Одбележувањето 81 година од депортацијата на Евреите од Македонија започна вчера со манифестациите во Битола (лево) и Штип (десно) / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Холокаустот на македонските Евреи од страна на бугарскиот фашистички окупатор е еден од клучните моменти на македонската историја, кои не смеат да бидат заборавени, ниту да се дозволи да бидат предмет на историска ревизија!

Од 9 март, во Македонија се одбележува сеќавањето, т.е. 81- та годишнина од депортацијата на македонските Евреи во фашистичкиот логор на смртта „Треблинка“. На 11.3.1943 година, 7.144 македонски Евреи од Скопје, Битола и од Штип се депортирани во логорот на смртта – „Треблинка“ што е и еден од највисоките проценти на депортирани Евреи во светот според бројот на население (98 отсто). Депортацијата на Евреите од Македонија претставува настан без преседан од Втората светска војна, во режија на владите на фашистичка Бугарија и нацистичка Германија, за систематска елиминација на еврејското население од т.н. „новоослободени територии“ од страна на бугарската власт. Сите Евреи од Македонија биле депортирани во логорот „Треблинка“, каде што биле задушени во гасни комори. Од „Треблинка“ не се вратил никој. Не останал ниту еден сведок да прераскаже за стравотиите на уништувањето на еврејското население од Македонија. Документите се единствените сведоци за докажувањето на судбината на Евреите во Македонија. Од Вардарска Македонија биле иселени над 7.000 Евреи, додека вклучувајќи ги и оние од Егејска Македонија и Тракија околу 11.400.

Програма за тридневно одбележување на споменот за 7.144 депортирани Евреи од скопскиот Монопол

Во рамките на Комеморативната програма по повод 81 година од холокаустот на македонските Евреи, вчера, во Штип (10 март 2024) беа реализирани повеќе настани. Во Советот на Градот се одржа комеморативна програма на која се обрати градоначалникот Иван Јорданов, а потоа беше спроведена „Поворката на живите“ – од Општина Штип до Споменикот на депортираните Евреи каде што беше положено цвеќе. Програмата беше заокружена со театарската претстава „Детето во пругасти пижами“ во Народниот театар – Штип.
Активностите за оддавање почит на жртвите на холокаустот од Македонија, во Битола започнаа уште во саботата, на 9 март, со театарската претстава „Детето во пругасти пижами“ во Народниот театар, и се одржуваа во текот на целиот викенд. Во неделата, на 10 март, пред споменикот на депортираните Евреи од Битола – „Камена менора“, и споменикот на Естреа Овадија Мара беше положено цвеќе, а потоа се одржа и „Поворка на живите“ од здравствениот дом „д-р Хаим Абраванел“ до железничката станица, каде што се обрати градоначалникот Тони Коњановски.

А скриена опасност од активирање спирала за историски ревизионизам со евентуалното исполнување на условот „Бугарите во македонскиот устав“ е апсолутно присутна, и тоа како континуиран предизвик во македонската политичка реалност и јавноста треба да биде свесна за тоа!

Централните комеморативни активности се одржуваат денеска (11 март 2024), во Скопје, со оддавање почит пред Споменикот на 7.144-те депортирани Евреи од Македонија во скопскиот Монопол. Обраќање ќе имаат претседателот на Еврејската заедница во земјава, Пепо Леви, претседателот на техничката влада, Талат Џафери, и амбасадорката на Израел, Симона Франкел. Потоа ќе се оддаде почит на Могилата на депортираните Евреи од Македонија и на Споменикот на паднатите борци од НОБ на градските гробишта „Бутел“. Цвеќе на Споменикот кај поранешниот скопски Монопол ќе положи и собраниска делегација, предводена од потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски.
Комеморативните активности по повод 81 година од депортацијата на македонските Евреи ќе завршат со комеморативна вечер во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, на која ќе се обратат и претседателот на државата, Стево Пендаровски, претседателот на Еврејската заедница во земјава, Пепо Леви, и специјалниот претставник на Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Михаел Сарацин.
Одбележувањето 81 година од холокаустот на македонските Евреи, од 9 до 11 март 2024, е организирано од Еврејската заедница во Република Македонија и од Фондот на холокаустот на Евреите од Република Македонија.

Фото: Еврејска заедница на Република Македонија

Не смее да се дозволи историска ревизија на холокаустот на македонските Евреи од страна на бугарскиот фашистички окупатор

Оваа историска тема, за депортацијата на Евреите од Македонија од страна на бугарските фашистички окупациски власти за време на Втората светска војна, на мошне контроверзен начин, преку обиди за ревизија на историјата, беше актуализирана во денешниот политички амбиент во државата. Имено, минатата година, преку обидот да се инфилтрира во Македонија т.н. бугарски културен центар со име „Цар Борис“ (челникот на Бугарија во Втората светска војна, кој ја одобрил депортацијата на Евреите од Македонија) се направи дрска провокација, евидентно со цел да се саботираат македонските евроинтеграции. Истовремено, преку таквиот политичко-провоцирачки притисок, оваа тема за депортацијата на македонските Евреи во Втората светска војна се „додаде“ како еден од низата елементи во ревизионистичките тенденции скриени во условите на францускиот предлог за продолжување на македонските евроинтеграции. Практично, со „дискретно“ наметнатата идеја за историско пренебрегнување на фашистичкиот карактер на бугарската окупација на територијата на денешната македонска држава, Македонија (сѐ уште) може да биде доведена во ситуација да ѝ биде натоварена вината за злосторствата направени во Втората светска војна на нејзина територија, иако во основата на својата државност ја има антифашистичката борба токму против бугарските окупациски сили. Таквите провокативни барања за ревизија на македонската историја се чини како да се привремено стивнати од бугарска страна, но т.н. француски предлог на преговарачката рамка од ЕУ за Македонија и понатаму е услов за отворање на поглавјата во преговорите со Унијата и понатаму е услов од кој Бугарија не отстапува. Така што скриената опасност од активирање на спиралата за историски ревизионизам со евентуално исполнување на условот „Бугарите во македонскиот устав“ е присутна како континуиран предизвик во македонската политичка реалност. Холокаустот на македонските Евреи од страна на бугарскиот фашистички окупатор е еден од клучните моменти во македонската историја, кои не смеат да бидат заборавени, ниту да се дозволи да бидат предмет на историска ревизија.