Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонија во лигата Ц ќе игра со стариот ривал Ерменија, како и со Летонија и со Фарски Острови. Со трите репрезентации, црвено-жолтите досега се сретнаа вкупно 17 пати (10 победи, три ремија и четири порази)

Македонската фудбалска репрезентација ќе игра во групата Д, во лигата Ц, заедно со Ерменија, Фарски Острови и со Летонија, во четвртата сезона на Лигата на нации, реши ждрепката во Париз. Македонија, која со ривалите во групата досега одигра вкупно 17 меча, и има 10 победи, три ремија и четири порази, во првото коло треба да гостува кај Фарски Острови, на 7 септември.
– Ако во претходните циклуси бевме во групи што реално сакавме да ги избегнеме, овој пат тоа не е случај. Во денешниот фудбал нема фаворити. Посакувам само да бидеме здрави. Имаме минати дуели со сите селекции во групата, јасно е дека имаме и позитивни и лоши искуства со овие противници. Мора да бидеме целосно фокусирани. Да имаме прав пристап против секој противник. Ерменија ја победивме на последниот меч на гости со 5-0, но да не заборавиме дека таму имаме и пораз со 4-0. Фарски Острови и Летонија влегуваат со свои пресметки и очекувања. Секој противник носи различен пристап, но не бегаме од одговорноста и целта за нас е прво место во групата – рече селекторот Благоја Милевски, пренесе Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Македонија играше со Ерменија во првата сезона на Лигата на нации, 2018/2019, тогаш во лигата Д (победа дома со 2-0, пораз на гости со 0-4). Црвено-жолтите тогаш беа први во групата, играа во плејофот на лигата Д и се пласираа на Европското првенство, дебитирајќи на големо натпреварување, во 2021 година.
Двете селекции потоа беа извлечени во иста група и во следната сезона на Лигата на нации, 2020/2021, во лигата Ц (Македонија победи дома со 2-1, загуби на гости со 0-1). Ерменија тогаш го освои првото место во групата. Македонија и Ерменија играа меѓу себе по четири пати и во квалификации за европските и за светските првенства и одиграа и еден пријателски натпревар. Македонија има вкупно шест победи, три ремија и четири порази, со вкупна гол-разлика 23-18.
Црвено-жолтите досега трипати се сретнаа со Летонија, забележаа три победи, со вкупна гол-разлика 7-2. Двете селекции прво играа тест-меч во 2014 година, кога во Скопје македонските репрезентативци славеа со 2-1, а потоа меѓу себе се сретнаа во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година, а Македонија победи во двата меча, со 3-1 дома и со 2-0 на гости. Македонија и Фарски Острови играа меѓу себе само еднаш, лани во март, во пријателски натпревар во Скопје, кога Македонија победи со 1-0.

Победниците на групите во лигата Ц ќе се пласираат во лигата Б за следната сезона на натпреварувањето и ќе имаат шанса да се пласираат во плејофот за пласман на Светското првенство во 2026 година. Пласман на тој Мундијал низ квалификациите ќе обезбедат победниците на 12-те квалификациски групи, а преостанатите четири места од Европа ќе бидат пополнети по плејофот со 16 репрезентации, во кој ќе учествуваат 12-те второпласирани во квалификациските групи и четирите најдоброрангирани победници на групите во Лигата на нации, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Второпласираните во групите од лигата Ц во Лигата на нации, пак, ќе играат во плејофот со третопласираната селекција од групите во лигата Б, за пласман во лигата Б, а таков плејоф ќе има и за пласман во лигата А (меѓу себе ќе играат третопласираните во групите во лигата А со второпласираните од лигата Б).
Во лигата А во иста група се освојувачи на европски или светски трофеи Франција и Италија (група Б), потоа Холандија и Германија (група Ц), како и Шпанија и Данска (група Д). Победниците и второпласираните во групите во лигата А ќе играат во плејофот за пласман на фајналфор-турнирот. Во претходните три изданија на Лигата на нации титулите ги освоија Португалија, Франција и Шпанија. Н.М.


ЛИГА НА НАЦИИ, СЕЗОНА 2024/2025

ЛИГА А
Група А: Хрватска, Португалија, Полска, Шкотска
Група Б: Италија, Белгија, Франција, Израел
Група Ц: Холандија, Унгарија, Германија, БиХ
Група Д: Шпанија, Данска, Швајцарија, Србија
ЛИГА Б
Група А: Чешка, Украина, Албанија, Грузија
Група Б: Англија, Финска, Р. Ирска, Грција
Група Ц: Австрија, Норвешка, Словенија, Казахстан
Група Д: Велс, Исланд, Црна Гора, Турција
ЛИГА Ц
Група А: Шведска, Азербејџан, Словачка, Естонија
Група Б: Романија, Косово, Кипар, Литванија/Гибралтар
Група Ц: Луксембург, Бугарија, Северна Ирска, Белорусија
Група Д: Македонија, Ерменија, Фарски Острови, Летонија
ЛИГА Д
Група А: Литванија/Гибралтар, Сан Марино, Лихтенштајн
Група Б: Молдавија, Малта, Андора

РАСПОРЕД
Фарски О. – Македонија 7 септември
Македонија – Ерменија 10 септември
Летонија – Македонија 10 октомври
Ерменија – Македонија 13 октомври
Македонија – Летонија 14 ноември
Македонија – Фарски О. 17 ноември