илегалната израелска окупација на палестинските територии. Сметаме дека нормативниот текст на декларацијата во склад со традицијата на југословенската дипломатија и тој е прифатлив за сите политички чинители застапени во македонскиот парламент, а ова особено во духот на интернационализмот и меѓународната солидарност – истакнуваат од Левица.