фото: Влада

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски, одговарајќи на прашање за ставањето на црна листа на Катица Јанева, главна обвинителка на СЈО и Стевчо Јакимовски, претседател на ГРОМ, рече дека тоа се одлуки на институциите на САД и оти Владата подготвила закон за рестриктивни мерки, но дека тој не може да ја помине собраниската процедура. Притоа го повика пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски да го стави законот на дневен ред на комисија.

– Се работи за одлуки што ги носат американските институции врз основа на информации со кои тие располагаат. Со оглед на тоа дека САД се наш стратешки партнер и исто како и ЕУ и Обединетите нации, Владата подготви закон за рестриктивни мерки што е поднесен до Собранието. Го видовте соопштението од СДСМ, јас можам само да повторам дека го повикуваме пратеникот Антонио Милошоски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ да не го блокираат законот и да го пуштат во собраниска процедура – изјави денеска претседателот на СДСМ Ковачевски.

Според него, очигледно е дека Милошоски од некаква причина го блокира законот да не биде ставен на комисиска расправа и со тоа да не биде донесен.

– Доколку не планираат да го стават тогаш треба да кажат од кои причини тој закон не сакаат да го стават да биде донесен во Собранието – рече Ковачевски.

Поради вмешаност во значителна корупција американскиот Стејт департмент вчера именува повеќе функционери од Западен Балкан на „црна листа“, меѓу кои и поранешната специјална главна обвинителка на Македонија, Катица Јанева и актуелниот градоначалник на Карпош и кандидат за претседател на Македонија, Стевчо Јакимовски.