Фото: ЕПА

Дали овие препораки од комесарот за човекови права на Советот на Европа ќе бидат земени сериозно од македонската влада, треба да следиме со внимание. Според меѓународните експерти за човекови права, воените злосторства никогаш не застаруваат. Во Македонија се донесе закон за амнестија, кој, според Стразбур, треба да се укине. Интересно е дека писмото упатено до Ковачевски беше објавено кога тој се повлече од функцијата и на негово место дојде Талат Џафери, кој беше припадник на ОНА-УЧК. Добро би било Владата, иако сега техничка, да се изјасни по ова прашање. Лузните од војната или конфликтот не се затворени сѐ додека не се испита одговорноста на секој што направил злосторства

Од Советот на Европа во Стразбур допис со став да се укине автентичното толкување од 2012 година на Законот за амнестија од 2002 година, во врска со воените злосторства на ОНА во Македонија

Со допис до македонската влада, упатен на 15 јануари 2024 година, на адресата на тогашниот премиер Димитар Ковачевски, комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, бара досиејата од Хашкиот трибунал да се истражат од домашните судови. Таа исто така испрати писма и до другите премиери на земјите членки на Советот на Европа во регионот на поранешна Југославија, кои се објавени интегрално на интернет-страницата на Советот на Европа, а во нив се препорачува да се преземат конкретни чекори за справување со насилното минато и поодлучно движење кон социјална кохезија, правда и помирување. Мијатовиќ ги нагласува клучните чекори што треба да се преземат, а кои ќе го подобрат почитувањето на правата на жртвите и ќе промовираат инклузивен пристап, заснован на човекови права, за справување со минатото во регионот.
– Како комесар за човекови права на Советот на Европа, мојот мандат е да поттикнувам ефективно почитување на човековите права во сите 46 земји членки на Советот на Европа, вклучувајќи и преку дијалог со владите на земјите членки и тематската работа. Ви пишувам денеска за да ви го свртам вниманието на еден проблем – се наведува во писмото на Мијатовиќ до Ковачевски.

Справувањето со минатото е предуслов за градење кохезивни, демократски општества засновани на почитување на човековите права и владеењето на правото

Таа понатаму ги споделува клучните наоди и препораки од својот неодамнешен извештај „Справување со минатото за подобра иднина: Постигнување правда, мир и социјална кохезија во регионот на поранешна Југославија“. Во контекст на враќањето кон етнонационалистичкиот дискурс, негирањето на воените злосторства и глорификацијата на воените злосторници од страна на политичките лидери и другите влијателни општествени актери, Мијатовиќ нагласува дека „справувањето со минатото е предуслов за градење кохезивни, демократски општества засновани на почитување на човековите права и владеењето на правото“.
Во писмото испратено до тогашниот премиер Димитар Ковачевски, на 15 јануари годинава, Мијатовиќ дава неколку клучни препораки за Македонија, осврнувајќи се на конфликтот од 2001 година, за кој нагласува дека бил во помал обем од другите во регионот, но земјава треба да се справи со минатото. Она што е позитивно направено во тој контекст се напорите за решавање на состојбата на присилно раселените лица од Косово, случаите со лицата без државјанство, како и реализацијата на воннаставни проекти во некои училишта, кои им овозможија на децата од различни етнички групи да се запознаат.
– Да се укине автентичното толкување од 2012 година на Законот за амнестија од 2002 година и да се истражат досиејата што беа пренесени од страна на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија до домашните судови, потоа реформа на образовниот систем во насока на интегрирано образование за децата од различни етнички групи да делат заеднички часови, притоа зачувувајќи го своето право да учат на својот мајчин јазик, како и да им се овозможи на младите луѓе да научат за конфликтот од 2001 година на објективен начин, што дозволува повеќекратни перспективи, со осуда на сите злосторства и промоција на толеранција и отвореност – препорачува Мијатовиќ.
На Ковачевски таа му препорачува и одлучно да се осудат случаите на говор на омраза и меѓуетнички насилни инциденти, а да се промовираат помирување и социјална кохезија меѓу различните етнички и религиозни групи.
На крајот, Мијатовиќ препорачува ратификување на Меѓународната конвенција на ОН за заштита на сите лица од присилно исчезнување.

Законот за амнестија, според Стразбур, треба да се укине!

Дали овие препораки ќе бидат земени сериозно од македонската влада, треба да видиме. Според меѓународните експерти за човекови права, воените злосторства никогаш не застаруваат. Во Македонија се донесе закон за амнестија, кој, според Стразбур, треба да се укине. Интересно е дека писмото упатено до Ковачевски беше објавено кога тој се повлече од функцијата и на негово место дојде Талат Џафери, кој беше припадник на ОНА-УЧК. Добро би било Владата, иако сега техничка, да се изјасни по ова прашање. Лузните од војната или конфликтот не се затворени сѐ додека не се испита одговорноста на секој што направил злосторства. Ова е дотолку повеќе итно со оглед дека се продлабочува јазот меѓу македонското и албанското население во Македонија, најмногу поради однесувањето на албанските политички лидери во земјата. Македонија, која сега е членка на НАТО, сигурно и со своето „слабо“ судство, ако сака, ќе може да направи нешто за ова. Досега македонската влада не одговори на писмото на Мијатовиќ, а премиерите на Хрватска и на Словенија веќе го направија тоа. Одговорот сигурно многу ќе каже за намерите и подготвеноста на политичарите од Македонија да се справат со нашето болно и блиско минато од 2021 година.
Општите препораки што за земјите од регионот се однесуваат на борбата против неказнивоста преку меѓународни и домашни судења за воени злосторства, потрагата по исчезнати лица, улогата што ја игра граѓанското општество, потребата за долгорочен меѓународен ангажман и справување со сексуално и родово базирано насилство поврзано со конфликти.
– Сметам дека особено загрижуваат, во неколку земји, враќањето на етнонационалистичкиот дискурс, негирањето на воените злосторства и глорификацијата на воени злосторници од политички лидери и други влијателни општествени актери, како што се медиумите, религиозните лидери и други јавни личности. Тоа придонесува за нагло зголемување на говорот на омраза и меѓуетничка нетолеранција и сè понепријателска средина за бранителите на човекови права што работат на справување со минатото. Во овој контекст, неопходно е да се нагласи дека справувањето со минатото не е потфат ориентиран кон минатото што некако би застанал на патот на земјите да одат напред, туку, напротив, тоа е предуслов за градење кохезивни, демократски општества засновани на почитување на човековите права и владеењето на правото – пишува Мијатовиќ.

Мијатовиќ: Апелирам на обновени напори за судења за воени злосторства, репарации, потрага по исчезнати лица и барање вистина

Од поновите предизвици со кои се соочува регионот ги нагласува: зголемениот говор на омраза и дискриминација, слабоста на владеењето на правото, како и предизвиците поврзани со слободата на собири и граѓански простор, заканите за слободата на медиумите и родово базираното насилство.
Таа повика на итен фокус на меѓугенерациската димензија на справување со минатото, преку вклучување на младите луѓе и нивна подготовка да бидат компетентни за градење мирни, кохезивни општества преку интегрирано образование, вистинито учење на историјата и инклузивна меморијализација. Другите важни препораки се обезбедување поволна средина за бранителите на човековите права и зајакнувањето на регионалната соработка.
– Ја нагласувам одговорноста на националните власти во соодветните земји да преземат мерки за спречување на овие негативни случувања и да промовираат инклузивност и пристап заснован на човекови права за справување со минатото со цел вистински да се унапредат правдата и помирувањето меѓу луѓето. Во овој поглед, апелирам на обновени напори за судења за воени злосторства, репарации, потрага по исчезнати лица и барање вистина, што навистина би се фокусирало на потребите на жртвите – без разлика на нивното етничко потекло и со особено внимание на оние што имаат тенденција да бидат заборавени – порачува Мијатовиќ.
Мандатот на Дуња Мијатовиќ завршува на 31 март 2024, кога функцијата комесар за човекови права на Советот на Европа ќе ја преземе Ирецот Мајкл О’Флаерти за наредните шест години.

Тони Гламчевски, специјално за „Нова Македонија“ од Стразбур