Културната политика на себепрогласената „проевропска“ малограѓанштина

Рушење, брусење, па цензура

Културата и уметноста секогаш се една голема провокација за општеството да се види себеси во огледало, да си ги согледа грешките, маните, заблудите, предрасудите и лажните претстави. Оттука имам слабост кон „најлошите дечки“ во книжевноста, како Сорокин, Уелбек или нашиот Русјаков, но и кон авторите што се најпрецизни политички аналитичари на совремието, како Франзен, Памук, Љоса, Коу или нашиот Божин Павловски

Кој се дрзнал да го цензурира Блаже Миневски? Една од најлошите особини кај секоја личност е претенциозноста, особено кај нас што сме присутни во јавноста и сме дел од општествената дебата. Чесно знаеме да си го пикаме носот (и перото) каде што не му е место. Но јас, барем се трудам да не навлегувам во области каде што имам интерес, често и прежежок интерес, но немам никакво продлабочено знаење за да понудам став или осврт достоен да биде вклучен во јавната дебата. Една од тие области е културата. Признавам дека буквално секој културен производ во Македонија, Европа и глобално ми е интересен, но дека единствено сум страсно вљубен во културата и уметноста што има јасен политички ангажман, особено во книжевноста.
Според мене, културата и уметноста секогаш се една голема провокација за општеството да се види себеси во огледало, да си ги согледа грешките, маните, заблудите, предрасудите и лажните претстави. Оттука имам слабост кон „најлошите дечки“ во книжевноста, како Сорокин, Уелбек или нашиот Русјаков, но и кон авторите што се најпрецизни политички аналитичари на совремието, како Франзен, Памук, Љоса, Коу или нашиот Божин Павловски.

Македонија, како и секоја друга земја на мал народ и на помал јазик, сериозно ја поддржува културата од државниот буџет. Не само кај нас туку и во многу поголеми, побогати и поразвиени земји не може да постои олку богат културен живот, ваква културна сцена во Скопје, како клучен културен центар, но и толку силно литературно производство, без помош од Министерството за култура. Тоа е една голема придобивка за секој граѓанин на Македонија и јасен влог во културниот развој на секоја личност во Македонија.
Нашиот народ и во најлошите времиња, па и во најоскудните години на живејачка, вложувал во културата, дури и кога сме немале сопствена држава. Има ли подобар доказ од сите велелепни религиозни зданија, манастири, цркви, џамии, теќиња, синагоги и други храмови, резба, народни носии и други споменици на многубројните наши предци, кои сакале да остават трага дека постоеле и битисувале на овие простори, како и од нашиот фолклор и народно творештво.
Животот е многу повеќе од простата биологија и од трката за материјалното.
Оттаму, се вчудовидов и се вџашив кога видов дека министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска одлучила да го цензурира Блаже Миневски и да го исфрли неговиот најнов роман, „Ако се родат некакви чувства“, од конкурсот за финансирање проекти од национален интерес од областа на литературата и издавачката дејност за 2023 година. Јасен е мотивот зад оваа одлука… Клучна тема на романот е љубовта на нашиот национален јунак Гоце Делчев и Јанка Каневче, приказна што одамна плаче за литературна или филмска обработка, но која конечно ќе биде популаризирана низ перото на Блаже Миневски.

 Се вчудовидов и се вџашив кога видов дека министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска одлучила да го цензурира Блаже Миневски и да го исфрли неговиот најнов роман, „Ако се родат некакви чувства“, од конкурсот за финансирање проекти од национален интерес од областа на литературата и издавачката дејност за 2023 година. Јасен е мотивот зад оваа одлука… Клучна тема на романот е љубовта на нашиот национален јунак Гоце Делчев и Јанка Каневче, приказна што одамна плаче за литературна или филмска обработка, но која конечно ќе биде популаризирана низ перото на Блаже Миневски

За жал, во круговите на владејачката СДСМ се цензурирани сите теми што имаат макар и блага врска со македонскиот патриотизам и со македонската национална историја. Уште незаседнати во фотелји ја забранија серијата „Македонија“, потоа го променија името на државата, а сега го забрануваат Гоце Делчев. Малограѓанското толкување на европската интеграција, инаку актуелна владејачка културна „матрица“, поаѓа од некои изопачени премиси дека сè што е национално е погрешно, па настојуваат „санитетски“ да ја исчистат културата од македонското. Не верувам дека зеле некои обврски кон Бугарија, Грција, Европската Унија или кој и да е… едноставно тие самите се влезени во некое налудничаво толкување на очекувањата на меѓународната заедница од нив, па тргнале да цензурираат книги (а и да брусат шахти, да рушат споменици и да демонтираат фонтани).
Тоа е културната политика на покондурената и себепрогласена „проевропска“ малограѓанштина – рушење, брусење, па сега и цензура.
Ова однесување само потврдува дека актуелната влада никогаш немала демократски капацитет, а немала ни демократски мандат од првиот ден на своето владеење. Само туѓинци и фанатици цензурираат книги, брусат шахти и рушат споменици. Современата европска интеграција е создадена токму за да се зачува сеќавањето на злоделата врз културата и да се спречи дискриминација на секој европски народ. Срамно е македонската култура да се потиснува, цензурира, бруси, руши и забранува, и тоа насред Македонија, насред Европа, во 2023 година!
Пред само една деценија, во 2012 година, Блаже Миневски објави една книга што се вика „Црна Лисица“, исто така поддржана од Министерството за култура токму на конкурсот за финансирање проекти од национален интерес од областа на литературата и издавачката дејност. Оваа книга го разби во парампарче митот на тогашната владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ, за Драган Богдановски, како нивни основач. Не се сеќавам дека кој било реален историски лик од совремието бил толку сериозно и темелно вивисециран низ оптиката на еден врвен книжевник, како што тоа беше случај со Драган Богдановски низ перото на Блаже Миневски. Тој ја прикажа сета комплексност на неговата личност, од која само една црта е злосторството што му е направено со киднапирањето во Париз и незаконскиот притвор во „Јасен“. Но и ја развеа сета митологија што беше создавана околу него, од партијата во чие основање учествувал на самите почетоци. Значи, „страховладата“ и „режимот“ немаа никаков проблем да финансираат преку државниот буџет една книга што се пресметува со еден од нивните основачки митови. За разлика од тоа, „Европејците“ и „демократите“ цензурираат книга само поради темата и затоа што им примирисала на македонски патриотизам.
Со нетрпение ја очекувам новата книга на Блаже Миневски. Веднаш и ќе ги уплатам средствата до „Матица“ за поддршка на нејзиното издавање. Фактот дека една книга е забранета не значи и дека е квалитетна, фактот, пак, што ја пишува извонреден писател, исто така, не е гаранција за нејзиното качество. Но барем ќе добиеме нова книга на македонски јазик и ќе крикнеме против цензурата!

Автор: Ивица Боцевски