Како што се приближува датумот кога се навршува една година од почнувањето на руско-украинскиот воен судир се наметнува убедливо најтрауматичното прашање на секоја војна и несреќа, колку човечки животи одзеде оваа војна. Колку загуби има руската страна досега, а колку загуби украинската страна? Ќе заврши ли наскоро овој воен судир и со тоа конечно да запрат крвопролевањето и завивањето на стотици илјади мајки во црно?!

Во пресрет на 24 февруари, датумот кога се навршува една година од почнувањето на руско-украинскиот воен судир

И додека украинската армија не објавува официјални бројки за сопствените загуби, руското министерство за одбрана последен пат објави такви податоци по шест месеци од започнувањето на воениот конфликт, односно на 21 септември 2022 година. Имено, според МО на Русија, за првите шест месеци бројката на загинати руски војници била 5.937. Истовремено, МО на Русија ја презентираа својата процена и за загинатите украински војници, која, според нив, за истиот шестмесечен период од почетокот на војната, изнесувала 61.207.
Една недела подоцна, на 27 декември 2022 година, советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Михајло Подољак, презентираше неофицијална и мошне нејасна процена за загубите на украинската армија во „жива сила“. Имено, тој искажа една апроксимативна бројка „од 10 до 13 илјади“ загинати украински војници.

Британското министерство за одбрана: Руската војска има од 40 до 60 илјади загинати, а вкупните загуби се од 175 до 200 илјади

Деновиве, британското министерство за одбрана ја објави својата нова воено-разузнавачка процена за руските загуби. Таа се движи меѓу 40.000 и 60.000 убиени, од вкупно 175.000-200.000 жртви.
За појаснување на читателите е дека, според критериумите за процена на жртвите врз кој се темели процената на британското МО, во жртвите тие ги пресметуваат и ранетите, исчезнатите и затворениците, па така, според оваа процена, во таа категорија има три-четири пати повеќе од загинатите.
„Стапката на жртви во Русија значително се зголеми од септември 2022 година кога беше воведена ’делумна мобилизација‘. Според современите стандарди, овие бројки претставуваат висок сооднос меѓу загинатите и ранетите лица. Ова речиси сигурно се должи на екстремно рудиментираната медицинска нега за повеќето (руски) сили“, истакнува британското министерство.
Во извештајот, британското министерство за одбрана забележува дека Русите „веројатно имале најголема стапка на жртви во првата недела од војната“.
Посебно интересна е процената на британското министерство во делот од т.н. група Вагнер, која „регрутирала и праќала голем број осуденици регрути на фронтот“, при што нивната процена е дека има „стапка на жртви и до 50 отсто“ – односно дека изгубила 50 отсто од луѓето што ги испратила на фронтот. Само за споредба, советската армија имаше околу 15.000 загинати војници во десетте години од војната во Авганистан (1979-1989), иако ова е официјалната бројка на СССР, која може да биде помала од реалната.

Норвешкото министерство за одбрана: Русија има околу 180 илјади мртви и ранети, Украина околу 100 илјади жртви

Слична на британската е и норвешката оцена, која на крајот на јануари во јавноста ја презентираше началникот на Генералштабот на норвешките вооружени сили, Еирик Кристоферсен.
– Руските загуби се близу 180.000 мртви и ранети војници – рече тој, додавајќи дека „украинските загуби се веројатно повеќе од 100.000 мртви и ранети“, заедно со „околу 30.000 мртви (украински) цивили“. Но за издвојување е дека тој, исто така, во врска со жртвите во Украина во наредна изјава за „Њујорк тајмс“ рече дека има „сѐ уште скепса за овие бројки, бидејќи никој не може да даде добар преглед во овој момент“. Началникот на Генералштабот на норвешките вооружени сили, Еирик Кристоферсен, истовремено предупреди дека, и покрај големите загуби, „Русија е способна да ја продолжи (оваа војна) долго време“, истакнувајќи дека Москва има капацитети за мобилизација и производство на оружје.

Процена на началникот на американскиот здружен штаб, Марк Мили, осум месеци по почетокот на судирот: Русија 100 илјади жртви, Украина 100 илјади загинати, плус 40 илјади цивилни жртви

Последната сумирана изјава за бројките на жртвите на обете страни, како и за жртвите меѓу цивилите во руско-украинската војна, началникот на американскиот здружен штаб, Марк Мили, ја даде пред крајот на 2022 година, во ноември. Тој изјави дека „руската армија има повеќе од 100.000 мртви и ранети“, но и дека „најверојатно има слична ситуација и на украинската страна“. Тој, исто така, даде процена за 40.000 убиени цивили.
Можно е токму оваа неофицијална процена да е изворот на недоразбирањето при ставот на ЕУ во врска со жртвите во војната. Имено, од името на Европската комисија (ЕК), претседателката на ЕУ, Урсула фон дер Лејен, изјави дека „повеќе од 100 илјади украински војници загинале“. ЕК потоа ја ревидираше оваа бројка, а многу е интересно што нивните служби дури ја „средија снимката од овој говор на Фон дер Лејен од 30 ноември и го отстранија спорното тврдење за загуби од него“. Тоа, пак, експресно предизвика теории на заговор за прикривање на „вистинската вистина“ за украинските загуби и глобалната војна. Но, како што се дообјаснуваат од ЕК, причината била што „претставената бројка била погрешно претставена бидејќи требало да ги вклучува и ранетите и загинатите“.
Но да се вратиме на процената на жртвите од страна на началникот на американскиот здружен штаб, Марк Мили. Имено, таа е веќе длабоко застарена, со оглед на „неверојатното темпо на загуби“, забележано од воените аналитичари. На пример, неименувани американски и други западни функционери за „Њујорк тајмс“ деновиве изјавија дека „бројот на загинати и ранети руски војници во Украина веќе се приближува до 200.000“!
– Иако официјалните лица предупредуваат дека процените на жртвите се познати како тешки, особено затоа што се верува дека Москва ги минимизира своите загинати и повредени војници, тие велат дека загубите предизвикани од борбите во и околу источните украински градови Бахмут и Соледар го зголемиле и онака големиот биланс на жртви – се вели во статијата на „Њујорк тајмс“, при што се додава дека „руските сили се очајни конечно да постигнат голема победа на бојното поле и да го освојат Бахмут, што е нивниот неопходен прв чекор доколку сакаат да го освојат остатокот од Донбас. Војската и командата на Вагнер ги трошат гореспоменатите лошо обучени регрути и затвореници како топовско месо, фрлајќи ги нив во украинските ровови и утврдувања. Резултатот, потврдуваат американските власти, е стотици војници убиени или повредени дневно“.
Што се однесува до загубите на украинската страна, „Њујорк тајмс“, сега повикувајќи се на официјални извори од Киев, пишува дека е тешко да се утврдат, но дека со голема сигурност може да се тврди дека во битката кај Бахмут имало „дневно стотици ранети или убиени“. За таквата состојба, според истите извори на медиумот, е повлечена претходно донесената одлука од страна на украинската воена команда „подобро обучените сили да се задржат во резерва за да се зачуваат, а помалку подготвените сили, како оние во единиците за територијална одбрана, да се задржат на фронтот“.
Таа одлука во која „на линијата на фронтот се носат недоволно обучени и опремени единици за територијална одбрана, кои го носат товарот на најголемиот дел од гранатирањето, донесе многу повисока бројка на загинати и ранети во украинскиот воен состав“. Оваа одлука веќе не е во сила, а на линијата на фронтот се веќе „подобро обучените украински сили“.

НАТО: Русите губат 2.000 војници на секои 100 метри што напредуваат

Најиндикативна и најшокантна слика за руските загуби е можеби онаа што е објавена од лондонски „Тајмс“ пред неколку дена, а во која се повикува на „Извештајот на разузнавачките служби на членките на НАТО“.
Споменатиот извештај бил претставен на последниот состанок на НАТО. Во извештајот, цитиран од „Тајмс“, „Русите неодамна изгубиле најмалку две илјади војници на секои 100 метри територија што успеваат да ја освојат во источна Украина“. Дури и ако тој број ги вклучува ранетите, тоа е едноставно запрепастувачко губење „жива сила“, каков што не сме виделе веројатно од Втората светска војна – кога Црвената армија жестоко и беспоштедно ги напаѓаше нацистичките сили.
Неверојатната подготвеност на руската команда да ги жртвува сопствените војници најјасно, освен Бахмут, се гледа во последните недели околу градот Вухледар. Рускиот обид да го изненади градот неславно пропадна, но и покрај огромните загуби тие продолжуваат решително да напаѓаат. Портпаролот на украинската војска, Олексеј Дмитрашкивски, за „Политико“ процени дека „целата елитна 155-та пешадиска бригада на морнарицата, со околу 5.000 луѓе и најмалку 130 парчиња тешко оружје, вклучувајќи и 36 тенка, можеби била уништена во тие напади“.

Процени на германската разузнавачка служба БНД: Руските загуби најмалку 133 илјади

На средба помеѓу претставниците на германската разузнавачка служба БНД, со пратениците во Бундестагот од крајот на јануари оваа година, разузнавачката служба изнесе информација дека украинската армија „во моментов губи трицифрен број војници секој ден“ во битката за Бахмут. БНД исто така предупреди дека руската армија има околу 133 илјади загинати, но и дека Москва е „целосно рамнодушна кон сопствените високи загуби“.
Понатаму, според помошник-секретарот за одбрана на САД, Селест Валандер, Пентагон проценува дека Русија испратила дури 80 отсто од своите копнени сили во Украина и дека овие сили биле „значително деградирани“ во изминатата година.
Во истиот контекст, Меѓународниот институт за стратегиски студии (ИИСС) проценува дека руската армија загубила околу 40 отсто од нивниот активен арсенал на тенкови (од 2.927 на 1.800), а интересно е според овој извештај што „Украинците, всушност, го зголемиле бројот на употребливи тенкови од 858 на 953 бидејќи успеале да заробат околу 500 руски тенка и со тоа да ги надоместат сопствените загуби“.

Агенцијата „Франс прес“ (АФП) од повеќе западни извори сумира дека во војната има околу 150.000 жртви на двете страни

Агенцијата „Франс прес“ пишува дека консултирајќи се со повеќе западни извори се проценува дека „војната предизвикала 150.000 жртви на двете страни“. Во статија во споменатиот медиум, тие во новинарски стил и наративно, на оваа тема пишуваат дека „воените гробишта се полнат со украински знамиња, кои можат да се видат на сите краеви на оваа земја опустошена од војна и сведочат за страшните загуби. Слично е, додуша, и во Русија, особено со гробиштата на несреќните мобилизирани војници и затвореници, регрутирани од шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин. Им вети слобода ако преживеат шест месеци војна, но не им даде до знаење колку се мали шансите за преживување со самоубиствените тактики на последователни „човечки бранови“…
Би-би-си Русија, пак, во анализа на јавно достапните податоци што ја направи со независниот руски портал „Медиазона“ ја идентификува и ја потврди смртта на 14.000 руски војници во Украина. Овој број е многу помал од горенаведените процени, но самите автори забележуваат дека „се потпираа само на потврдени извештаи за смртта, така што собраните податоци не го одразуваат вистинското ниво на жртви“ и дека оваа бројка е „најмалку 40-60 отсто пониска“ од вистинската.
– Вкупните непоправливи загуби на Русија (смрт или исчезнати) би можеле да бидат најмалку 133 илјади луѓе – заклучува Би-би-си и додава дека последните две недели руските загуби се пет пати повисоки од просекот.

Обединетите нации излегоа со бројка за загинати цивилни лица

Што се однесува до цивилите, кон крајот на јануари Обединетите нации изнесоа процена од 18.000 убиени украински цивили од 24 февруари, но признаа дека реалната бројка е веројатно многу поголема. Во истиот контекст ја издвојуваме бројката од повеќе западни медиуми, кои сметаат дека вкупниот број на загинати цивили е од 30.000 до 40.000.
За крај, само како дополнителна информација на сите овие високи бројки на загинати од војната, за целосната слика да биде уште потажна, понесреќна и трагична е дека воените аналитичари со сигурност тврдат дека „може да се додаде дека голем број тела на загинати руски војници не се и нема да бидат вратени во татковината. Украинците често сведочат дека руските сили едноставно ги оставаат телата на убиените соборци, а украинскиот Генералштаб оваа недела соопшти дека телата на руските војници масовно се кремираат во окупираниот Крим. Нешто слично се случува и со загубите на украинска страна“. Со ваквиот став, очигледно е дека бројот на жртвите на обете страни, за жал, нема никогаш да се дознае. Н.М.