Последните пораки што доаѓаат од политичарите, дека „моментално се усогласуваат ставовите на политичките партии во врска со уставните измени“, создадоа дополнителна конфузија кај граѓаните и во јавноста. Нејасно е на какво „усогласување“ се мисли кога во моментов нема никаква дебата, координација, не заседава ниту едно државно тело на оваа тема, па дури непознат е и финалниот текст на уставните измени, кои Владата требаше да ги додефинира и да ги достави до Собранието. Што се усогласува, со кого, на кој начин, каде е тука јавноста, дали е ова само уште еден политички блеф и купување време, во недостиг од поширока јавна дебата или можеби се подготвува теренот за ново прегрупирање, како пред неколку години кога со индивидуални притисоци и уцени врз пратеници се протурка Преспанскиот договор и се смени името на државата? На сите овие прашања граѓаните и јавноста очекуваат одговори

Политичко-партиски „усогласувања“ за уставните измени без јавноста и надвор од институциите?!

Најновите пораки што доаѓаат од претставници на власта, дека моментално се усогласуваат ставовите на политичките партии во врска со уставните измени, создадоа дополнителна конфузија кај граѓаните и јавноста, која повеќе од една година постојано и речиси секојдневно се бомбардира со збунувачки партиски ставови на темата уставни измени. По обелоденувањето на францускиот предлог и неговото вметнување во преговарачката рамка, пред повеќе од една година, практично започна и оваа партиско-политичката опсада врз граѓаните и јавноста на темата уставни измени. Но наместо секојдневни партиски соопштенија, политички подметнувања, блефови и интриги на темата уставни измени, граѓаните и јавноста очекуваат многу поголема отвореност, транспарентност и отчетност за сите овие процеси. Оттаму најновата порака дека повторно зад сцена, односно зад грбот на граѓаните, се усогласуваат политичките ставови за уставните измени, ја разбранува и вознемири јавноста.
– Она што е пред нас е усогласување на ставот на политичките партии, бидејќи пред нас имаме исклучително значајна одлука, а тоа е продолжување на европската интеграција на државата – изјави деновиве премиерот Ковачевски, запрашан за уставните измени.
На какво усогласување мисли власта, навистина е нејасно кога во моментов нема никаква дебата, координација, не заседава ниту едно државно тело на оваа тема, па дури непознат е и финалниот текст на уставните измени, кои Владата требаше да ги додефинира и да ги достави до Собранието.

Нема усогласување без широка јавна и парламентарна дебата

За потсетување, расправата во Комисијата за уставни прашања траеше само неколку часа, а немаше суштинска дебата ниту во Собранието, иако за тоа првично беа предвидени најмалку 10 дена. Како тоа сега се усогласуваат ставовите кога собраниската седница за уставните измени, која започна на 18 август, траеше само еден ден и оттогаш е прекината на неодредено време.
Што се усогласува, со кого, на кој начин и каде е тука јавноста? Дали е ова само уште еден политички блеф и купување време, во недостиг од поширока јавна дебата или можеби се подготвува теренот за ново прегрупирање, како пред неколку години кога со индивидуални притисоци и уцени врз пратеници се протурка Преспанскиот договор и се смени името на државата?
За аналитичарите нема дилема дека партиите го гледаат само својот интерес, при што се можни секакви сценарија. Што и да е во игра, сѐ што е надвор од очите на јавноста и сѐ што се договара надвор од институциите нема да има легитимитет кај граѓаните.
– Најголема грешка е што неповратно се пропушта шансата да се дебатира пред јавноста по прашањето на уставните измени, аргументирано да се чујат ставовите на сите и да се направат обиди да се извлече максимум од целата оваа ситуација, во интерес на македонскиот народ и државата. Тоа, секако, можеше и сѐ уште може да се направи, доколку постојат политичка волја и сенс да се чуе гласот на народот, евентуално да се доработат и модифицираат амандманите за промена на Уставот и преку целиот овој процес да се зацврстат улогата и државотворноста на македонскиот народ, наспроти другите малцинства. Наместо тоа, времето одминува, дебата и дијалог нема, поделбите и антагонизмите се продлабочуваат, политичарите го гледаат само својот партиски интерес, додека народот и државата страдаат – тврдат активисти од невладиниот сектор.
Според нив, најдобро и единствено место за усогласување на ставовите по кое било прашање, вклучувајќи и за уставните измени, е Собранието, како храм на демократијата и највисок народен претставнички дом, како и неговите работни тела и комисии.
Токму таму требаше да започне и да трае и со месеци ако треба парламентарната дебата околу уставните измени, која требаше да се одвива паралелно и со други стручни, јавни расправи, трибини со учество на уставни експерти, граѓански организации, научни институции итн. За жал, ништо од сето ова досега не се случи, велат соговорниците.

Куриозитет: Нова стратегија за транспарентност за периодот 2023-2026

Како своевиден куриозитет, во отсуство на каква било дебата и транспарентност поврзана со уставните измени, вчера беше обелоденета новата владина програма или стратегија за транспарентност за периодот 2023-2026 година. Целта на стратегијата за транспарентност е усогласување со потребите на граѓаните, создавање култура на транспарентност во државата, во која ќе владеат стандарди на добро управување на институциите во извршната власт што придонесува кон зголемена доверба на граѓаните.
– Принципите за доброто владеење, кога се работи со граѓаните, се: отвореност, транспарентност и отчетност, правичност и еднаквост, вклучувајќи механизми за консултации и за учество, ефективни и ефикасни услуги, јасни, транспарентни и применливи закони и правила, конзистентност и кохерентност во креирањето политики, почитување на владеењето на правото и високи стандарди на етичност. Врз основа на овие принципи се гради отворена извршна власт што е пристапна, транспарентна и респонзивна – се вели во стратегијата.
Во неа уште се нагласува дека иако постојат многу различни пристапи кон отворена извршна власт, речиси сите ги вклучуваат истите основни концепти на транспарентност, отвореност, одговорност и отчетност. Тоа значи дека Владата мора да ги слуша граѓаните и деловниот свет и да ги зема предвид нивните мислења кога ги формулира и кога ги имплементира јавните политики. Така е само на хартија, но на терен состојбите се сосема поинакви.
Или, со други зборови, до политичарите воопшто не допира гласот на јавноста и граѓаните, за тоа кои се нивните барања и потреби. За тоа колку политичарите се отуѓени и однародени од сопствениот народ свој став има и адвокатот Звонко Давидовиќ.
– Се срами народот од нивните безочност и бесрамност, се срами и иселува, се срами и се повлекува во себе, губејќи желба и интерес за сѐ, станувајќи апатичен и незаинтересиран. Амнестираа пратеници за промена на името, сега ќе амнестираат политичари за промена на Уставот, но не сфаќаат дека по сето ова ниту државата е држава, ниту Уставот е устав, ниту се тие политичари, а народот повеќе нема ниту еден корен за кој би се фатил за да опстане. Од државата направија синоним за корупција и идиотизам од идентитетот – предмет за подбив, од власта синоним за нечесност и некадарност – оценува Давидовиќ.