Со свеченото доделување на фестивалските награди и признанија, синоќа во Преспа беше затворено 24. издание на Интернационалниот театарски фестивал „Актер на Европа“, кој и оваа година обедини истакнати театарски уметници и ансамбли од повеќе европски земји, потврдувајќи ја својата мисија да биде простор на културен дијалог, уметничка слобода и меѓусебно разбирање.
Во текот на фестивалските вечери публиката имаше можност да проследи селекција на современи театарски остварувања кои, секое на свој начин, сведочеа за богатството на европската театарска мисла и за универзалниот јазик на сценската уметност.
Меѓународното жири ги донесе своите одлуки за годинашните фестивалски признанија.
Наградата за најдобра претстава му беше доделена на Алтернативниот театар „Пробатон“ за претставата „Камења во неговите џебови“, која, според оценката на жирито, претставува исклучително заокружено сценско остварување во кое актерската виртуозност, прецизната драматуршка структура и современиот сценски јазик се обединуваат во силна и длабоко хумана театарска целина.
Признанието „Преспански Дионис“ годинава ѝ припадна на претставата „Кученцето се насмеа“, во продукција на „Спам студиос“ од Софија, Република Бугарија. Жирито ја истакна нејзината современа авторска визија, чувствителниот сценски пристап и способноста преку суптилен театарски јазик да отвори простор за дијалог, емпатија и преиспитување на универзалните човечки вредности.
Наградата за Најдобра сценска интерпретација ѝ беше доделено на Снежана Коневска – Руси за нејзината улога во претставата „BIVIR… (Да се преживее)“, во продукција на Македонскиот народен театар и АРТ-КУЛТ-УРА! Во образложението се наведува дека станува збор за актерско остварување со исклучителна уметничка зрелост, емотивна длабочина и сценска сугестивност, кое ја потврдува моќта на актерската уметност да ја пренесе најсуштинската човечка вистина.
Наградата „Жак Лакариер“ за најдобра режија му беше доделена на Горан Бјелановиќ за режијата на претставата „Aurora Amoris“. Жирито ја оцени неговата режиска концепција како оригинална, прецизна и високо естетизирана, истакнувајќи го успешното обединување на музиката, движењето, актерската игра и сценскиот простор во единствено поетско и визуелно впечатливо дело.
Традиционалното фестивалско признание, „Актер на Европа 2026“, ѝ беше врачено на Александра Војводиќ Јововиќ за нејзината извонредна изведба во претставата „Aurora Amoris“. Според жирито, нејзината интерпретација претставува редок спој на врвна вокална техника, сценска експресија и уметничка чувствителност, создавајќи силно и незаборавно театарско доживување.
Затворањето на фестивалот уште еднаш ја потврди вредноста на „Актерот на Европа“ како значајна меѓународна културна манифестација која веќе повеќе од две децении ги поврзува европските театри, уметници и култури преку универзалниот јазик на сценската уметност. Годинешното издание донесе високи уметнички дострели, разновидни сценски естетики и инспиративни средби меѓу творци од различни културни средини, оставајќи силен впечаток кај публиката и потврдувајќи дека Преспа останува едно од препознатливите европски места на театарската уметност.
Организаторите упатија искрена благодарност до сите учесници, членовите на жирито, селекторот, партнерите, соработниците и бројната фестивалска публика, чија доверба и посветеност се нераскинлив дел од успехот на фестивалот. Посебна благодарност беше изразена до Министерството за култура и туризам, Општина Ресен и Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“, чија континуирана поддршка овозможува Интернационалниот театарски фестивал „Актер на Европа“ да ја продолжи својата мисија како значајна меѓународна платформа за афирмација на театарската уметност, културниот дијалог и европските вредности.






































