Претставници од правниот тим на коалицијата „Вреди“ во Тетово одржаа прес-конференција и информираат дека ќе поведат постапка пред Управен суд за нерегуларности во изборната единица 2, кои, како што истакнуваат, се случиле на 24 април.
Нерегуларноста е направена во едно избирачко место во Липково, според Ријад Шаќири, кандидат за пратеник од ИЕ2.
– На денот на изборите имавме ситуација при која имаше обид да се случи фамозниот „бугарски воз“ во Општина Липково. Сè додека полицијата и Обвинителството не преземаат конкретни чекори во оваа ситуација, ние ќе го имаме истото и ќе се повтори – изјави Шаќири.
Правниот застапник Абидин Абдули информираше дека вчера на одржаната седница на ДИК се постапувало по нивната жалба, за изборно место во општина Липково.
– По наше барање и по барање на членот на ДИК од страна на опозицијата беше отворена гласачката кутија при што се утврди дека во неа недостасуваат две ливчиња за гласање. Во записникот којшто ние го имаме примено, пишува дека од сите избирачи кои гласале тој ден има две неважечки ливчиња. При отворање на гласачката кутија се утврди дека нема такви, нема неважечки ливчиња. Иако сите членови на ДИК увидоа дека таму имало нерегуларности, јас пред неколку минути по електронски пат добив одлука на ДИК со што нашата жалба се одвива. Нормално, согласно законот во рок од 24 часа истата ќе ја обжалиме во Управен суд – изјави Абдули.