Македонија
Сиљановска-Давкова: Единството на НАТО останува клучно во време на нови безбедносни предизвици
- Македонската претседателка побара поголема соработка, инвестиции во одбраната и посилна отпорност на Алијансата
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на самитот на НАТО во Анкара порача дека Алијансата влегува во период во кој се соочува со сложени безбедносни предизвици што бараат поголема политичка кохезија, повисоки одбранбени капацитети и посилна меѓусебна доверба меѓу сојузниците.
Во својата изјава пред почетокот на самитот, Сиљановска-Давкова нагласи дека Македонија останува сигурен и кредибилен сојузник, подготвен активно да придонесува во колективната безбедност. Таа оцени дека сегашниот геополитички амбиент бара не само зголемени инвестиции во одбраната туку и развој на современи способности, подобра координација и зајакнување на отпорноста кон новите ризици. Македонската претседателка ја истакна важноста од зачувување на единството во рамките на НАТО, оценувајќи дека токму заедничкото дејствување претставува најсилниот одговор на актуелните закани. Според неа, колективната одбрана останува темел на евроатлантската безбедност, а секоја членка има обврска активно да придонесува кон заедничките цели. Наедно, таа посочи дека самитот во Анкара треба да донесе конкретни резултати во поглед на модернизацијата на одбранбените капацитети, развојот на одбранбената индустрија и натамошното зацврстување на трансатлантското партнерство.
Македонската претседателка се осврна и на македонскиот евроинтегративен пат, изразувајќи зачуденост од тоа како истите лидери кога седат на НАТО-самитите наоѓаат решенија за отворените прашања, но кога станува збор за ЕУ, едноставно немаат слух.
– Понекогаш се чудам како може исти државници, исти претседатели, исти премиери, на еден начин да се однесуваат во рамките на НАТО, да манифестираат разбирање, а кога се работи за Европската Унија, 20 години да нè држат во лавиринтот. Време е да се надмине тоа – изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по учеството на состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави и влади, во рамките на самитот на НАТО, кој се одржува во претседателскиот комплекс „Бештепе“ во Анкара.
Со настапот во Анкара, претседателката на Македонија уште еднаш ја потврди определбата на државата за активно учество во политиките на Алијансата и за поддршка на заедничките безбедносни приоритети во услови на сè понепредвидлива меѓународна средина.
Хрватска
Милановиќ: Хрватска ќе мора да одговори на вооружувањето на Србија
- Претседателот на Хрватска предупредува дека Алијансата не смее да го игнорира забрзаното јакнење на српските воени капацитети
Од самитот на НАТО во Анкара, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ испрати порака дека Алијансата мора сериозно да го разгледа прашањето за забрзаното вооружување на Србија, оценувајќи дека тоа претставува тема што не смее да остане без внимание.
– НАТО мора да знае што се случува и моја должност беше ова прашање да го отворам токму овде – изјави Милановиќ пред новинарите по завршувањето на самитот. Тој нагласи дека му е нејасна политиката на вооружување на Србија и постави прашање каква е процената на заканите врз основа на која Белград набавува современи оружени системи, како и за кои цели тие би можеле да бидат употребени.
Загриженост поради далекометните ракети
Хрватскиот претседател потсети дека Србија располага и со израелски далекометни ракети со дострел од неколку стотици километри. Притоа нагласи дека Израел е стратешки партнер на Хрватска, потсетувајќи дека неодамна јавно ја критикувал политиката на вооружување што ја води хрватското Министерство за одбрана, предводено од министерот Иван Анушиќ. Според Милановиќ, хиперсоничните ракети се само еден сегмент од воените капацитети што Србија ги развива, додавајќи дека постојат и други системи што бараат внимателно следење.
– Хрватска како држава ќе мора на некој начин да одговори на тоа, така што ќе се опреми со нешто слично – порача тој, оставајќи простор за натамошно јакнење на хрватските одбранбени способности.
Хрватска останува надвор од Коалицијата на волните
Осврнувајќи се на пошироката безбедносна политика, Милановиќ истакна дека Хрватска останува лојална и коректна членка на НАТО, но дека истовремено мора внимателно да ги штити сопствените национални интереси.
Тој повтори дека Загреб нема намера да ѝ се приклучи на таканаречената Коалиција на волните, додавајќи дека таквата позиција им била јасно пренесена и на сојузниците за време на самитот.
– Мојата задача како претседател е да извлечам максимална корист за нашиот народ, а не механички да повторувам пораки што ќе ѝ се допаднат на Урсула фон дер Лајен – изјави Милановиќ. Според него, актуелната позиција на Хрватска во рамките на НАТО е „благотворна“, бидејќи овозможува земјата истовремено да ги исполнува своите сојузнички обврски и внимателно да ги следи безбедносните предизвици во непосредното соседство.
Бугарија
Радев: Европа мора да ја гради својата безбедност со силно НАТО, но и со
сопствени капацитети
- Бугарскиот претседател повика на поголеми инвестиции во одбраната и модернизација на вооружените сили
Бугарскиот претседател Румен Радев од самитот на НАТО во Анкара порача дека актуелната безбедносна состојба во Европа бара значително посериозни вложувања во одбраната и забрзана модернизација на вооружените сили на земјите членки. Радев оцени дека Алијансата останува главниот гарант на колективната безбедност, но предупреди дека европските држави мора да преземат поголем дел од одговорноста за сопствената одбрана. Според него, новите закани бараат развој на модерни технологии, поефикасна одбранбена индустрија и подобра координација меѓу сојузниците. Бугарскиот претседател ја нагласи потребата од зајакнување на источниот фронт на НАТО, имајќи ги предвид безбедносните ризици во регионот на Црно Море. Тој посочи дека Бугарија ќе продолжи со модернизацијата на своите вооружени сили и ќе остане активен партнер во сите иницијативи насочени кон јакнење на колективната одбрана. Осврнувајќи се на идните предизвици, Радев потенцира дека долгорочната стабилност ќе зависи од способноста на НАТО да ја зачува својата политичка кохезија, да инвестира во нови технологии и да обезбеди рамнотежа меѓу националните интереси и заедничката безбедност. Неговите пораки се вклопуваат во генералната атмосфера на самитот во Анкара, каде што доминираат темите за зголемување на одбранбените трошоци, јакнење на европските капацитети и зачувување на единството на Алијансата во услови на продолжени геополитички тензии.
Повод: Интервјуто на заменичката на генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, на самитот во Анкара
НАТО и украинската војна: Од одвраќање кон трајна воена мобилизација
Изјавите на заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, од самитот во Анкара отвораат прашања што одамна ја надминуваат рамката на обична воена поддршка за Украина. Кога висок претставник на Алијансата јавно посочува дека 95 проценти од клучната воздушна одбрана на Украина се обезбедува преку директни програми на НАТО, а дека речиси целокупната меѓународна воена и безбедносна помош доаѓа од земјите членки на Алијансата, станува јасно дека НАТО веќе не зборува само за „поддршка“ на партнер туку и за длабока, системска и долгорочна вклученост во еден голем европски воен конфликт.

Украина не е членка на НАТО
Украина не е под заштитата на членот 5 од Вашингтонскиот договор, ниту има формална обврска со која сојузниците би биле директно поврзани со нејзината одбрана. Сепак, ресурсите, технологијата, финансиите, логистиката и политичката поддршка на најмоќниот воен сојуз во светот се ставени во функција на украинскиот фронт. Оттука произлегува суштинско политичко прашање. Имено, каде завршува поддршката, а каде започнува фактичката стратешка конфронтација?
Со потврдувањето на десетици милијарди долари годишна помош, со зголемувањето на одбранбените буџети и со новата формула за издвојување 5 проценти од БДП за одбранбени и поврзани безбедносни потреби, НАТО испраќа порака дека влегува во ера на трајна воена мобилизација. Наместо алијанса чија примарна политичка цел беше да спречува конфликти преку дијалог, дипломатија и механизми за деескалација, се создава слика на блок што сè повеќе ја засилува својата воена компонента.
Во име на безбедноста, НАТО ја придвижува Европа кон модел во кој воената логика станува доминантна
Поддржувачите на оваа политика ќе кажат дека станува збор за неопходно одвраќање и одбрана на европската безбедност. Критичарите, пак, предупредуваат дека постојаното зголемување на вооружувањето, проширувањето на воените капацитети и продолжувањето на конфронтациската логика може да ја продлабочат нестабилноста и да го оддалечат политичкото решение. Токму тука се наоѓа најголемиот проблем со новата стратегиска реторика на НАТО. Во име на безбедноста, НАТО ја турка Европа кон модел во кој воената логика станува доминантна, а дипломатските опции се туркаат во втор план. Наместо прашањето „како да се запре ескалацијата“, главно прашање станува „како уште повеќе да се зајакне воениот капацитет“. Самитот во Анкара, според пораките што произлегоа од него, покажува дека Алијансата не гледа краткорочен излез од конфронтацијата со Русија. Напротив, се гради долгорочна структура на поддршка, финансирање и воена подготовка. За едни тоа е гаранција за колективна безбедност, за други доказ дека НАТО постепено се трансформира од „одбранбен сојуз“ во активен геополитички „воено- агресивен играч“ во конфликти.
НАТО е со нејасен концепт
Најголемата опасност е што во оваа нова и веќе еднострана логика на НАТО, границата меѓу одвраќањето и учеството во конфликт станува сè понејасна. Кога цели сојузи ги насочуваат своите ресурси кон една воена арена, политичката одговорност за барање мирни решенија станува уште поголема. Брисел не може бесконечно да ја заменува дипломатијата со оружје и да очекува стабилност како резултат.
Прашањето што останува по Анкара не е само колку ќе се зголемат воените буџети туку дали Западот сè уште има политичка визија за завршување на конфликтот – или трајната конфронтација станува новата стратегија?!
Албанија
Рама: Западен Балкан останува дел од европската безбедносна архитектура
- Албанскиот премиер повика НАТО да продолжи со политиката на стабилност и интеграција во регионот
Албанскиот премиер Еди Рама на самитот на НАТО во Анкара оцени дека безбедноста на Западен Балкан е неразделен дел од безбедноста на Европа и дека Алијансата треба и натаму активно да придонесува за зачувување на стабилноста во регионот. Рама истакна дека Албанија останува целосно посветена на колективната одбрана и на исполнувањето на обврските што произлегуваат од членството во НАТО. Според него, новите геополитички околности ја нагласуваат потребата од поголема отпорност кон хибридните закани, сајбер-нападите и дезинформациите. Албанскиот премиер ја поздрави определбата на сојузниците за натамошно зголемување на инвестициите во одбраната, оценувајќи дека тие ќе придонесат за посилна и поефикасна Алијанса. Тој повтори дека интеграцијата на Западен Балкан во европските и евроатлантските структури останува најдобрата гаранција за долгорочен мир, политичка стабилност и економски развој на регионот.
Црна Гора
Милатовиќ: Малите членки имаат важна улога во кредибилитетот на НАТО
- Црногорскиот претседател порача дека безбедноста е заедничка одговорност на сите сојузници
Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, на маргините на самитот на НАТО во Анкара изјави дека современите безбедносни предизвици покажуваат оти големината на државата не е пресудна за нејзиниот придонес во Алијансата. Според него, секоја земја членка има своја специфична улога во зачувувањето на колективната безбедност, а кредибилитетот на НАТО зависи од солидарноста, довербата и исполнувањето на преземените обврски. Милатовиќ истакна дека Црна Гора ќе продолжи да инвестира во модернизацијата на своите вооружени сили и да учествува во заедничките мисии и активности на Алијансата. Тој нагласи дека Западен Балкан останува простор од стратешко значење за евроатлантската безбедност и дека зачувувањето на регионалната стабилност претставува заеднички интерес на сите членки на НАТО. Со ваквите пораки, Црна Гора ја потврди својата определба да остане активен и доверлив сојузник во рамките на Алијансата, придонесувајќи кон заедничките безбедносни цели и стабилноста на регионот.
Грција
Мицотакис: Посилна европска одбрана значи и посилно НАТО
- Грчкиот премиер ја потврди определбата на Атина за зголемување на воените инвестиции и за јакнење на јужното крило на Алијансата
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од самитот на НАТО во Анкара порача дека Европа мора да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност, но притоа без да се наруши трансатлантското партнерство, кое и понатаму останува темел на колективната одбрана. Според Мицотакис, актуелната безбедносна состојба бара долгорочни инвестиции во современи вооружени системи, развој на европската одбранбена индустрија и подобра оперативна координација меѓу сојузниците. Тој потсети дека Грција веќе со години издвојува над договореното ниво за одбраната и дека ќе продолжи со модернизацијата на своите вооружени сили. Премиерот оцени дека јужното крило на НАТО има особено значење поради безбедносните предизвици во источниот Медитеран, Блискиот Исток и Северна Африка. Затоа, според него, потребно е Алијансата рамномерно да ги третира сите безбедносни ризици што ги засегаат нејзините членки. Мицотакис порача дека силна Европа не е алтернатива на НАТО, туку негово дополнување, оценувајќи дека единството меѓу сојузниците останува најсилниот одговор на современите геополитички предизвици.
Турција
Ердоган: Турција е подготвена за поголема улога во НАТО и за продлабочување на одбранбената соработка со САД
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган порача дека Турција е подготвена да преземе поголема одговорност во рамките на НАТО, со цел да придонесе кон поправедна распределба на обврските и товарот меѓу сојузниците. Изјавата беше дадена по завршувањето на самитот на НАТО во Анкара, каде што турскиот лидер оцени дека средбата поставила основи за „посилен и пообединет сојуз“.
На завршната прес-конференција, Ердоган нагласи дека солидарноста меѓу земјите членки на НАТО била јасно изразена за време на самитот, посочувајќи дека заедничката безбедност и одбранбената координација остануваат клучни приоритети за Алијансата.
Тој се осврна и на разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп, истакнувајќи дека двете страни разговарале за можностите за понатамошна соработка во областа на одбранбената индустрија. Според Ердоган, дискусиите опфатиле проекти поврзани со изградба на воени бродови, фрегати, подморници и корвети, како дел од пошироките напори за унапредување на воената технологија и капацитетите на Турција.
Турскиот претседател ја оцени средбата со американскиот лидер како продуктивна и изрази задоволство од текот на разговорите. Тој исто така изјави дека САД во голема мера ги укинале воените санкции кон Турција и дека претседателот Трамп покажал позитивен став кон можноста за продажба на американски борбени авиони „Ф-35“ на Анкара.
Ердоган изрази очекување дека Вашингтон ќе ги исполни преземените обврски, нагласувајќи дека испораката на современи борбени авиони би претставувала значаен чекор во односите меѓу двете земји. Наедно, тој ги отфрли критиките и противењето од страна на Израел и Грција во врска со договорот за набавка на авиони „Ф-35“, оценувајќи дека прашањето треба да се разгледува низ призмата на сојузничките односи и безбедносните интереси.
Самитот во Анкара, според турскиот претседател, испрати порака за зајакната соработка во рамките на НАТО, додека Турција продолжува да се позиционира како еден од клучните членови на Алијансата со амбиција за поголема улога во нејзините идни безбедносни политики.

































