Повод: Финалната декларација на НАТО од Анкара: „Рејунион“ на трансатлантскиот Сојуз-потврда на членот 5, ама и нова распределба на товарот меѓу Америка и Европа
- По периодот на длабоки сомнежи, Алијансата во Анкара се обидува да покаже дека останува „политички и воено кохезивна“. Митот дека НАТО се бори за мир и демократија е урнат. Доаѓа времето на НАТО плус.
Кога пред само неколку месеци американскиот претседател Доналд Трамп отворено го доведуваше во прашање опстанокот на НАТО, заканувајќи се со можно американско повлекување од Алијансата и обвинувајќи ги европските сојузници дека живеат под американски безбедносен чадор без да ја плаќаат неговата вистинска цена, малкумина очекуваа дека токму во Анкара ќе биде подготвен документ (декларација) што практично ја обновува довербата во најважниот принцип врз кој почива Северноатлантскиот сојуз.
Но токму тоа е суштината на финалната декларација, која веќе е усогласена на ниво на амбасадори на сите 32 земји членки и која треба официјално да биде потпишана на самитот на НАТО на 7 и 8 јули во турската престолнина.
– Документот испраќа недвосмислена порака дека, и покрај сите политички несогласувања, Алијансата останува цврсто посветена на принципот на „колективната одбрана“, кој сега слободно може да го нарекуваме и принцип на „колективен напад“. Во воведниот дел од декларацијата стои формулацијата што практично претставува срцето на НАТО уште од 1949 година: „Ја потврдуваме нашата челична посветеност на колективната одбрана според членот 5 од Вашингтонскиот договор и на трансатлантската врска. Напад врз еден сојузник е напад врз сите – вели наш соговорник, пензиониран генерал на АРМ.
Членот 5 повторно во центарот
Токму оваа формулација има многу поголема политичка тежина отколку што изгледа на прв поглед. Во текот на изминатите месеци Трамп повеќепати одбиваше јасно да гарантира дека САД автоматски ќе ги исполнат обврските од членот 5 доколку некоја членка биде нападната. Истовремено, неговите остри критики кон европските сојузници, незадоволството од нивното неучество во американско-израелските операции против Иран, како и заканите со напуштање на Алијансата, отворија најсериозни дилеми околу иднината на трансатлантските односи во последните неколку децении. Затоа фактот што токму американската делегација се согласила со текстот на декларацијата претставува значаен дипломатски сигнал дека Вашингтон, барем во оваа фаза, нема намера да го сруши системот на колективна безбедност што самиот го создаде по Втората светска војна, но има намера длабоко да го реформира.
Нова поделба на одговорностите
– Значи, финалната декларација не претставува враќање кон старото НАТО. Напротив, документот практично ја официјализира новата рамнотежа што постепено се создава во Алијансата. Во него јасно се нагласува дека европските членки и Канада преземаат значително поголема одговорност за сопствената одбрана, додека Соединетите Американски Држави остануваат клучен, но не и единствен носител на безбедносната архитектура – вели нашиот соговорник, генерал во пензија.
„Градиме посилна Европа во посилно НАТО“, се наведува во текстот, при што се потенцира дека европските сојузници, заедно со Канада и во координација со САД, преземаат поголема улога во заедничката одбрана.
– Овој пристап всушност претставува институционализирање на долгогодишното американско барање Европа конечно да стане рамноправен безбедносен партнер, а не само корисник на американската воена моќ – нагласува нашиот брифер.
Русија останува главна закана
Според нашиот соговорник, во финалната НАТО-декларација од Анкара повторно недвосмислено се констатира дека Русија претставува „долгорочна закана за евроатлантската безбедност и стабилност“. Со тоа НАТО покажува дека, и покрај промените во американската администрација, стратешката процена на безбедносната средина останува непроменета. Одвраќањето на Москва и натаму останува централна задача на Алијансата, додека зголемувањето на воените капацитети добива уште поголемо значење.
Украина останува приоритет
– Еден од најконкретните делови на документот се однесува на Украина. Сојузниците се подготвени да обезбедат околу 70 милијарди евра воена помош во текот на 2026 година, а истовремено се обврзуваат поддршката во 2027 година да не биде помала од тоа ниво. Со ова НАТО испраќа сигнал дека помошта за Киев нема да зависи од краткорочни политички промени во поединечни држави, туку станува долгорочна стратешка политика на Алијансата – издвојува нашиот соговорник.
Иран како нов безбедносен предизвик
Особено внимание привлекува и делот што се однесува на Иран.
– По американско-израелската воена операција и сериозната нестабилност на Блискиот Исток, декларацијата повторува дека Иран никогаш не смее да развие нуклеарно оружје и истовремено повикува на целосно почитување на слободата на пловидба низ Ормускиот Теснец, еден од најважните светски енергетски коридори – во истиот контекст подвлекува нашиот соговорник, генерал во пензија и добар познавач на состојбите во НАТО.
Повеќе од декларација
Анкарскиот самит има свое значење. По серијата кризи – од војната во Украина, преку конфликтот со Иран, до сè поизразените несогласувања меѓу Вашингтон и европските престолнини – НАТО се обидува да покаже дека и натаму претставува единствена политичко-воена заедница способна да дејствува како целина. Но, оддалеку е забележливо дека не исчезнале сите несогласувања. Напротив, расправите околу распределбата на финансискиот товар, идните воени инвестиции, односите со Кина, безбедноста на Арктикот и идната улога на САД во Европа ќе продолжат и по самитот.
Заради сето досега кажано, финалната декларација од Анкара има дополнителна тежина. Таа претставува обид политички да му се стави крај на наративот за неизбежен распад на трансатлантската врска. Во суштина, Анкара не означува враќање кон старото НАТО, туку почеток на нов модел на Алијансата во кој Америка останува незаменлив лидер, Европа презема поголем дел од товарот, а колективната одбрана повторно се потврдува како темелна гаранција на евроатлантската безбедност. Дали таа нова рамнотежа ќе биде доволно цврста за да ги издржи идните геополитички потреси, ќе покаже веќе следната фаза од односите меѓу Вашингтон, европските сојузници и нивните глобални противници. Р.С.
































