Фото: Игор Бансколиев

ЛИДЕРСКА СРЕДБА КОВАЧЕВСКИ – МИЦКОСКИ

Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, и лидерот на опозицијата и на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера ја одржаа долгонајавуваната и очекувана лидерска средба. Како што и беше најавено, главните две точки на дијалогот биле македонската евроинтеграција и добрососедските односи.

По час и пол разговори, прв пред медиумите се појави Мицкоски, кој изјави дека Ковачевски предложил двете партии заеднички да ги поддржат уставните промени, а веднаш потоа да се распишат предвремени парламентарни избори, со тоа што ВМРО-ДПМНЕ веднаш би влегла во Владата, што би овозможило земјата да ги почне пристапните преговори со Европската Унија.

Мицкоски ја прифатил понудата под услов во таа национална широка влада да не учествува ДУИ и уставните измени, кои би се усвоиле, да стапат во сила дури кога ќе почне ратификацијата на пристапниот протокол за членство на Македонија во ЕУ во парламентите на земјите-членки.

Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, по средбата изрази задоволство што се виделе со Мицкоски, потенцирајќи дека ваков демократски дијалог треба да има на сите нивоа. Тој го потврди и повтори тоа што претходно го кажа и Мицкоски, дека дал предлог заеднички и консензуално да се изгласаат уставните измени и веднаш утредента ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата, при што СДСМ ќе ослободи половина од своите места во Владата за ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот сепак имаше поинаков став во однос на временскиот период од кога би требало да важат уставните измени, нагласувајќи дека тие би стапиле во сила од моментот на одржување на втората меѓувладина конференција.

Во однос на предлог на опозицискиот лидер, ДУИ да не биде дел од власта, Ковачевски рече дека Владата треба да има широка поддршка, да биде влада на обединување, на европска интеграција, а не влада на изолација и дестабилизација, бидејќи други сценарија може да доведат до други неповолни појави во општеството.
На крајот, премиерот изрази надеж дека дијалогот ќе продолжи и на други нивоа, односно во Собранието на државата. Дали со ова премиерот најави дека лидерската средба и разговорите ќе добијат нов формат на посериозни преговори низ институциите? А.Д.