Гласањето е отворено до 10 април, а од предложените, тројца годинава ќе влезат во Куќата на славните. Од номинираните, 12 ја освоиле титулата во Англија, а секој играч има значителен список достигнувања во кариерата, како што се настапи, голови, асистенции и мечеви без примен гол

Англиската Премиер-лига објави скратен список од 15 поранешни фудбалери што имаат право да ѝ се приклучат на Куќата на славните годинава, а навивачите, со гласање, ќе го кажат последниот збор за тоа кој фудбалер ќе биде примен. Од предложените 15, тројца ќе го заземат своето место во Куќата на славните.
Меѓу номинираните за годинава се: Тони Адамс, Сол Кембел, Мајкл Керик, Петр Чех, Ендрју Кол, Ешли Кол, Џермејн Дефо, Лес Фердинанд, Рио Фердинанд, Роби Фаулер, Гери Невил, Мајкл Овен, Џон Тери, Јаја Туре и Немања Видиќ.
Гласањето е отворено до 10 април, а Премиер-лигата подоцна ќе ги објави тројцата примени.
Од номинираните, 12 ја освоиле титулата во Англија, а секој играч има значителен список достигнувања во кариерата, како што се настапи, голови, асистенции и мечеви без примен гол.
Сер Алекс Фергусон и Арсен Венгер неделава станаа првите двајца тренери што беа примени во Куќата на славните во Премиер-лигата, придружувајќи им се на 16 фудбалери, и тоа Дејвид Бекам, Денис Бергкамп, Ерик Кантона, Тиери Анри, Рој Кин, Френк Лампард, Стивен Џерард, Алан Ширер (примени во 2021 година, на отворањето на Куќата на славните на англиската Премиер-лига), Серхио Агуеро, Дидие Дрогба, Винсент Компани, Вејн Руни, Петер Шмајхел, Пол Сколс, Патрик Виера и Иан Рајт (примени лани).
Само фудбалерите што се пензионирани до 1 јануари годинава имаат право да се земат предвид за Куќата на славните во Премиер-лигата, настапите во други натпреварувања за време на ерата на Премиер-лигата не се сметаат, играчите мора да одиграле барем 250 меча во Премиер лигата, освен ако не постигнале некое од следните достигнувања во Премиер-лигата: најмалку 200 средби за еден клуб, избран во кој било од тимовите на деценијата или 20-годишнината, освоил „златна копачка“ или „златна ракавица“, изгласан за играч на сезоната, освоил три титули, постигнал 100 гола или 100 меча без примен гол за голмани, пишува Премиер-лигата. Н.М.