Брисел зборува за стратешка автономија и конкурентност на ЕУ, а клучните реформи тапкаат во место
- Само 15,7 отсто од препораките на Марио Драги се целосно спроведени. Додека Брисел зборува за стратешка автономија и европска
конкурентност, клучните реформи тапкаат во место. Веќе се гледа дека проблемот лежи во политичката способност на Унијата да ги
претвори идеите во одлуки, а одлуките во реформски зафати. Звучи познато?
Во Европската Унија сите се согласуваат дека промените се неопходни, но многу тешко се постигнува договор кој треба да ги направи и кој треба да се откаже од дел од своите национални интереси.
Само 15,7 отсто од предложените реформи на Марио Драги се целосно реализирани
Речиси две години по објавувањето на извештајот на Марио Драги (италијански економист и поранешен претседател на Европската централна банка (2011–2019), познат по тоа што помогна да се стабилизира еврото за време на должничката криза во Европа), односно извештајот за иднината на европската конкурентност, аналитичарите се со констатација дека резултатите се далеку од очекуваното.
– Само 15,7 отсто од предложените реформи се целосно реализирани, додека значаен дел од другите се само делумно спроведени. За Брисел тоа е повеќе од катастрофа. Европа е веќе во ризична зона да ја изгуби трката за конкурентност во момент кога глобалната економска карта се менува побрзо од кога било – вели наш соговорник, финансиски експерт од Брисел.
Марио Драги го предупреди Брисел
Кога експертот Драги го претстави својот извештај, неговата порака беше директна дека „Европа не може да продолжи со досегашниот модел ако сака да остане економски релевантна во светот во кој САД и Кина ги диктираат темпото и технологијата“.
– Европската економија располага со огромен пазар, висококвалификувана работна сила и силна индустриска база. Но, зад овие предности, според извештајот и констатациите на Марио Драги, се крие хронична слабост, а тоа е „фрагментиран економски простор во кој националните регулативи, различните интереси и ограничената мобилност на капиталот ја намалуваат конкурентноста“. Драги предложи токму тука еден фокус. Имено, со продлабочување на единствениот пазар, подобро поврзување на европските финансиски пазари, поголеми инвестиции во технологијата и инфраструктурата и поефикасен енергетски систем. Но економската логика не секогаш се совпаѓа со политичката реалност – вели нашиот соговорник од Брисел.
Најтешко се менуваат работите што бараат заедничка одлука
Европа има долгогодишен проблем со интеграцијата на пазарите на капитал. Огромни количества европски заштеди постојат, но тие не се претвораат доволно ефикасно во инвестиции во европски компании. Слична е ситуацијата и со енергетиката.
– Заедничкиот европски пазар постои формално, но националните интереси, инфраструктурните ограничувања и различните енергетски стратегии продолжуваат да создаваат предизвици на концептот на актуелниот Брисел. Токму овие области се меѓу оние каде што напредокот во спроведувањето на Драгиевите препораки е најбавен.
Според мојата анализа на оригиналниот извештај, во делот што се однесува на подлабока интеграција на пазарите на капитал и енергетиката, законодавниот напредок е особено ограничен. Тоа е и најголемиот парадокс на европската политика, а тоа е дека се најпотребни токму реформите околу кои е најтешко да се постигне политички договор – вели нашиот соговорник, финансиски експерт од администрацијата на ЕУ од Брисел, додавајќи дека националните интереси се враќаат на голема врата.
– Зад европската реторика за единство повторно избиваат на површина националните интереси. Владите на земјите членки не сакаат лесно да се откажат од контролата врз финансискиот систем, енергетиката или врз индустриската политика. За нив, европската интеграција има граница, а таа граница се повлекува таму каде што почнуваат чувствителните национални интереси. Во услови на растечка политичка поларизација, секоја реформа што бара дополнително пренесување на овластувањата кон европско ниво станува потенцијално политички ризична. Затоа проблемот со Драгиевиот план не е само бирократски. Тој е суштински политички – анализира соговорникот.

Европа ја губи битката за продуктивност
Во меѓувреме, глобалната конкуренција не чека. Американските компании продолжуваат да привлекуваат огромен капитал во технологијата и вештачката интелигенција, додека Кина забрзано ја развива својата индустриска и технолошка база. Европа, пак, се соочува со комбинација од високи трошоци за енергија, регулаторна комплексност и релативно слаб раст на продуктивноста.
Токму затоа Драги предупреди дека прашањето за конкурентноста не е прашање на престиж, туку на економски опстанок.
Ако европските компании станат трајно помалку конкурентни, последиците ќе се почувствуваат во инвестициите, работните места, платите и во јавните приходи.
Предизвикот на временската рамка за Брисел
Според нашиот соговорник, најголемиот проблем е времето.
– До крајот на 2027 година останува ограничен простор за спроведување на реформите. А кога од една страна стои само 15,7 отсто целосно реализирана агенда, а од друга страна се потребни сложени европски преговори, законски измени и национални одлуки, станува јасно дека темпото мора значително да се забрза. ЕУ преку своите институции може да носи стратегии, да објавува документи и да поставува цели. Но без политичка волја во главните европски престолнини, тие остануваат само добро напишани документи. Токму тука се наоѓа вистинскиот тест за ЕУ – тврди нашиот соговорник.
Извештајот на Марио Драги како тест за Европа
Европа денес не страда од недостиг од анализи. Таа знае каде се нејзините слабости и знае што треба да направи. Но дилемата е дали 27 држави можат да постигнат доволно брз договор за да дејствуваат како една економска сила?
– Ако одговорот на ова ваше прашање остане бавен и фрагментиран, извештајот на Марио Драги би можел да остане запаметен како уште еден документ во низата европски стратегии што прецизно ги дијагностицирале проблемите, но не успеале навреме да ги решат. А за Европа, морам да нагласам дека 2027 година не е само рок на календарот. Тоа е рок за политичка одлука за тоа дали Унијата ќе ја забрза реформската машина, дали ќе дозволи нејзините конкуренти да продолжат да ѝ бегаат или во крајна линија ќе се постави јасно прашањето што веќе суверенистите низ Европа, а особено во Германија, преку АфД го поставуваат: Здрава реформа или почеток на распадот на Унијата? – констатира на крајот на брифингот нашиот соговорник од Брисел. Е.Р.
































