Фото: Влада

Во рамките на официјалната посета на Република Србија, премиерот Димитар Ковачевски на чело на македонската делегација се сретна со својата српска колешка Ана Брнабиќ и министрите од владата на Србија. Премиерот Ковачевски на прес-конференцијата по разговорите ги истакна заложбата и силната политичка волја на нашата влада за зајакнување и продлабочување на добрососедските и пријателски односи со Република Србија, во политички, економски и во сите други аспекти на соработка.
– Нашите две влади се силно ориентирани да го подигнат економскиот и социјалниот стандард на граѓаните, а на бизнис-заедниците да им овозможат квалитетно и ефикасно да работат и своите бизнис-планови да ги реализираат во разумен рок. Одличната соработка помеѓу двете држави носи квалитетни решенија во различни кризи, што за нас е голем стимул уште посилно да се вложуваме за стабилен и просперитетен Западен Балкан. Како држава не само што ги споделуваме принципите на надворешната политика на Унијата туку имаме постигнато висок степен на усогласување со позициите на ЕУ, што е потврда дека ја споделуваме и вредносната политика на Европската Унија – истакна премиерот Ковачевски на прес-конференцијата во Белград.

Ковачевски потенцира дека фокусот на Владите мора да остане Европската Унија, бидејќи земјите од Западен Балкан таму припаѓаат.
– Токму затоа изминативе години целосно сме посветени на обезбедување на четирите европски слободи на регионот на Западен Балкан – активно учествуваме во повеќе сериозни и суштински регионални иницијативи како Берлинскиот процес, ЦЕФТА, RYCO, RCC и други, со кои преземаме различни иницијативи за слободно движење на луѓе, производи, услуги и добра низ земјите од регионов. Токму затоа сме и иницијатори и активни чинители во иницијативата на Отворен Балкан, која нашите граѓани отворено ја поздравија, а тоа за нас е огромна мотивација – изјави премиерот.
Во рамките на официјалната посета беа потпишани неколку билатерални документи. Првиот меморандум за соработка е потпишан меѓу двете министерствата за внатрешни работи и се однесува на олеснување и забрзување на протокот на луѓе, возила и стоки на граничниот премин Табановце -Прешево; вториот се однесува на вмрежување на системите за електронска наплата на патарините; третиот се однесува на соработката во рударството и енергетиката, што значи размена на искуства и активности за развој на соработка и деловни односи во областа на рударството и енергијата.