Колаж

Колаж е ликовна дисциплина или ликовна техника за која не се знае од кога почнува да се практикува, барем мене не ми е познато од кое време се јавува како сликарска дејност, тоа што се знае и порано и денес децата дури од предучилишна возраст се занимаваат со колаж и го третираат како забавна игра, која многу позитивно дејствува на развојот на децата од таа возраст.
Kолаж доаѓа од францускиот збор ,,сolle“ што значи лепило, а колаж произлегува од ,,collage“, се мисли на лепење. Оттука, техничката градба на еден колаж е многу едноставна, на поцврста подлога, картон или тенок лесонит да сместите, да залепите разни делови или цели фотоси, исто така исечоци од новини, парчиња од платно, колорирани или еднобојни. Кога сето тоа е направено, ликовниот колаж бара и може да трпи интервенција од авторот, да колорира, означува поважни елементи од делото, со што творбата колаж добива креативни ликовни елементи.
Во никој случај не треба да се помисли дека колажот е творба на случајноста и ликовното безредие. Колажот, како и секое друго ликовно дело, треба да ги поседува сите творечки елементи и вредности како колорит, композиција, тема, може да содржи и порака. Една од добрите страни на колажот е во тоа што во него може да се сместат настани или личности од кое било време, минато, сегашно или идно, и сите тие можат да понудат ликовна идеја, истовремено и порака или критика на одредени настани од современото општествено живеење, што не значи дека содржината треба да биде само негативна, туку може и позитивна, ако има таква.
Од познатите ликовни творци што му посветиле време и творечка дејност на колажот е сликарот Макс Ернст, роден во 1891 година во Германија, во близината на градот Келн. За време на Втората светска војна заминува во САД, по војната се враќа во Европа, се сместува во Франција, каде што останува до крајот на неговиот живот, кога во 1976 година починува во Париз. Макс Ернст се приклучува на плејадата ликовни творци што во почетокот од минатиот век учествуваат во развојот на современите ликовни сознанија, тој е припадник на дадаизмот и надреализмот, во неговиот творечки опус остава голем број колажи од поголем формат.

Предмалку споменав дека од кој било ликовен колаж може да се извлечат и раскажат чудесни и вистинити современи приказни. Колажот што го нудам како ликовен прилог за моето писание го назначив,,Чудо“ и мислам дека нуди доволно материјал за од него да произлезе и да нѐ потсети на некои несекојдневни настани низ кои минуваше и сѐ уште минува Република Македонија. Истовремено мислам дека ќе ги задоволи критериумите на соодветниот колаж, кој во овој случај прераснува во личност што раскажува.
Во средината од делото го ставив актуелниот еврокомесар за буџет при ЕУ, господинот Јоханес Хан, позната личност во нашата средина, важна личност во некои настани што се случија не толку одамна во Преспа, односно во Нивици, каде што заедно со госпоѓа Могерини, господинот Венс, политичките преставници од нашиот јужен сосед, се разбира и во присуство на нашите ценети домашни политички чинители, сите заедно учествуваа на претставата „Чудо во Нивици“, настан на кој цврсто ни залепија едно „северна“, од што и денес го слушаме звукот од шмирглањето на скопските шахти!
По неколку години од изведениот политички колаж во Нивици, господинот Јоханес Хан се враќа на местото на чудата, овој пат во своето излагање на Скопскиот економски и финансиски форум. Ми изгледа или само така ми се присторува дека Јоханес е повнимателен односно помудар со изјавите од тие што ни ги нудеше во Нивици. Во улога на еврокомесар за буџет, Хан нѐ советува, Македонија може да стане 28-та членка во ЕУ, само да не заборавиме дека ЕУ не е банкомат! Ако Јоханес Хан знае дека некои од неговиот северен колаж поседуваат македонски картички и вадат значителни средства од банкоматот на ЕУ, во таков случај нека каже кои се тие и ние ќе го решиме тоа веднаш, експедитивно, на балкански начин. Ваквите манири ги научивме до перфекција – кога ни требаат пратеници за промена на името, тоа го решаваме на балкански начин, кога се гласат закони што се спротивни на волјата на граѓаните, веднаш го активираме балканскиот начин и сѐ така за разни идеи и потреби. Овде сите работи ги решаваме на таков начин, на балкански, па нели тоа беше препорака токму од господинот Јоханес Хан?

Колаж „Чудо“ – автор Коле Манев

Можеби затоа, при оваа своја посета, Јоханес е повнимателен со тоа и поразумен, не се служи со вакви или онакви совети, туку ни порачува практични работи како оваа, која е полна со дипломатска мистерија, и ни вели ако сте ги оствариле нештата што треба да ги остварите, заслугата ќе ви биде дадена! Исто така Хан од срце ни кажува: Јас ќе останам ваш постојан бранител и промотор!
Море, колку умно и многу разумно, само ајде малку да го потсетиме еврокомесарот за буџет, господинот Јоханес Хан што станува со ветувањата што ни ги нудеа кога го градеа колажот во Нивици, кога ни велеа сменете го името и ќе бидете во ЕУ! Го сменивме името, од ЕУ ни трага ни глас, остана да им се радуваме на ветувањата и лагите. Денес како може да му веруваме за што било кога тоа чудото од Нивици наречено,,Северна“, кое е дело и на Јоханес Хан, кој постојано се служи со него како да му е залепено за уста!
Толку за Јоханес Хан, бидејќи просторот од секој колаж е ограничен, ајде да видиме кој друг е во него? Го гледам Оливер Спасовски, кој за Кривичниот законик, кој беше донесен по брза постапка, вели дека нема амнестија за Груевски, кога ќе се врати ќе си лежи! Немој така, Спасовски, па нели Хан нѐ советува дека треба да работиме тимски.
Во колажот под сенката на Јоханес во удобна фотелја седи Заев, погледот му е неодреден, веројатно размислува нешто, дали сака да се потсети за деновите што ги поминаа заедно со неговиот ктитор Хан во Нивици. Или во мислите пребарува нешто што тој го има кажано пред неколку години, некоја шега се разбира. Да, своевремено во Валандово Зоран Заев, при една средба со граѓани, има изустено кога ќе дојдеме на власт, ќе јадеме живи луѓе! Каква трагикомична состојба, а тука некаде е и Клиниката за онкологија. Дури и во колаж не сакам и не можам да ги споменувам нештата што се верува дека се случувале во Клиниката за онкологија. Тоа што е страшно, никој од власта не се помрдна од некој стол, се добива впечаток дека овие работат тимски или можеби како и секогаш кога се нема решение за некоја чесна работа бргу се пристапува кон славниот балкански начин.

Во левата страна од колажот, од висина премиерот Ковачевски и претседателот Пендаровски ја набљудуваат состојбата во државата, дали е стабилна или се клати. Ковачевски погледот го има вперено кон Мицковски, зашто премиерот е убеден дека главен виновник што не може да се отвори Уставот е токму тој, Мицковски.
Во атмосферата од колажот врие од шпекулации и невистини, па така може да се видат Мицковски и Али Ахмети, кои стојат еден зад друг, исто така Мицковски и Заев сега не стојат туку седат еден покрај друг и од овие колажни средби се изродуваат куп политички и дипломатски посакувани и помалку сакани заклучоци и завери. Ама тоа се средби што се случиле по друг повод и во друго време, не треба да има некој што може да помисли дека сега тие работат тимски. Бидејќи и Груевски е во колажот, може некој да поверува дека станува збор и се договараат за него, за Груевски – како со него, да се врати или не, ако е според Кривичниот законик и Груевски се врати, Спасовски веднаш ќе го апси! И на министерот за внатрешни ќе му требаат позитивни поени за евентуалните претседателски избори. Тоа се исто така шпекулации, ама во колажот на јавноста така се шушка.
Сето тоа и многу други работи во некој друг колаж ,кога ќе дојде време и кога ќе има потреба. Важно да работиме сите тимски за што треба, не да работиме тимски за тоа што не треба.

Коле Манев