Симптоматично е зошто во овој момент претседателот Пендаровски се сети дека законите што се носат по скратена постапка и без поширока општествена дебата ги засегаат судбините на многу граѓани, но уште повеќе ја загрозуваат и иднината на државата. По скратена постапка и без општествена дебата пред три месеца се донесоа и измените на Кривичниот законик, па претседателот без проблем потпиша, дури и побрзо од очекуваното. Сега, пак, во едни исти околности, тој не потпишува закони на кои е ставено европското знаменце (за побрзо да поминат)… Што воопшто се случува со институцијата указ за прогласување на законите (членот 75 од Уставот), односно со потписот на претседателот на Републиката?

Откако ги потпиша сите „сомнително преференцијално обележани закони со европско знаменце“, претседателот Пендаровски пред крајот на мандатот на лулашка

Ставањето на европското знаменце на закони што немаат никаква врска со европската легислатива стана вообичаена практика секогаш кога се сака да се протурка некој закон далеку од очите на јавноста, надвор од вообичаената процедура, која подразбира широка општествена дебата и носење на законот низ редовна собраниска постапка.
Откако минаа еден куп закони со европско знаменце, почнувајќи од Законот за употреба на јазиците, па до законот за опојни дроги, претседателот на државата Стево Пендаровски дури сега се сети дека не треба да потпишува закони на кои е ставено европското знаменце само колку побрзо да поминат, а кои со ништо не се поврзани со европската легислатива.
Имено, деновиве македонската јавност жестоко реагираше на најавите дека и Законот за игри на среќа би можел да влезе во собраниска процедура со европско знаменце, што значи по скратена постапка и без поголема дискусија, но сега, на пет месеци до претседателските избори, претседателот на државата се закани дека нема да потпише закон што не е во согласност со европското право.
– Не можам да верувам дека навистина докрај ќе се случи тоа, дека со европско знаменце вие би форсирале закон за кој е јасно уште отсега дека не постои јасна европска директива наспроти сите оние критики што ги имавме и од САД, кои не се членка на Европската Унија, а не пак само од евроамбасадорот тука во Скопје – истакна претседателот Пендаровски во интервју за „360 степени“.

Тој изрази надеж дека Владата, и покрај лавината критики, нема да ги турка законите што нема потреба да бидат туркани со европско знаменце, затоа што според него треба да има поширока општествена дебата, бидејќи многу судбини, кариери, опстанокот на многу наши граѓани е засегнат со конкретниот закон и со некои други закони што поминуваат во забрзана процедура.
Истиот тој претседател пред три месеца експресно го потпиша указот за измените на Кривичниот законик со кои се намалува предвидената затворска казна за злоупотреба на службена положба, без оглед на апелите што пристигаа од сите страни да не го потпишува указот бидејќи со таквите законски измени дополнително се стимулираат корупцијата и неказнивоста.
Симптоматично е зошто во овој момент претседателот Пендаровски се сети дека законите што се носат по скратена постапка и без поширока општествена дебата ги засегаат судбините на многу граѓани, но уште повеќе ја загрозуваат и иднината на државата.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека претседателот Пендаровски нема да ја добие поддршката за уште еден мандат и затоа сега истапува со ваква додворувачка реторика за граѓаните.
– Стево Пендаровски е свесен дека нема да биде кандидат и сега се обидува да глуми некаков загрижен и самосвесен претседател. Граѓаните го видоа неговото вистинско лице со потпишување на измените на Кривичниот законик и неговото време неславно заврши. Ќе биде запаметен како најлошиот претседател на Македонија, кој активно ги поддржал невладеењето на правото и неказнивоста на функционерите – вели Пекевски.
Други аналитичари со кои се консултиравме сметаат дека претседателот Пендаровски со ваквиот наратив всушност ја започнува предизборната кампања, иако сè уште не го изнел јасно својот став дали ќе се кандидира за уште еден мандат.
– Очигледно претседателот Пендаровски сега забрзано почнува де се подготвува за избори и затоа излегува со вакви изјави. Тој во својот мандат потпиша многу закони со европско знаменце иако знаеше дека тие немаат допирни точки со усогласувањето со европското законодавство. Неодамна го потпиша и указот на измените на Кривичниот законик што исто поминаа по скратена постапка и со европско знаменце, иако е свесен дека на тој начин само дополнително ќе се стимулираат корупцијата и неказнивоста. Сега одеднаш некој да вели дека законите по скратена постапка загрозуваат многу луѓе и судбини е повеќе од провидно и лицемерно оти конзистентен став за некои работи требало да има цел мандат, а не сега, на неколку месеци пред избори, да кажува што не било добро за граѓаните – посочуваат соговорниците.