Фото: Принт-скрин

Појавата на фракција во ВМРО-ДПМНЕ објавена од поранешниот еднодневен министер за внатрешни работи Оливер Андонов предизвика потрес на политичката сцена со превирањата во најголемата опозициска партија, како и шпекулациите за одредена поврзаност со уставните промени од кои зависи почетокот на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија. Андонов денеска најави повик за обединување на партиските комитети, истакнувајќи ги како цели оставката на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како и организирање на избори за нов претседател на партијата. Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу во изјава за „Нова Македонија“ истакнува дека ваквата состојба во ВМРО-ДПМНЕ би можела да донесе и позитивно влијание во партијата.

– Ситуацијата не е драматична. Ова претставува стандардна практика кај партиите. Различното мислење може да биде позитивно, односно не е лошо да има фракции, бидејќи кај нас има султан-партии во кои важи мислењето на еден човек. Можеби појавата на фракции може да омекне одредени ставови – смета Муслиу.

Тој нагласува дека активноста на фракцијата не значи оти ќе дојде до расцепување на партијата.

– Фракцијата треба да одреди главна тема за која ќе се залага. Дали тоа ќе бидат односите со соседите или евроинтеграциите, што би можело да биде поврзано со уставните промени, ние како општество можеме да имаме корист. ВМРО-ДПМНЕ, сепак, е голема партија. Ова не значи дека ќе го дојде до расцепување на партијата, туку би можела да се развие здрава дебата со различни мислења – вели Муслиу.

Андонов посочи дека фракцијата е поддржана од ветерани, основачи на ВМРО-ДПМНЕ,  членови и некогашни функционери на партијата, како и од луѓе во актуелното раководство.  Тој нагласи дека не станува збор за паралелна структура, туку дека ќе делуваат како фракција внатре во партијата. Мицкоски, пак, не сакаше да го коментира денешното барање на Андонов и на други членови на ВМРО-ДПМНЕ за негова смена, туку наведе дека партијата станува сѐ посилна и пообединета.