Фото: Маја Јаневска-Илиева

Предвидувањата се дека топлотниот бран, кој ја зафати цела Европа, а пристигна и во Македонија ќе потрае неколку дена и во некои места температурата ќе надмина над 40 степени Целзиусови. Ваквите вонредни метеоролошки услови налагаат и посебни мерки на претпазливост и однесување на граѓаните за заштита на нивното здравје. Во продолжение следува практичен граѓански метеоводич против жештините

МАКЕДОНИЈА ВЛЕЗЕ ВО ПОРТОКАЛОВА ФАЗА

Топлотниот бран што ја зафати Европа пристигна и во Македонија, која е зафатена од високи температури, од портокалова фаза. Според УХМР, најтопло ќе биде во јужновардарскиот регион, во Дојран и во Гевгелија температурата ќе надмине над 40 степени, а температурата под сенка во Скопје ќе достигне до 38 степени.
Експертите очекуваат топлотниот бран да трае повеќе дена. Министерството за здравство информира дека во согласност со добиените информации од метеоалармот на Управата за хидрометеоролошки работи, во следните четири дена, од четврток до недела (24 јули 2022 година), територијата на Македонија ќе биде зафатена со високи температури. Во овој период ќе важат препораките за намалување на ризиците од високи температури, во согласност со Акцискиот план на Министерство за здравство за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението.
Македонската влада, како и надлежните институции донесоа повеќе одлуки и препораки за граѓаните. Министерството за труд и социјална политика ги повикa работодавачите, негувателите и воспитувачите во градинките, вработените во центрите за социјална работа, во Црвениот крст да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство, за заштита на здравјето и превенирање на последиците од топлотните бранови што следуваат, во согласност со Акцискиот план на Министерство за здравство за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението.
Во нив се предвидува ослободување од работните обврски на најранливите групи население, како што се бремените жени и хронично болни лица. Во установите за згрижување децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да им даваат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.
Поради високите температури што ќе го зафатат градот Скопје и неговата околина, триесет обучени волонтери со возила на Цревниот крст ќе патролираат на автобуските постојки, амбулантите, пазарите и др. во периодот од 21 до 28 јули. На овие локации, во директен контакт со граѓаните ќе се дистрибуираат информативни материјали со совети за заштита од топлотниот бран, совети за консумирање на храната и препораки за консумирање вода. Волонтерите ќе делат вода, а по потреба ќе им го мерат крвниот притисок на оние лица што ќе се пожалат на здравствени проблеми. Доколку има итен случај, тимовите ќе вршат транспорт до најблиската здравствена установа или домот на лицето. Во пунктот за бездомните на Црвен крст во Момин Поток на располагање е мобилниот телефон 071/223-972 за дојави од граѓаните за бездомници што се погодени од топлотниот бран.


Препораки за време на топлотен бран

– За време на топлотен бран да се избегнува, колку што е можно, излегувањето во надворешна средина во периодот од 10 до 17 часот.
– Во периодот од 10 до 17 часот да се избегнуваат напорни физички активности, како и спортски и рекреативни активности.
– Останување, колку што е можно, во затворени климатизирани простории. Обичните вентилатори не помагаат кога температурата е над 35 степени. Да се затвораат прозорците во текот на денот и да се отвораат во ноќните часови кога е пониска.
– На отворен простор да се избегнува директна изложеност на сонцето, се препорачуваат почести одмори под сенка.
– Носење лесна и светла облека од природни материјали, капа и заштитни очила.
– Внесување помало количество храна, да се избегнува висококалорична и мрсна храна, како и продукти што содржат поголемо количество шеќер.
– Туширање со студена вода неколкупати во денот.
– Во возило да се отвораат прозорците за да се овозможи вентилација на воздухот. Возилата што се целосно затворени се многу жешки, да не се остава никого во возилата.
– Хронично болните, особено оние со срцеви, невролошки белодробни болести, треба да внимаваат и да ги почитуваат препораките на надлежните институции. Редовно земање на терапијата, задолжителна консултација со матичниот лекар доколку дојде до промена на здравствената состојба.
– Задолжително миење на овошјето и зеленчукот пред консумирање. Термички приготвената храна веднаш да се консумира. Да се избегнуваат производи што не се термички обработени, како што се сладолед и домашен мајонез.
– Доколку почувствувате зашеметеност, вознемиреност или интензивно чувство на жед, да се побара помош и да се измери температурата. Веднаш да се консумира вода или негазиран минерален пијалак.
– Доколку некое лице има сува и топла кожа или е во несвест, веднаш да се повика итна медицинска помош. Додека се чека стручната помош, лицето да се премести на студено место и да се стават студени облози на вратот, слабините и пазувите. Да не се дава терапија. Доколку лицето е во несвест не треба да лежи на грбот, потребно е завртување во странична положба.


Препораки за заштита од висок УВ-индекс

Доколку УВ-индексот е повисок од осум, задолжително да се користат крем со заштитен фактор и капа, како и да се внимава движењето надвор да биде во сенка. УВ-зрачењето и топлината се најсилни во периодот помеѓу 10 и 14 часот и се препорачува во тој период да биде што е можно помала изложеноста на сонце. Наедно, посетителите на плажа треба да имаат предвид дека белиот песок и другите светли површини рефлектираат УВ-зрачење и може двојно да ја зголемат изложеноста на зрачењето.


И квалитетот на воздухот на удар поради жестините

Европската служба за мониторинг на атмосферата „Коперник“ предупреди на штетните нивоа на загадување со озон низ западна и јужна Европа. Марк Парингтон, научник од институтот ЦАМС, посочува дека влијанието на топлотниот бран врз квалитетот на воздухот не е занемарлив. Загадувањето со озон се јавува како реакција на сончевата светлина и топлината со стаклените гасови, како што се јаглерод моноксид и азот оксид. За време на високи температури, производството на озон се зголемува, бидејќи хемиските реакции се случуваат побрзо.