Фото: Игор Бансколиев

Признание за фоторепортерот на „Нова Македонија“, Игор Бансколиев

Фоторепортерот на „Нова Македонија“, Игор Бансколиев, е добитник на наградата за најдобра репортерска фотографија „Никола Младенов 2021“ што ја додели Македонскиот институт за медиуми, за фотографијата „Херојот од Дељадровци“, објавена во дневниот весник „Нова Македонија“.
На годинашниот конкурс што беше објавен на 9 февруари и траеше до 7 март, во категоријата најдобра репортерска фотографија биле пријавени 15 фотографии, а одлуката оваа година наградата да му припадне на Бансколиев ја донесе комисијата во состав Јадранка Костова, главна уредничка на „Фокус“, Борис Грданоски – фоторепортер, Александар Манасиев, Верица Јорданова, претседателка на Управниот одбор на МИМ, и Билјана Петковска, директорка на МИМ.
– Оваа награда ми е посебно драга бидејќи доаѓа во момент на два јубилеја, 20 години од МИМ и 20 години од мојата фоторепортерска кариера. Оваа награда секогаш ќе остане во моето сеќавање, бидејќи ми се случува во време кога и самиот одбележувам убав јубилеј – вели Бансколиев.
Тој е посебно задоволен затоа што комисијата била едногласна околу изборот на неговата фотографија.

– Авторот Бансколиев со оваа фотографија на најдобар начин го покажал поединецот во борбата со огнената стихија, притоа демонстрирајќи креативност, висок естетски израз и чувство за композиција – наведуваат од комисијата, објаснувајќи ги елементите што биле клучни да се одлучат за фотографијата „Херојот од Дељадровци“.
Инаку, оваа фотографија, како што објаснува самиот Бансколиев, настанала во август минатата година, кога атарот на скопско Дељадровци бил зафатен од пожар, при што огнената стихија се заканувала и на железничката линија, која поминува во непосредна близина.
Објективот на фоторепортерот на „Нова Македонија“ успешно ги доловил борбата на еден млад човек со огнот и неговата хумана мисија да спречи поголема катастрофа. Полуголото момче, исцрнето и зачадено, непрекинато со канта во раката ги полеваше пламените јазици непосредно до пругата, беспоштедно вложувајќи го своето здравје за заштита на другите.
Фоторепортерот Игор Бансколиев, во својата долгогодишна кариера, е добитник и на други многубројни награди. С.Т.