Додека на светско ниво трговијата со оружје опаднала за 4,6 отсто, европските држави ги зголемиле набавките во оваа област за 19 отсто. Европа во последните четири години е регион со најголем раст на увозот на оружје во светот, покажало истражувањето на СИПРИ

Истражување на стокхолмскиот мировен институт СИПРИ

Во изминатите пет години во светот се купувало помалку оружје. Но парадокс е дека европските држави, пак, ги зголемиле воените набавки за една петтина!?
Имено, додека на светско ниво трговијата со оружје опаднала за 4,6 отсто, европските држави ги зголемиле набавките во оваа област дури за 19 отсто! Така, Европа стана регион со најголем раст на увозот на оружје во светот! Соседните земји на Русија купувале американски авиони, додека „Украина купувала тоа што можела да си го дозволи“, велат информациите на стокхолмскиот мировен институт СИПРИ, кои се однесуваат на периодот од 2017 до 2021 година, односно пред избувнување на руско-украинската војна.

Зошто се вооружува Европа?

Питер Веземас, еден од авторите на истражувањето објавено за СИПРИ, смета дека станува збор за „загрижувачко вооружување“ на Европа. Ијан Ентони, директор на одделението за европска безбедност на институтот СИПРИ, смета дека во овие податоци се крие одговорот на НАТО на „руската анексија на Крим во 2014 година и агресијата во Донбас“. Според него, ова е пресвртниот момент за НАТО, кога одлучува да го „сврти трендот на опаѓачките издатоци за одбраната“.
Според домашните воени и политички аналитичари, последните резултати од анализи на СИПРИ може да се сфатат како дел од превентивни причини, што во воената теорија подразбира состојба кога некоја земја се вооружува за да превенира или да спречи нешто од соседна земја, особено да спречи напад со онеспособување на непријателот.
– Новите односи во Европа го потврдуваат ова. Такви примери има и на Балканот. Минатите години бевме сведоци на обидите на Србија и Хрватска да ги осовременат своите армии, па едните купуваа воена руска опрема, а другите се снабдуваа со западноевропско вооружување. Секоја земја, па и европските држави, гради сопствени одбранбени стратегии, без разлика што се можеби и дел од колективните безбедносни системи. Важно е да се напомене дека тоа го прават од одбранбени цели, односно за одбрана од надворешни напади, а не за извршување напади на други земји. Секако, купувањето оружје се врши во консултации со партнерите и не секое оружје може да биде дозволено да се набави – ни изјави Пецо Трајковски, од НВО-центарот за стратегиски истражувања и анализи.

Нарушените односи се важен поттикнувач на порастот на европскиот увоз на оружје

Во набљудуваниот период има и промени во редоследот на големите извозници на оружје, што дава нова слика во меѓународниот натпревар што владее меѓу водечките воени индустрии. Во Русија, која е втора по ред светска извозничка на оружје (по САД), извозот на оружје се намалил за 26 отсто. Ова се должи на намалените нарачки од Индија и Виетнам, но во наредните години се очекуваат големи набавка на руско оружје за индиската армија, наведуваат извори на СИПРИ. Намалувањето на кинескиот извоз изнесува 31 отсто. Германија, која е петта на листата на земји извознички на оружје, исто така, го намали извозот за 19 отсто. САД извезле 14 отсто повеќе оружје од периодот на истражувањето. Франција, која била на трето место, ја зголеми својата продажба за 59 отсто.
– Во овој период имаше забележително влошување на односите меѓу најголемиот број европски земји и Русија. Нарушените односи се важен поттикнувач на порастот на европскиот увоз на оружје. Тоа се пред сѐ државите што сопствените потреби не можат да ги покријат со домашно производство на оружје – пишува Веземан.
САД беа и главни испорачувачи на воена опрема за европските држави, а тоа беше најмногу со продажба на борбени авиони. Велика Британија, Норвешка и Холандија заедно нарачале вкупно 71 повеќенаменски борбен авион „Ф-35“. Исто така, и земјите што имаат долги граници со Русија во претходните две години нарачувале авиони. Финска има намера да набави 64, а Полска 32 авиона од типот „Ф-35“.
Според македонскиот безбедносен аналитичар Пецо Трајковски, трендовите за подобрување на националните армии на државите во Европа ќе продолжат, затоа што, и покрај заложбите за воспоставување мировен дијалог, секоја земја ќе настојува да ја подобри својата национална безбедност.

– Овде не се во прв план интересите на големите воени индустрии, туку првенствено се во прашање надворешните политики на поширок меѓународен план. Да не заборавиме дека Балканот, односно земјите од Западен Балкан претставуваат и надворешната граница на Европската Унија. Во изминатиот период овој регион беше под безбедносни закани од терористички акции, кои би биле мотивирани од случувањата на Блискиот Исток. Ако гледаме низ призмата на Македонија, добро е што сме под колективната одбрана на НАТО, но тоа не значи дека не треба да се гради и сопствен план за одбрана, кој ќе е усогласен со нашите партнери. Македонија во моментот е изложена и на хибридна војна, која можеше да се види и со нападите на македонското министерство за одбрана – нагласува Трајковски.
Што се однесува до Украина, таа во периодот 2017-2021 година увезла помалку оружје, а тоа, според истражувањето на СИПРИ, се должи на „ниската куповна способност на земјите и на фактот дека Украина поседува сопствена воена индустрија и располага со значителни капацитети на оружје, претежно од советско производство. Наедно, и големите извозници на оружје се воздржувале од големи испораки, поради загриженоста дека со тоа можат да го поттикнат судирот со отцепените делови од Украина. Во поголемите набавки за украинската војска се споменуваат 12 дрона од Турција, 540 противтенковски ракети од САД, од Чешка се купени 87 оклопни возила и 56 парчиња артилериско оружје. М.Ј.