Целиот постпописен амбиент, како прво го наметнува прашањето зошто по сите објаснувања дека пописот е неопходен заради утврдување на реалниот број на жители на државата, нивната возрасна, полова, образовна… структура, територијалната распространетост, работниот ангажман и слично, врз основа на кои ќе се креираат економските, социјалните, образовните и други политики, приоритет им беше даден на податоците за верската и за националната структура на населението
И ПО СИТЕ УВЕРУВАЊА ДЕКА ОПЕРАЦИЈАТА НЕМА ДА БИДЕ ПОЛИТИЧКА ТУКУ СТАТИСТИЧКА
Статистичкото законодавство на Европската Унија и препораките на Обединетите нации не предвидуваат граѓаните да се изјаснуваат врз основа на националната или верската припадност, така што, според оцените на упатените, неблагодарно е да се посочи, но навистина не е тешко да се погоди кој и зошто дозволил толкава политизација и естрадизација на резултатите од Пописот 2021. Целиот постпописен амбиент, како прво го наметнува прашањето зошто по сите објаснувања дека пописот е неопходен заради утврдување на реалниот број на жители на државата, нивната возрасна, полова, образовна… структура, територијалната распространетост, работниот ангажман и слично, врз основа на кои ќе се креираат економските, социјалните, образовните и други политики, приоритет им беше даден на податоците за верската и за националната структура на населението. Тоа особено откога директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, најави дека резултатите од економскиот и образовниот дел од прашалникот ќе бидат објавени дури кон крајот на јуни.
– Редовна практика на сите статистички институции е прво да се објават податоците за бројната состојба на населението по пол и по возраст. Тоа што ги објавивме и податоците за етничката припадност, религијата, мајчиниот јазик и јазикот што вообичаено се зборува во домаќинствата е одлика на нашето поднебје, а тоа, за жал, е перцепцијата на пописот на населението само како претстава за структурата на населението според припадноста кон одредена етничка заедница. Велам „за жал“ бидејќи пописот е многу повеќе од тоа.
Всушност, овие четири т.н. чувствителни прашања на кои населението одговара според сопственото чувство не се од интерес за статистиката и не претставуваат задолжителни прашања во пописот, како што е наведено и во препораките на Обединетите нации за пописите на населението. Повторно велам „за жал“ бидејќи преку овие прашања се политизира целиот процес на попишување и, како што може да се забележи од реакциите во јавноста по објавувањето на првиот сет податоци, целиот интерес е свртен токму кон овие податоци и сето незадоволство е насочено токму кон овие податоци. Втората причина е одржувањето на историскиот континуитет во објавувањето на податоците, бидејќи ако се гледа наназад, во сите пописи прво се објавувале овие податоци – објасни вчера одговорната за односи со јавност во Заводот за статистика Јасмина Ѓоргиева.
По заклучокот дека ваквите „очекувања“ на јавноста за пребројувањето по национална и по верска основа некој морал да ги артикулира и озакони, а политичките партии веќе го кажаа своето, објаснување побаравме и од Советот за статистика, кој како советодавно и стручно тело на државната статистика го именува и разрешува Собранието.
– Јасно дека изјаснувањето на граѓаните по етничка и верска основа не е предвидено во прашалникот на Евростат, но за нас, поради општествениот амбиент во кој живееме, незамисливо би било да не ги поставиме и тие прашања. Ако не беа вклучени овие прашања во пописот, ќе имавме страшни реакции од пошироката јавност. Секако дека и овие реакции на резултатите се очекувани, а донекаде и оправдани, и ние веќе на првата седница на Советот ќе побараме одговори пред сѐ за тоа како дошло до грешки во презентацијата на податоците, но и за дилемите околу бројот на непопишаните… – изјави Анета Цекиќ, вонредна професорка на Институтот за социолошки и политичкоправни истражувања при УКИМ и една од 13-те члена на Советот.
Иако сите се согласни дека пописот на населението како исклучително значајна операција за една држава ни оддалеку не се исцрпува со етничкото пребројување на населението, на Македонија деновиве ѝ се случи токму она што се случува во повеќето земји во кои етничката и верската припадност се дел од политичкото милје. Такви, во моментов, се повеќето земји од регионот, иако од Евростат често сугерираат дека овие прашања, доколку сепак се поставуваат, треба да бидат факултативни. И во документите на Обединетите нации прашањата за националноста, религијата и јазикот не се наведуваат како теми од суштинско значење за пописот.
Освен тоа, упатените потсетуваат и дека историјата на целиот регион е преоптоварена со верските и со националните судири, поради што таквите прашања имаат тенденција само да ги зголемат тензиите и да го одвлечат вниманието од други посуштински содржини. Д.М.М.