Фото: Маја Јаневска Илиева

До 18 часот до Државната изборна комисија пристигнати се податоци за излезност на гласачите од 1.200 избирачки места. Од вкупно запишани 612.850 гласачи на овие избирачки места, гласале 291.777 односно 47,61%.

Според податоците за излезеност кои што се пристигнати досега, најголема излезност е забележана во Новаци со 71,07% додека најмала е излезеноста во Шуто Оризари, 22,06%. Гласањето досега се одвива мирно на сите избирачки места.

До овој момент до ДИК се доставени вкупно 345 приговори за заштита на личното избирачко право. Од нив 98 приговори се усвоени и на избирачите им е овозможено да го остварат своето право на глас, 36 приговори се отфрлени како неуредни а 46 приговори се одбиени. Останатите приговори се во обработка.

Првичните неофицијални резултати од првиот круг на претседателските избори ДИК ќе ги објави околу полноќ.

– Ние во 19.30 часот имаме уште една прес-конференција на која ќе биде соопштена вкупната излезеност на првиот круг на Претседателските избори. Со оглед дека податоците ги добиваме од Општински изборни комисии со помош на ИТ лица се надеваме дека пред полноќ ќе ги имаме резултатите во над 50 проценти и ќе може да ги објавиме – рече претседателот на ДИК Александар Даштевски попладне на прес-конференција.

Тој прашан дали има податоци за прекин на гласањето на одредени гласачки места истакна дека официјални приговори и податоци има само за три избирачки места во Куманово, едно каде бил изгубен печат, а на две поради тоа што не работел уредот за биометриска верификација.

Дикмире Шеху појасни дека согласно Изборниот законик на места каде гласањето не почнало повеќе подолго од три часа тоа се прекинува, а такви биле три места во Куманово.

-Во другите избирачки места гласањето тече нормално. Таму каде има прекин помалку од три часа, како половина час или еден час, на тие места ќе продолжи гласањето за толку за колку што бил прекинот. Од другите избирачки места како ДИК немаме никакви официјални приговори доставени до нас ниту до општинските изборни комисии, ниту до избирачките одбори бидејќи сме во координација со сите нив – рече потпретседателката Шеху.

На новинарско прашање за тоа дали ДИК има податоци дека на Избирачкиот список имало и починати лица, таа истакна дека Комисијата ги добива податоците од МВР и Управата за водење матична евиденција.

– Согласно Изборниот законик сите граѓани 30 дена пред избори ќе починат се дел од избирачки список бидејќи тогаш е заклучен – рече таа.

Додаде дека четири пати годишно ДИК го прочистува Избирачкиот список со податоци кои ги добива од други интитуции со кои, како што рече, е во постојана координација.

Исто така, имало и случаи во кои одреден број гласачи не се пронашле на списоците за гласање и ним, како што појасни Даштевски, им било овозможено да поднесат приговор кој преку ОИК доаѓа до ДИК.

-Ние го бараме тука во списокот зашто не се појавува, ако е се во ред, а гледате приличен број приговори ги усвојуваме со решение му се дозволува да гласа – рече Даштевски додавајќи дека станува збор за стотина вакви лица.