Фото: Горан Анастасовски

На 15 септември, во 19 часот во Продажен салон на Културно информативен центар – Скопје ќе биде отворена изложбата „Скопје под лупа“ на Јована Савевска. Куратор на изложбата е Владимир Јанчевски.

Изложбата на фотографии се реализира во рамките на фестивалот „Звукот на Скопје“ 2023, во организација на Културно информативниот центар, Скопје.

Фото: Горан Анастасовски

-„Скопје под лупа“ не е крими-истрага, туку изблик на една креативна душа во период на подврзани крилја. Случувањата изминативе три години, кризите од повеќе размери за човекот создадоа нова реалност во четири ѕида. Поради тоа, во тој период почувствував потреба да се раздвижам, да создадам, да се фокусирам. Одлуката беше да се фокусирам на Скопје, односно на деталите на денешниот град, кој претрпе свои кризи и големи промени во својата конфигурација. Темпото на живеење на скопјани, видикот и чувството за припадност во градот се променија. Па, така личното дисконектирање посакав да го поврзам со она на скопјаните со Скопје. Фокусот на креативните аспекти на градот, вредностите, културното минато и современата скопска ситуација, станаа целта на моето фотографирање. Но, и желбата да се потсетиме, да се доближиме до меморабилиите на градот. Фотографирани се дел од значајните архитектонски и скулпторски достигнувања, кои веќе ѕиркаат меѓу целиот урбан хаос и метеж. Фокусот е поставен преку поинаква перцепција, навидум испревртена, од една страна како мал експеримент, а од друга со цел да се истакне одбраниот објект. Објектот иако е јасно, чисто претставен, всушност лебди во замаглениот простор, целосно дисконектиран од контекстот. Целата серија на фотографии делува на документациска архива, каталошко презентирање, мапирање на култни точки. Направена во црно-бела техника, како мала доза на сентименталност кон нашето драго Скопје. Фотографиите се изработени во периодот од крајот на 2020 година, до почетокот на 2022 година – вели Савевска

-Фотографиите на Савевска отвораат суштински можности за интерпретација на начините на гледање, на прашањата за мерката и дистанцата потребни за постигнување на јасноста, и конкретно на самиот фото-запис, но и во најопшта смисла на визуелната култура. Објектите се наоѓаат во меѓупросторот помеѓу долгото траење и конкретното време на настанување на културните маркери, помеѓу личното време на авторот и моментот на фотографирање, на физичкиот
простор на објектите наспроти виртуелниот на изложбената поставка. Изложбата нѐ соочува со можностите за реконструирање на хронолошкиот тек, а нуди и една посебна прилика за ориентирање во просторот со сите противречности, континуитети и дисконтинуитети – вели Јанчевски.