Климатските промени: Доаѓа пекол за следните генерации (1 дел)

Секој ден во медиумите се прикажуваат вести за настани поврзани со климатските промени: поројни дождови, поплави, силни ветришта, високи температури, топлински бранови, шумски пожари во огромни размери, суши, намалени водостои на реките итн. Последиците се многубројни и катастрофални: загуби на човечки животи, влијание на здравјето на луѓето, загуби во економијата, намалени приноси во земјоделството, оштетување живеалишта и имоти, миграции на луѓе, негативно влијание на целиот животински и растителен свет итн.
Причина за климатските промени се емисиите на стакленички гасови, а тоа се јаглерод диоксид (СО2), метан (СН4), азотен оксид (NО2) и F-гасови (флуорни соединенија). Тие го создаваат ефектот стаклена градина, а со тоа и глобално загревање на воздухот во Земјината атмосфера. Најголемо учество во овој ефект има гасот СО2, кој се ослободува при согорување на фосилните горива (јаглен, нафта, природен гас), а тоа е во секторот енергија. Се смета дека масовните емисии на стакленички гасови се јавуваат од почетокот на индустрискиот развој во светот од 1850 година наваму.
Поради загрижувачките размери на последиците од климатските промени во 1988 г. е воспоставено меѓународно тело за климатски промени (IPCC), а во 1992 г. е донесена Рамковна конвенција на Обединетите нации за климатски промени (UNFCCC). Секоја година Обединетите нации (ОН) организираат т.н. Конференција на страните (СОР) за борба против климатските промени. Во тие рамки е донесен т.н. Кјото-протокол, со некои задолжителни мерки за развиените земји и неколку механизми за редукција на емисиите на стакленички гасови. Треба да се истакне и Парискиот договор (2015 г.), со кој е поставена цел за ограничување на глобалното просечно покачување на температурата под 2°Ц, и настојување тоа да биде под 1,5°Ц. Мерките од овој договор се од општ карактер без детали за оперативно дејствување.

И покрај напорите на меѓународната заедница во борбата против климатските промени, посакуваните цели не се постигнати. Според последниот извештај на IPCC, во периодот од 1850 г. до денес концентрацијата на СО2 во воздухот е покачена за речиси 50 проценти, а просечната температура на воздухот за 1,2оЦ.
Збунувачки е фактот што по воспоставувањето на меѓународно тело (IPCC) во 1988 г., наместо редукција на емисиите на стакленички гасови, нивното емитирање постојано се зголемува. Според Меѓународната агенција за енергија (IEA), емисиите на СО2 од согорување во енергетиката и индустриските процеси во 1950 г. биле 5,6 Gt (гигатони), а во 2021 г.: 36,3 Gt CO2. Тоа зголемување е повеќе од шест пати.
Според IPCC, околу 50 проценти од емитираниот CO2 се отстрануваат од атмосферата во рок од 30 години, а уште 30 проценти ќе бидат отстранети за неколку века. Преостанатите 20 проценти може да останат во атмосферата повеќе илјади години. Ова е огромен проблем, бидејќи количеството на CO2 во атмосферата постојано се акумулира. Бидејќи CO2 е многу стабилен гас, „дополнителните количества“ ќе останат во атмосферата многу подолго од нашите животи. Според овие факти, може да се заклучи дека состојбата со климатските промени и понатаму ќе се влошува, со огромни последици на новите генерации што уште не се ни родени.
Многу аспекти на климатските промени и придружните влијанија ќе продолжат со векови, дури и ако емисиите на стакленички гасови се стопираат (хипотетички) денес. Но се случува токму спротивното, глобалното загревање постојано се зголемува.
Кој е виновен за настанувањето на оваа состојба?
Одговорот ќе го најдете во вториот дел од овој напис, кој ќе биде објавен по неколку дена.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор