Наполеон со физиономија на НАТО 3.0 се утврдува на Северот

  • Самитот во Анкара заврши со декларација од пет суштински точки, при што главна е глорификацијата на членот 5, кој вели дека напад на еден е напад врз сите. Зошто толкава важност кога се знае ова од 1949 година? Дали е ова само уште еден доказ дека нешто сериозно чкрипи во таа декларирана железна монолитност, која се виде сега при војната на САД против Иран?
  • Во Анкара се зацврстени столбовите на европското НАТО. Америка полека го крева сидрото од Европа, но Европа воено ќе расте. Европа создадена како проект за мир ќе се движи кон забрзана милитаризација, па можно е и нуклеаризација, со јасни пораки до Русија да не помислува напад на некоја европска земја. Во ваков галиматијас, Македонија треба да ги зацврсти своите црвени линии кон ЕУ и да се насочи кон создавање нови пријатели и сојузништва. Ако ние сме 20 години во чекалницата, Турција е 40 години, па не пропадна

Има успешни и неуспешни самити, со и без завршни декларации, со јасни заклучоци, но и со опасни насоки, со отворени прашања, со заканувачки јазик… Каков беше овој последниов на НАТО во Анкара, чиј домаќин беше претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган? Според американскиот претседател Доналд Трамп, многу успешен. Ќе ја анализираме неговата изјава во позитивен дух.
Овој самит заврши со само шест точки во завршната декларација и без јасно наведување каде ќе се одржи наредниот самит. Се тврди дека домаќин ќе биде Албанија, но тоа го нема во финалната изјава на 32. челници на членките на Алијансата. Зошто? Да останеме засега само на прашање, да не ја поматиме радосната атмосфера по самитот.
Ова беше самит завршен со само шест точки. За споредба, самитот во Букурешт во 2008 година, на кој Македонија требаше да стане членка, но Грција и неки други земји го спречија тоа со вето, во завршната декларација имаше 50 точки. Една исклучиво посветена на Македонија, на која вратите од НАТО ѝ беа оставени отворени, исто како што е сега со Европската Унија. Условот е само ако… Не им се гледа крајот на условувањата, но ако тогаш не знаевме да ја играме играта, сега не би требало да играме луда Мара. Тогаш, како и сега, ни се бараа демократски реформи, промена на името, иако сум бил сведок на тоа каков е резонот во НАТО во однос на демократијата. На еден собир организиран од Атлантскиот совет во Хаг, на прашањето што мисли Брисел за случувањата во Турција за време на протестите на Таксим, кога некој сакаше да го собори, па дури имаше обвиненија дури и да го ликвидира Ердоган, американскиот дипломат во НАТО, Александар Вершбоу, одговори: НАТО е воена организација, не се занимаваме со прашања од демократија. Слободно можете ова да го запишете во вашите тефтери за фаќање белешки и имајте го ова на ум кога дискутирате, се карате или водите дипломатски преговори. Тоа го рекол амбасадор во НАТО и челник на тој тинк-тенк – Атлантски совет. И така речиси десет години по Букурешт, каде што, не заборавајте, беше поканет и Владимир Путин за да се разгледуваат тензичните односи меѓу НАТО и Русија, причина Украина и Грузија, Македонија го исфрли своето историско име да плови низ фекалиите на Вардар некаде кон југ. Не е тажно, туку е национално предавство и автогеноцидна политика на една врхушка.
Во Декларацијата точката број 1 вели дека „ние, лидерите од НАТО, се собравме во Анкара за да ја потврдиме цврстата како железо посветеност за колективна одбрана според членот 5“. Тој член вели дека напад врз еден е напад врз сите. Притоа со него се потврдуваат цврстата трансатлантска врска, солидарноста, колективната сила… Зошто членот 5 толку високо на дневниот ред? Јасно е, нема толку цврсто единство, кое се покажа и кон војната со Иран, но и за војната на Израел против Хамас, Хезболах и Иран. Немало единство ни порано и знаеме дека Франција знаела да солира по сопствен воен такт.
Втората точка се однесува на заканите од Русија по евроазиската безбедност, постојаните закани од тероризмот, но и звукот на парите (доларите) се најде токму во втората точка. Таа се повикува на обврската сите членки воените буџети да ги калибрираат на 5 проценти од БДП.

На овој самит е ставен печат на американскиот план објавен од министерот за војна на САД, Питер Сегсет, за создавање НАТО 3.0, таканаречено европско НАТО. Потоа се истакнува важноста на трансформацијата, како и приоритетните планови за конвенционално и ново војување со користење на вештачката интелигенција, освојување на вселената во воени цели и конечно натамошна поддршка на Украина. И на крајот, евала за домаќинот. Сепак, Турција истурка добар самит, на кој македонските претставници пренесоа свои пораки.
Ако сега се прави конечно резиме, тогаш можеби е најдобро да го пренесеме ставот на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој пред самитот за „Политико“ изјави дека Трамп за сѐ бил во право. (!!!) Ако го читаме „Ле монд“, и Макрон за сѐ бил во право кога барал Европа да стане господар на својата одбрана. Па, и Мерц не е покус, и тој е за тоа, и во германската воена стратегија токму Берлин се смета за иден команден центар на силите на европското НАТО. Сепак, Франција, која се смета за воена сила број 1 во ЕУ, се плаши дека можеби ја губи трката со Германија во воена смисла, а причина е не волјата да се билда воениот комплекс, туку парите. Процените се дека до 2027 година Франција за воени трошоци ќе даде 63 милијарди евра, додека Германија 109 милијарди. Но, Франција има една предност, која се вика – нуклеарна сила. Некогаш „зелениот“ Јошка Фишер подолго време се залага и Германија да стане нуклеарна сила, со што станува очигледно и дека на европска почва, и покрај солидарноста и единството, си постои битка за супремација. Тоа е Европа!
Како ќе се развива НАТО 3.0? Според информациите што ги изнесе штуро на самитот заменичката на Руте, Радмила Шекеринска, веќе се во развој многу воени проекти со напредни технологии, при што Северот на Европа, пред сѐ Финска и Шведска издвојуваат сѐ повеќе за воениот (одбранбениот сектор), но во таа трка се и трите балтички држави. Полска веќе одамна ги надмина тие фамозни над 2 проценти од БДП, а Норвешка во моментов се смета за држава што по САД најмногу издвојува за одбраната сметано по жител. Македонија добро котира со своите 2,3 отсто од БДП, со проекција да стигне до 2,8 во 2028 година, и веројатно ќе може да се справи буџетски да заокружи на 3 проценти. Како ќе се одрази тоа на живеачката, искрено јас не сум наишол на некоја таква анализа.
Што е со Југот на Европа? Доцни, а и многу други земји не можат да се одлепат од 2 проценти. Се нема пари или што? Но, сега кога на сите им е јасно дека стратегијата на Америка, што значи не само на Трамп, е да ја остави Европа сама на себе и дека ќе се насочи кон новото НАТО во Индопацифичкиот Регион, станува јасно дека одбраната ќе изеде многу социјални и други фондови. Притоа, Америка јасно кажува дека е добро што Европејците ќе издвојуваат милијарди и милијарди за одбраната, но притоа мораат да водат сметка да купуваат оружје од Американците. Тоа го кажува новиот шериф во Белата куќа.

За да продолжам со одговорот на тоа каде ќе се движи новото НАТО се потрудија Французите, кои веќе објавија дека испраќаат трупи на Северот на ЕУ, во Финска во рамките на Истурените копнени сили, кои се формирани во 2024 година. Слични копнени сили НАТО има и во Бугарија, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Романија и во Словачка. Дали ова наликува на мултинационалните сили на Наполеон Бонапарта, кој се судри со неговиот некогашен руски пријател царот Александар? Мене да, и тоа ми е дури и мачно да го гледам, зашто разбирам дека Европа не научи ниту една лекција од историјата.
Да, Украина не е заборавена и неа ќе ја клукаат со воени хормони и понатаму, а цифрата ќе биде изразена во милијарди долари (цирка 70 милијарди секоја година), но статистиките на загинатите, ранетите, урнатите домови, училишта, библиотеки… засега нема да се спомнуваат. Човечкиот живот не е важен кога империските апетити се движат кон директен судир на ист мегдан.
Македонија кажа преку претседателката Гордана Сиљановска-Давкова дека: „Понекогаш се чудам како може исти државници, исти претседатели, исти премиери, на еден начин да се однесуваат во рамките на НАТО, да манифестираат разбирање, а кога се работи за Европската Унија, 20 години да нè држат во лавиринтот. Време е тоа да се надмине“. Добро е што тоа им е кажано, но, како што рековме, НАТО е воена организација и размислува како војник. Во ЕУ, ах ЕУ. Прашајте ја Турција, еден од столбовите на НАТО-одбраната и нападот, земја што не ја ни респектираат во ЕУ, иако со години им го чува грбот и од имигранти и од терористи и од други предизвици. Но Турција го научи табиетот на тие што самите се викаат Европејци, оти не е само ЕУ Европа, па си игра по свој такт, кој многу други го препознаваат. Затоа да повторам – ако ние не научивме како треба да се однесуваме и преговараме со НАТО, тогаш сега би требало да знаеме токму кои ни се црвените линии. И ако инсистирате на некоја дефиниција за ЕУ, според македонскиот аршин тоа би било Европска Унија на двојни стандарди. Следете ги текот на парите и развојот на НАТО 3.0, многу работи ќе станат појасни.