МПЦ-ОА ќе продолжи по патот што му служи на мирот, по патот што ќе биде и пат за конечно решавање на автокефалниот статус. Ние веруваме дека уште деновиве ќе доживееме полна радост, со помош на Господа и со помош на вашата светост, заедно со браќата архијереи на Српската православна црква, порача поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан. Поглаварот на СПЦ, Порфириј, пак, истакна дека без оглед на силите што работеле против единството на двете цркви, со божја помош е исцелувана неколкудецениската рана
Владиците на СПЦ и МПЦ-ОА одржаа заедничка историска литургија
Заедничка архијерејска литургија за воспоставување „литургиско и канонско општење на двете сестрински цркви“, односно литургија на помирувањето одржаа вчера поглаварите на СПЦ, Порфириј, и на МПЦ-ОА, Стефан, во храмот „Свети Сава“ во Белград, чин што беше означен како помирување на двете цркви по 55 години меѓусебни несогласувања.
На заедничката литургија на помирување, покрај поглаварите, присуствуваа и владици и високи црковни лица од двете цркви, а целиот настан предизвика и голем интерес меѓу граѓаните, кои во голем број присуствуваа на литургијата.
– Најпрво да му благодариме на Бога за денешниот ден, за даруваната љубов со која ја прегрна древната Охридска архиепископија возобновена како Македонска православна црква. Да му благодариме на Бога за неизмерната радост со која ги исполни душите и на сите што во изминатите два и пол века се надеваа дека ќе се оттргне неправдата и дека ќе дојде време да завршат голготските страдања за македонскиот православен народ и за Црквата охридска и македонска – истакна поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.
Тој додаде дека со заедничката литургија се потврдило единството меѓу двете цркви, како и со другите помесни цркви.
– МПЦ-ОА ќе продолжи по патот што му служи на мирот, по патот што ќе биде и пат за конечно решавање на автокефалниот статус. Ние веруваме дека уште деновиве ќе доживееме полна радост со помош на Господа и со помош на вашата светост, заедно со браќата архијереи на Српската православна црква – порача г.г. Стефан.
Поглаварот на СПЦ, Порфириј, пак, истакна дека без оглед на силите што работеле против единството на двете цркви, со божја помош е исцелувана неколкудецениската рана.
– Сѐ што имаме, од Бога сме добиле, а кога трпиме, најчесто тоа е последица на наши погрешни чекори. Разбравме дека има рана што е отворена од нашите постапувања. Затоа се обративме до сите цркви да го направиме тоа што не ни одеше од рака. Тој момент кога го помисливме тоа, се случи неочекувано чудо. Нашата радост е неизмерна денеска, тоа е радост. Ние сме во црквата едно. Овој одзив на браќата и сестри од Србија и од Македонија покажува дека е добро и честито срцето на нашите народи и силно чука за сите нас, во ритамот на Христос – рече Порфириј.
Според најавите на македонските црковни лица, до крајот на месецов се очекува сите православни цркви да го прифатат канонското единство на МПЦ-ОА и да биде потпишан томосот од цариградскиот и српскиот патријарх.
Поранешниот директор на Комисијата за односи со верските заедници, Цане Мојановски смета дека заедничкото сослужување на архијереите на Македонската православна црква-Охридска архиепископија и Српската православна црква во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград е првиот чекор кон воспоставување канонско и литургиско единство и претпоставка за непосредно општење на оваа ерархија и црква со другите помесни православни цркви.
– На самиот почеток треба да се поздрави ваквиот чин на заедничко литургиско сослужување како облик на помирување и упатување дека постои подготвеност да се трага по решенија, а не по основи за тлеење на отворениот проблем, на српскиот патријарх г. Порфириј, на архиепископот македонски г.г. Стефан, на ерархиите и на сите добронамерни луѓе да им честитаме и да си посакаме ваквите слики да се одраз на заедничките интереси, на вербата во православните вредности и манифестираното братољубие и доброљубие – вели Мојановски.
Според него, се очекува добрата волја, христољубивата смиреност да води кон отворање на заедништвото, а помирувањето како израз на подготвеноста да се практикува простувањето како основа за нов почеток кон заедничките цели.